Меѓу главните ликови се Хитлер, Мусолини, Сталин, Черчил и Наполеон. Се појавува дури и Исус Христос. Големите водачи се сите заедно на оној свет и водат бескрајни разговори чекајќи ја одлуката на Севишниот - дали пред нив ќе се отворат портите на Рајот или не.
Во нивните мисли тие се сé уште на Земјата, никому не му е до одмор, никој не размислува за вечен мир (покој), туку за тоа како да ја сврти историјата како што му одговара.
Ова е петтиот дел од најголемиот и најпознат циклус на Сокуров посветен на природата на моќта. На почетокот тоа беше трилогија: „Молох“ (1999) за Хитлер, „Бик“ (анг. „Taurus“; рус. „Телец“, 2001) за Ленин, „Сонце“ (2005) за јапонскиот цар Хирохито. Во 2015 година на трилогијата ѝ беше додаден „Фауст“ базиран на мотивите на трагедијата на Гете, со кој на фестивалот во Венеција го освои „Златниот лав“. И последен во циклусот е филмот „Бајка“, кој ги сумира размислувањата на режисерот за тоа како неограничената власт го менува човекот.
Во основата на филмот е документарна хроника.
Според Сокуров, додека го подготвувал филмот, тој ги погледнал сите достапни снимки во светските филмски архиви и како во официјалните филмски хроники на сите архиви се прикажани неговите ликови. За време на одредени церемонии тие стојат на трибини, држат говори или полека одат. Некој би рекол дека од таков материјал е тешко да се направи нешто поврзано или, што е уште поважно, нешто интересно. Но, Сокуров дојде до интересна идеја. Со помош на модерната компјутерска технологија тој ги пренесе светските лидери во задгробниот свет и ги смести заедно во ист кадар. Така, нивните лесни „прошетки“ добија драматичен ефект. Тие не шетаат тукутака, тие просто тепаат време чекајќи ја разрешницата на нивната понатамошна судбина.
„Бајка“ не е првиот технолошки експеримент во кариерата на Сокуров. „Руска арка“ („Русский ковчег“) е уникатен пример на комплексен филм со многу ликови и мноштво статисти, снимен во еден непрекинат кадар во Зимскиот дворец. Денес во оваа поранешна резиденција на руските цареви се наоѓа музејот Ермитаж.
Особено вреди да се истакне уметничкото решение на задгробниот свет во филмот. Црно-белиот пејзаж е во склад со бојата на ликовите земени од кадрите на документарните хроники. Како очигледни визуелни извори на инспирација послужија илустрациите на Гистав Доре за „Божествената комедија“ на Данте, римските гравури на архитектот Џовани Батиста Пиранези и филмот на Арнолд Беклин „Островот на мртвите“.
Од таков заплет неизбежно очекувате сериозна, мрачна интонација. Меѓутоа, овде тоа не е случај. Во филмот има многу хумор. Дијалозите и монолозите на ликовите, при што секој зборува на својот јазик (Черчил на англиски, Наполеон на француски, Сталин на грузиски итн.) се полни со цитати или референци на нивни вистински говори. Поради местото на дејствието, многу од она што е кажано звучи прилично иронично.
На пример, Черчил нервозно му напоменува на Сталин дека ветил, а не го исполнил ветувањето да изгради фабрика за коњак во Британија, што е алузија на познатата анегдота како на конференцијата во Јалта советскиот лидер го почестил британскиот премиер со ерменски коњак, а вториот наводно бил воодушевен од пијалакот. Има и шеги за модерните шеги, на пример кога ликовите еднаш го спомнуваат самиот Сокуров. Очигледно не биле воодушевени од неговите претходни филмови за владетелите.
Во една сцена Хитлер вели: „Престани веќе да се вртиш!“ и фрла граната на ветерница. А еден од ликовите веднаш им сугерира да го викнат Сервантес да види како треба да се бори против ветерниците.
За жал, Александар Сокуров снима сé помалку. Неговиот претходен филм „Франкофонија“ (кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција) излезе во 2015 година, а „Фауст“ во 2011 година. Презентирајќи го „Бајка“ на фестивалот во Локарно, Сокуров потсети дека токму таму, на тој фестивал, во 1987 година бил прикажан неговиот дебитантски филм „Осамениот глас на човекот“ („Одинокий голос человека“), кој потоа ја освоил наградата „Бронзен леопард“. Режисерот смета дека е симболично тоа што во Локарно се одржа и премиерата на „Бајка“, кој можеби ќе биде негов последен филм.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче