Каков бил односот на Пушкин, Толстој и Достоевски кон царевите

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain)
Во 19 век Русија била „литературоцентрична“ земја. Царевите ги познавале и ги читале сите значајни писатели, размислувале за нивните дела, ги казнувале и им простувале. А, што мислеле писателите за своите владетели?

Александар Пушкин – од омраза до љубов

Најголемиот руски поет имал посебен однос со власта. Во 1834 година Пушкин запишал: „Имам видено тројца цареви: првиот нареди да ми ја симнат капата и поради мене ја искара мојата дадијарка; вториот не ме трпеше; третиот, иако во старите денови ме стави во пажевите, не би го менувал за четврти; од добро не треба да се бара подобро“.

Ајде да протолкуваме. Првиот бил Павел Први, тој го видел Пушкин кога поетот бил мало дете. Имено, Поетот е роден во 1799 година, а Павел е убиен во 1801. Притоа Пушкин во својата ода „Слобода“ алудира на тоа дека убиството дошло со премолчена согласност на синот и негов наследник Александар Први.

Вториот цар бил токму Александар. Младиот и страстен Пушкин со него од почетокот имал лош однос. Поради слободоумните стихови, императорот го испрати поетот во прогонство на југот од земјата, а потоа го затвори на семејниот имот во Михајловское. Меѓутоа, токму тоа го „спасило“ Пушкин да земе учество во Декабристичкото востание, каде што имало многу негови пријатели и многумина потоа се протерани на Сибир. Поетот со нив длабоко сочувствувал и им упатил стихови полни надеж:

„И ќе паднат тешките окови ваши,

Слободата ќе ве дочека,

Сите темници ќе исчезнат

и меч браќата ќе ви дадат.“

Во „Евгениј Онегин“ Пушкин мошне остро се „пресметува“ со Александар, нарекувајќи го: „владетел слаб и лукав“ и „ќелав кицош“. Додека победата на Александар над Наполеон Пушкин ја смета за „случајна“ слава. Однесувањето на рускиот цар во таа војна и неговото кукавичлук поетот повеќе пати ги исмевал во своите епиграми.

Третиот цар што го запознал Пушкин бил Николај Први. Се сметало дека овој цар е слабообразован грубијан, но Пушкин исклучително го ценел и бил покрај него. Николај во суштина бил личен цензор на Пушкин и самиот ги читал сите негови дела пред печатење. Освен тоа, царот на Пушкин му дал место дворски историограф, му дал пристап до архивите и му дозволил да работи на Историјата на Востанието на Пугачов и на други теми што го интересирале.

Николај на поетот му дал дворско звање „камер-паж“ (всушност камер-јункер), што тогаш веќе славниот 34-годишен Пушкин го доживеал како понижување, но тоа му обезбедило примања и најразлични привилегии. Има и некои пикантни аспекти во нивниот однос: имено, се зборувало дека на Николај му се допаѓала сопругата на Пушкин и тој поради тоа бил ужасно љубоморен.

Поетот имал специфичен однос и кон Петар Први, кому му ја посветил поемата „Бронзениот коњаник“ во која истовремено му се восхитува на моќта и на величината на Петар, но му замерувал поради суровоста кон сопствените луѓе и кон сопствената земја.

Освен тоа, Пушкин бил правнук на Абрам Ханибал, Етиопјанец, кого Петар го примил во своја служба и кому му бил кум на крштевањето (и му го дал своето име како татково име). За ова поетот ја напишал незавршената посвет „Арапинот на Петар Велики“.

За царската власт Пушкин многу размислува и во своите дела повеќе пати се врти кон оваа тема. Во трагедијата „Борис Годунов“, на пример. Додека во романот „Капетановата ќерка“ Пушкин ја прикажал Екатерина Втора како великодушна и мудра царица.

За Лав Толстој сите владетели биле „глупави и развратни“

Лaв Толстој

Во романот „Војна и мир“ Лав Толстој големо внимание му посветува на Александар Први. Тој креира лик на обичен човек со најразлични особини, вклучувајќи ситничавост, гордост, пречувствителност (Толстој впечатливо прикажува како императорот ползи при погледот на ранетите). Се стекнува впечаток дека ликон на Наполеон на Толстој му е значително посимпатичен и дека Александар – „ослободителот на Европа“ – тој не го го смета за суштински голем владетел. Притоа писателот прикажува со каква длабока почит се однесуваат Русите кон царот, како се восхитуваат на самото негово присуство.

А, сепак, со извесни оградувања може да се каже дека Толстој е анархист. Тој не признавал никаква власт и не се плашел од никакви авторитети, отворено покажувајќи ги недостатоците на владетелите. Толстој ја сметал државата за пљачкосувач кој на човекот што се родил на своја земја му го одзема правото истата да ја користи.

Според мислењето на Толстој, целата историја на Европа е историја на глупави и развратни владетели, „кои убивале, доведувале до сиромаштија и, што е најважно, морално го расипувале својот народ“. Кој и да седнел на престолот, секогаш се повторувало едно исто: смрт и насилство над луѓето. Според мислењето на писателот, владеат секогаш оние „најлошите, ништожни, сурови и неморални и што е најважно, лажливи луѓе“. Како токму овие особини да се неопходен услов да се најде некој на власт.

Во статијата „Само едно е потребно. За државната власт“, Толстој мошне грубо ги опишува руските цареви, нарекувајќи го Иван Грозни „душевно болен“, Екатерина Втора „Германка со бесрамно-развратно однесување“, а Николај Втори, на пример, „малоумен хусарски офицер“.

Александар Трети, кој, патем, мошне ги ценел делата на Толстој, писателот го нарекува „Глупав, груб и незнајко“. Притоа омилената тетка на писателот Александра, на пример, била дворска дама на царицата Марија Фјодоровна, сопругата на Александар Трети. Влијателната роднина се погрижила Лaв Толстој да не биде казнет поради бунтовничкиот расказ „Кројцерова соната“. Расказот е едноставно забранет, но писателот не претрпел никакви последици.

Фјодор Достоевски – убеден монархист

Портрет на Достоевски, дело на Василиј Перов

Односот на Достоевски со власта минал низ мошне драматични фази. Во младоста под влијание на литературниот критичар Висарион Белински Дoстоевски стасал до револуионерно настроениот кружок на „петрашевци“ и на еден состанок го прочитал забранетото „Писмо на Белински до Гогољ“, каде тој во најмрачни бои го опишува животот во Русија.

Поради тоа во 1849 година е уапсен заедно со другите членови на кружокот. По осим месеци затвор, писателот е осуден на смртна казна. Дури на губилиштето Достоевски и другите „петрашевци“ добиле помилување од Николај Први. Казната им е преиначена во сибирски работен логор. Еден од осудениците го изгубил разумот поради толку драматичната ситуација, а ниту психичката состојба на Достоевски не била стабилна

Поради сите тие настани, писателот сменил многу ставови. Се приклучил на движењето познато како „почвеники“ (од зборот почва), ја открил „руската самосвојност“ и значењето на руската идеја, а исто така станал убеден монархист. Штетноста од револуционерните идеи и од револуционерното расположение на младината убедливо ги опишал во романот „Зли дуси“.

Достоевски имал и директни контакти со царското семејство. Александар Втори, кој официјално ги помилувал „петрашевците“, многу подоцна го повикал писателот со цел со разговор да ги воспита неговите синови Сергеј и Павел. Достоевски не се сретнал со царот, но трипати ручал со великите кнезови, објаснувајќи им го своето видување за иднината на Русија. Разговарал со нив, меѓу другото, и на политички теми.

На писателот многу му се допаднала личноста на престолонаследникот – идниот Александар Трети, а и тој многу го ценел Достоевски, особено неговиот роман „Зли дуси“. Идниот цар во 1880 година го примил писателот во својот дворец. Ќерката на Достоевски, Љубов, вака ја опишала средбата: „Мошне е карактеристично што Достоевски, страстен монархист во тоа време од животот, не сакаше да се потчини на дворскиот протокол <…> Веројатно тоа беше единствен пат во животот Александар Трети да разговара со некој како обичен смртник. Не се навреди поради тоа и подоцна за татко ми зборуваше со почит и со симпатии“.

Смртта на Достоевски престолонаследникот Александар ја нарекол „голема загуба“, а веќе еден месец подоцна терористите, поради кои писателот беше толку загрижен за иднината на Русија, го убија Александар Втори, па Александар Трети стапи на престолот.

Достоевски исто така размислувал да напише поема насловена како „Императорот“, во која главен јунак требало да биде Иван Четврти, детето-император, кого од тронот го тргнала ќерката на Петар Први Елизавета и го држела во затвор 20 години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња