Даровје, дворна куќа, единствен зачуван објект од 19 век на некогашниот имот на Михаил Достоевски, таткото на Фјодор Достоевски. Јануари 2015 година.
Вилијам БрумфилдНа почетокот на 20 век рускиот хемичар и фотограф Сергеј Прокудин-Горски развил сложен процес на изработка на колор-фотографии кој дава исклучително живописни фотографии со мноштво детали. Неговото сфаќање за фотографијата како форма која има образовна и просветна улога просведочено е со посебна впечатливост на неговите фотографии на архитектонските споменици од историските локации ширум земјата.
Реката Ока во близина на Белоомут. Пристаниште на министерството за сообраќај со канцеларија и станбени простории. Во заднина: поглед на Белоомут. Лето 1912 година.
Сергеј Прокудин-ГорскиОткако му ги покажал своите слајдови на императорот Николај Втори во мај 1909 година, Прокудин-Горски добил логистичка поддршка од министерството за сообраќај, што му ги олеснило патувањата со кабестата, технички чувствителна фотографска опрема. За возврат ги фотографирал проектите за развој на сообраќајната инфраструктура, како што се железничките пруги и речните канали.
Една таква задача добил летото 1912 година кога ја фотографирал изградбата на браната на реката Ока во близина на градот Белоомут, југоисточно од Коломна. Проектот имал клучно значење за регулација на нивото на водата за пловидба во текот на сушните летни месеци.
Моногарово, црква на Симнувањето на Светиот Дух, поглед од југ (пред реставрацијата). Август 2005 година.
Вилијам БрумфилдЕдна особено интересна фотографија покажува конструкција што плута со канцеларија и со бараки на пристаништето на десниот брег на реката Ока со Белоомут кој се наѕира во далечината преку полињата на левиот брег на реката. Зад фотографот којшто ја направил сликата се давале километри слични такви полиња кон југозапад сѐ до древниот град Зарајск и селото Даровје, засекогаш поврзано со името на Фјодор Достоевски (1821-1881).
Моногарово, црквата на Симнувањето на Светиот Дух. Ентериер, источниот ѕид со поглед кон апсидата, во која порано се наоѓал олтарот. Јули 2006.
Вилијам БрумфилдВо триесеттите години Достоевски поминал неколку лета од своето детство на овој семеен имот. Иако скромен во споредба со Јаснаја Пољана на Толстоj, Даровое одиграло значајна улога во формирањето на карактерот и на творештвото на писателот.
Моногарово, црквата на Симнувањето на Светиот Дух. Ентериер, северниот ѕид со фрагменти на фрески од доцниот XVIII век (Десет заповести). Јули 2006.
Вилијам БрумфилдДаровое се наоѓа во пасторално опкружување 170 километри југоисточно од Москва. Селото, чиј назив потекнува од зборот „дар“, најрано се споменува на почетокот на 16 век. Во овој период Коломенската област била првата линија на одбрана на земјата против татарската наезда од југ и особено од Крим.
Даровое, липова шума, омилено место во детството на Фјодор Достоевски. Август 2005.
Вилијам БрумфилдДаровое и соседното село Моногарово биле меѓу имотите во сопственост на угледното семејство Хотјанцев од Коломна. Иако разорени на почетокот на 17 век во Смутната доба, селата останале во нивното семејство.
Даровое, липова шума назима. Јануари 2015.
Вилијам БрумфилдВасилиј Хотјанцев во 1763 година ја подигнал црквата на Симнувањето на Светиот Дух на имотот во Моногарово. Со една купола, трпезарија и камбанарија од десната страна, црквата ги комбинира традиционалните особини со неокласични елементи од добата на раното владеење на Екатерина Велика. Во текот на советскиот период црквата е опљачкана и се користела како магацин. Во ентериерот можат да се забележат остатоци од фрески од почетокот на 19 век.
Внукот на Василиј Хотјанцев Пјотр бил последниот член на семејството што го поседувало Моногарово. Во 1830 година имотот му го привлекол вниманието на Михаил Александрович Достоевски (1788-1839), лекар во државна служба. Тој бил задолжен за примена на карантин во текот на епидемијата со колера коjа таа година беснеела во Московската област. Оженет веќе 10 години со Марија Фјодоровна (родена Нечаева), тој сакал да купи куќа на село за семејството.
Даровое, дворна куќа. Август 2003.
Вилијам БрумфилдКупопродажбата се случила во 1831 година и семејството таа година го минало првото лето на имотот во Даровое, кога Фјодор имал девет години. Имотот има над 300 хектари земја и Марија Достоевскаја се покажала како одличен управител со ограничените семејни средства,
Семејството Достоевски продолжило да живее во дворната куќа на Мариинската болница за сиромашни во Москва, каде што таткото на Фјодор работел како лекар, но секое лето мајката со децата заминувала во Даровое. Патот до селото минувал покрај Зарајската тврдина, а покрај главната порта на тврдината се наоѓала гостилница од која кочиите тргнувале за Москва. Секое лето Марија со децата пеш оделе во Зарајск, од каде што му испраќала писма на сопругот во Москва.
Даровое, „Светлое поле“ (во близина на патот до населеното место Черемошња). Август 2005.
Вилијам БрумфилдВо 1832 година пожар уништил поголем дел од селото и семејството било принудено да живее во мошно скромно сместување дури нивната дрвена куќа не се обновила. Михаил Достоевски во 1833 година го купил и соседното село Черемошња со 100 селани.
Многу години подоцна Фјодор Достоевски со љубов се сеќавал на летните денови што ги минал на имотот Даровое. Тоа биле времиња на игри со браќата меѓу високите липи во близина на куќата. Нивната имагинативна игра го поттикнувало читањето книги како што се „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо и романите на Валтер Скот. Во топлите летни денови децата пливале во Маминото езеро, што Марија Достоевскаја го направила од блискиот извор.
Даровое, „Мамино езеро“. Август 2003.
Вилијам БрумфилдОколината на имотот исто така оставила впечаток на Достоевски. За време на прогонот на Сибир Достоевски се сеќавал како еден селанец Мареј грижливо го тешел кога момчето се плашело од замислениот волк во близина на имотот. Сеќавањето на добрината на обичните руски луѓе му давало утеха на Достоевски во тешките моменти по апсењето во април 1849 година пради учество во кружок во кој се негувале радикални идеи. Иако неговата смртна пресуда во декември истата година е преиначена во последен момент, тој останал во затвор до почетокот на 1854 година, а потоа служел како војник на Сибир уште три години, сѐ дури во април 1857 година не му биле вратени граѓанските права.
Даровое, дворна куќа, ентериер од печката од тули. Август 2005.
Вилијам БрумфилдСепак, и покрај драгите спомени, Достоевски за Даровое го врзувале и некои трагични настани. Во февруари 1837 година неговата мајка Марија починала во Москва од туберкулоза. Нејзината смрт на само 37 години била тежок удар за неговиот татко којшто ја напуштил службата и ги испратил синовите Михаил и Фјодор на школување во Санкт Петербург. Останатите од семејството, вклучувајќи ги и двајцата помлади синови и трите ќерки, се преселиле во Даровое.
Даровое, дворна куќа, ентериер со поглед кон другата соба. Август 2003.
Вилијам БрумфилдЖивотот на имотот Даровое набргу станал мошне мачен. Скршен од смртта на својата сопруга и оптоварен со финансиски проблеми, постариот Достоевски имал сѐ повеќе судири со кметовите на својот имот. Под околности кои никогаш не биле разјаснети целосно, неговото безживотно тело е пронајдено на 6 (18) јуни 1839 година на патот за Черемошња.
Моногарово, гробен споменик на Михаил Достоевски, кој е префрлен на гробиштата на црквата на Симнувањето на Светиот Дух. Јули 2006.
Вилијам БрумфилдМихаил Андреевич Достоевски е погребан на гробиштата на црквата на Симнувањето на Светиот Дух во соседното Моногарово. Гробиштата се уништени во текот на советскиот период и точната локација на неговиот гроб допрва треба да биде утврдена.
По смртта на Михаил Достоевски имотот Даровое преминал во сопственост на децата. Фјодор Достоевски го продал својот дел во 1844 година, а до 1853 година неговата сестра Вера (венчано презиме Иванова) ги откупила сите делови на имотот.
Моногарово, црква на Симнувањето на Светиот Дух, поглед од исток (пред реставрацијата). Август 2005.
Вилијам БрумфилдПо желба на Вера Иванова имотот добил нови објекти за семејството и за неговите гости. По повеќекратно одложување Фјодор Достоевски конечно се вратил во Даровое во 1877 година, 4 децении по неговата последна посета на имотот летото 1836 година.
Многу работи се напишани за трауматичното влијание што го имала мистериозната смрт на таткото врз Достоевски. Сепак, Достоевски отсекогаш ја истакнувал благотворната природа на своите детски сеќавања поврзани со Даровое, кое заедно со околината, вклучувајќи го и селото Черемошња, ќе најде место во подоцнежните дела на писателот, особено во романот „Браќа Карамазови“.
По смртта на Вера Иванова во 1896 година имотот го наследиле нејзините ќерки, внуки на Достоевски. Еден објект што е зачуван од 19 век е таканаречениот „флигељ“, дворна гостинска куќа. Мислењата се различни во врска со времето на нејзината изградба.
По болшевичката револуција Марија Александровна Иванова, една од ќерките на Иванови, станала посветен кустос на малата дворна куќа на имотот Даровое, која служела како селска библиотека. Но, по нејзината смрт во 1929 година сите предмети што биле поврзани со семејството Достоевски се префрлени во Москва, а дворната куќа станала детска градинка за локалниот колхоз.
Моногарово, црква на Симнувањето на Светиот Дух, поглед од југозапад (во текот на реставрацијата). Јануари 2015.
Вилијам БрумфилдВо текот на следните неколку децении судбината на имотот Даровое била сменета, па ова меморијално место повремено дури и било целосно напуштено. Дури во 1990 година Даровое добива официјален статус како дел од историскиот комплекс во градот Зарајск, 12 километри северозападно од имотот.
Зарајска тврдина, црква Отсекувања на главата на Јован Крстител, поглед од југоистока. Август 2005.
Вилијам БрумфилдДенес Даровое и липовата шумичка грижливо се одржуваат со значителна поддршка на заедницата, вклучувајќи ги и научниците и студентите од регионалниот центар Коломна. Во септември 1993 година откриен е споменик на Фјодор Достоевски. Го направи скулпторот Јуриј Иванов, а секоја година на ова место се одржуваат настани посветени на големиот писател.
Даровое, споменик на Фјодор Достоевски, дело на скулпторот Јуриј Иванов (1993). Август 2003.
Вилијам БрумфилдВо Моногарово во тек е процесот на реставрација. Во август 2005 година поставена е камена плоча и дрвен крст во близина на црквата на Симнувањето на Светиот Дух како сеќавање на гробот на Михаил Андреевич Достоевски. Ископувањата и проучувањата на црквата се одвиваат секое лето. Комплетната реставрација на екстериерот на црквата беше завршена во 2022 година.
Црквата на Отсекувањето на главата на Јован Крстител, ентериер, поглед од исток кон иконостасот. Јули 2006.
Вилијам БрумфилдПосмртните останки на Марија Фјодоровна Достоевскаја, првобитно погребани во Москва и осквернавени за време на советскиот период, денес почиваат во црквата на Отсекувањето на главата на Јован Крстител во Зарјаската тврдина.
Црквата на Отсекувањето на главата на Јован Крстител, ентериер, јужниот брод со новата гробница со посмртните останки на Марија Достоевскаја, мајката на Фјодор Достоевски. Јануари 2015.
Вилијам БрумфилдМоже да се претпостави дека Достоевски и неговата мајка за време на бројните посети на Зарајск влегувале во оваа црква. За Достоевски престојот на имотот Даровое во текот на детството е значаен дел од сеќавањата на руската провинција.
Даровое, дворната куќа со липовата шума во заднина, Јануари 2015.
Вилијам БрумфилдПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче