Во 1944 година, по нацистичката окупација на Франција, Пикасо стапи во редовите на Француската комунистичка партија. Иако немаше обврска да присуствува на сите партиски состаноци, уметникот често присуствуваше на нив и им подаруваше свои слики на раководителите.
Пабло Пикасо, 1948.
Reporters Associes/Gamma Features via Getty ImagesПатем, партијата не го одобруваше стилот на Пикасо, кој беше толку далеку од реализмот, но со задоволство ги примаше сликите како донација - и ги продаваше.
А во 1949 година, француската Општа конфедерација на трудот се обрати до уметникот со молба да му го честита на Сталин неговиот 70-ти роденден со цртеж. Пикасо ја исполни молбата, но се ограничи на алегорија: на хартија нацрта рака со крената чаша вино и натпис Staline à ta santé (За твое здравје, Сталин!)
На другарите од партијата таквата фамилијарност им се стори скандалозна и цртежот наиде на критика. Но, тоа беше ситница во споредба со бурата од страсти што ќе ја предизвика следниот цртеж посветен на „вождот на народите“...
Наводно неумесната честитка не беше повод Пикасо да раскине со комунистите. Нему му беше простено. Друг пат, Пикасо го нацрта Сталин на инсистирање на Луј Арагон, еден од членовите на Централниот комитет на Француската комунистичка партија, по повод смртта на Сталин во 1953 година. Неколку дена по смртта на советскиот лидер, неговиот портрет нацртан од Пикасо се појави на насловната страница на Les Lettres françaises.
Пикасо го нацрта Сталин со, за него, најголем можен степен на реализам од неговата младешка фотографија, давајќи му очи на сонувач и силна брада. Но, тоа повторно не им се допадна на комунистите. Сметаа дека се работи за обид за исмевање на водачот.
Освен тоа, ова дело на уметникот имаше сериозни последици. Негодувањето на Комунистичката партија беше толку големо што таа излезе со соопштение во кое категорично го осуди објавувањето на овој портрет во весникот. Француските комунистички публикации објавуваа писма од незадоволни читатели во кои луѓето се жалеа дека ликот на Сталин како што го прикажал Пикасо нема ништо заедничко со реалноста. И таквата интерпретација ја сметаа за навреда на комунистичката идеја.
Конфликтите во раководството беа насочени кон потрагата по „жртвено јагне“ и никој не сакаше да има врска со таа афера.
Многумина се обидоа да ја префрлат вината врз Пикасо, објаснувајќи дека тој избрал таков начин на цртање, додека можел и да „се потруди“: на пример, да ги земе за основа делата на советските уметници.
Освен внатрешните последици, „случајот со портретот“ ја ослабна и позицијата на самата партија. Потрагата по виновник доведе до тоа луѓето од раководството да почнат да се обвинуваат меѓусебно за прашањето кој дозволил објавување на цртежот на Пикасо на насловната страница на весникот. Францускиот политичар, комунистот Пјер Жукен, во својата статија тврди дека кулминацијата на тие конфликти наводно бил обидот на Луј Арагон да изврши самоубиство.
Луѓето блиски на Пикасо се сеќаваа дека уметникот тешко го поднесувал сето тоа. Иако тоа не беше „најризичната“ слика што можеше да ја нацрта. По скандалот, писателот Пјер Де од весникот Les Lettres françaises се сретна со сликарот и овој, половина на шега, половина сериозно, му рекол дека во одреден момент сакал да го нацрта Сталин гол.
Како што напиша англиската истражувачка Гертје Атли во книгата „Комунистичките години“, Пјер Де забележал краток монолог на Пикасо за неговиот став кон целата ситуација: „Да го нацртав стариот Сталин со брчки и подочници, сите ќе се разгракаа: „Како се осмелуваш да го нацрташ како старец!“ Потоа во одреден момент сакав да го покажам во херојски дух, гол. Да, мислев, тоа би било одлично. Но, што да правам со неговите машки атрибути? Кај класичните скулптури, машкиот екстремитет е секогаш мал. Но, станува збор за Сталин, моќен човек, вистински борбен бик. А ако му дадам екстремитет на бик зад кој ќе покажам ситен Сталин, ќе биде уште полошо. Тогаш сите ќе почнат да кукаат: Си го претворил во сексуален перверзник, во вистински сатир!“
Самиот Пикасо по бурата критики на негова сметка го изгуби интересот за Комунистичката партија, иако не престана да ја помага материјално, ниту се откажа од својата комунистичка ориентација.
Неколку години подоцна, кога во Франција се дозна за злосторствата на Сталин и кога започна десталинизацијата, Пикасо се сретна со Пјер Деу и го праша: „Се надевам дека нема да кажете сега дека го нацртав Сталин премногу благонаклоно?“
Пикасо ја напушти Комунистичката партија во 1956 година, кога дозна дека советската армија влегла во Унгарија за да го задуши бунтот. Тоа се случи истиот ден кога беше отворена неговата прва изложба во Москва. Откако го слушна официјалното соопштение за влегувањето на војската во Унгарија, Пикасо потпиша колективно протестно писмо и ја напушти партијата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче