Александар Борисов, првиот уметник којшто го наслика Крајниот Север на Русија

Третјаковска галерија
Целиот живот го опседнувале две страсти: сликарството и Крајниот Север. Еднаш за малку тоа ќе го плател со животот.

„Крајниот Север со неговата мрачна, но моќна и таинствена природа, со неговиот вечен мраз и со речиси непрекинатата темнина, отсекогаш ме привлекувал“, има запишано во својата книга „Во земјата на студот и смртта“ Александар Борисов. Од детство сонувал да оди таму и не можел да замисли дека страста кон Северот ќе го прослави како сликар.

Сликар кој не чул за сликарство

Борисов е роден на Рускиот Север недалеку од Волгода во сиромашното селско семејство. Во неговото родно село немало ни училиште, а се описменил со помош на псалтир кај соседот. Момчето дотогаш немало чуено за сликарство, само имало видено икони. Дури кога мајсторите дошле да ја насликаат локалната црква, Борис за првпат видел фрески. Она што го видел длабоко го потресло и тој буквално се „заразил“ со цртање. Набавил детска книга и почнал да ги прецртува илустрациите.

Кога сликарот наполнил 18 години, со мајка си заминал на аџилак во Соловецкиот манастир, а потоа одбил да го напушти. Борисов сето тоа однапред го смислил, од почетокот не планирал да се врати дома. Неговата намера била да се запише во школата за иконопис при манастирот. Кога го примиле, започнал патот на Борисов како уметник. Благодарение на покажаниот талент, шест месеци подоцна заминал во Петербург, а во 1895 година се запишал на Академијата за уметности, најпрестижната сликарска школа во Руската Империја. Таму учел кај познатите руски сликари Иван Шишкин и Архип Куинџи.

Животот во престолнината и можноста да студира во странство, меѓутоа, не ја измениле страсната љубов на Борисов кон Северот. Израснал во суровите северни краишта, но тој ги гледал како веќе изменети од страна на човекот (руските Помори неколку века живееле на брегот на Белото и на Баренцовото Море). Него, пак, го привлекувал северот на кој не стапнала човечка нога.

Така, во 1896 година Борисов за првпат го посетил Крајниот Север, кога заминал на архипелагот Нова Земја. Сликите што ги донел од ова патување му го привлекле вниманието на познатиот колекционер Павел Третјаков. Основачот на московската Третјаковска галерија ги откупил сите дела што Борисов ги насликал на ова патување.

Смртно опасна експедиција

Кога ја завршил Академијата на уметностите, започнал редовно да го посетува Северот и во 1897 година организирал сопствена експедиција на Нова Земја. За таа намена на Архангељското бродоградилиште го нарачал бродот „Мечта“, изнајмил уште неколку бродови за превоз на сето она што му било потребно и во својот екопаж зел зоолог, хемичар и помошни работници.

Самиот Борисов подоцна има запишано дека на ова патување сакал да создаде што повеќе дела со цел да го „запознае општеството со далечната периферија на нашиот свет и да се даде вистинска слика на таинствениот свет во кој сѐ уште нема стапнато нога на уметник“.

Екипажот изградил куќа на Нова Земја и, обезбедувајќи место за презимување, тргнал понатаму на Крајниот Север. Екипата сакала да ги истражи островите на Карското море и „колку што е можно подалеку да се замине на Север“. Но, не одело сѐ според планот.

Експедицијата за малку не завршила со нејзино цело гинење. „Мечта“ се заглавила во мраз и морале да ја напуштат. Патниците биле принудени многу денови да минат одејќи по мраз. Најпрво работите и храната на санките ги влечеле кучиња, но кога мразот станал тенок, тие пропаднале низ него заедно со товарот. Подоцна сантата на којашто се наоѓал екипажот се распаднала и ги раздвоила патниците. Струјата ги однела далеку едни од други, но по некакво чудо повторно се нашле заедно. До тој момент сите веќе загубиле надеж дека ќе преживеат и Борисов одлучил да ги спаси членовите на екипажот што имале семејства. Им рекол да го земат единствениот чамец што им останал и самите да отпловат до Нова Земја. Оштетениот чамец не би можел да го превезе целиот екипаж. Но, неговите сопатници одбиле и екипажот продолжил во полн состав. „Треба да се оди, но како да се оди кога нозете одвај се влечат? Седиш, покриен со снег, и не сакаш ниту да зборуваш, ниту да ги гледаш другите во очи. Сите мислат само на смрт. Кога ќе заспиеш навечер, не се надеваш дека повторно ќе можеш да ја здогледаш зората“, го опишува Борисов ова страшно патување. Него ситуацијата го мачела повеќе од останатите зашто тој бил на чело на експедицијата и себеси се обвинувал, но всушност оваа одговорност му давала сила.

Спасот стасал од онаму од каде што не се надевале. Борисов набргу забележал јурти на Ненци. Тие го спасиле екипажот од смрт во мразот.

Како дома меѓу Ненците

Следната експедиција на Борисов поминала без толкава драма, меѓу другото и благодарение на пријателството со Ненците. Локалниот старешина на сликарот му дал потврда која му дозволува без проблеми да патува низ краиштата каде што живеат Ненците, без страв за својот живот. Но, овој документ не му затребал, зашто локалниот народ сесрдно го прифатил. Борисов, како и тие, спиел во јама во снег, пиел крв од ирваси, јадел сурово месо и одел на лов. Своите впечатоци меѓу Ненците Борисов ги изложил во книгата „Кај самоједот. Од Пинега до Карското море“. Сликарот толку се приспособил на опкружувањето што Ненците му дозволиле да ги посети нивните свети места. Тој бил првиот патник што ги посетил ненецките идоли на островот Вајгич.

На почетокот на 20 век Борисов заминал во Европа каде што приредил неколку изложби. Освен сликите, однел и фотографии направени во текот на експедицијата. Изложби биле одржани во Германија, во Австрија и во САД. Во Америка сликарот дури и се сретнал со претседателот Теодор Рузвелт.

По Револуцијата и по доаѓањето на болшевиците на власт Борисов го изгубил ателјето. Тоа најверојатно се случило поради лошите односи со Игор Грабер, влијателен сликар во Советскиот Сојуз и член на комисијата за култура. Исто така била затворена и просторијата во Третјаковската галерија посветена на делата на Борисов.

Дури во деведесеттите години од минатиот век е обновено сеќавањето за сликарот. Денес неговите дела можат да се видат во Третјаковската галерија, а имотот на Борисов во Красноборск (Архангељска област) во 2001 година стана музеј.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња