Зошто царот Николај II се залагаше за канонизација на свети Серафим Саровски?

Public Domain
Последниот руски император многу усрдно се залагаше за канонизација, наспроти одредени државни функционери. На тој начин тој ги изразуваше желбите на обичниот народ, но и своите лични мотиви, бидејќи и самиот се надеваше на помошта на големиот старец.

Старецот Серафим, јеромонах на Саровскиот манастир во Тамбовската губернија (денес Нижегородска област), се упокои за време на молитва во манастирот по 30 години затворнички и подвижнички живот во осамена шумска ќелија. За време на неговиот живот кај него се собираа голем број верници. Многу луѓе бараа духовна помош од старецот, а тој никогаш никого не одбиваше. Зборот за неговите чудесни духовни височини брзо се пронесе низ цела Русија.

Икона на свети Серафим Саровски, почеток на ХХ век.

Веднаш по упокојувањето почна да се зборува за канонизација на Серафим Саровски, но кај државните чиновници имаше отпор, така што процесот на канонизација заврши дури по 70 години и во тоа одредена улога одигра последниот руски император Николај II Романов.

Враќање на корените

По два века доминација на европската мода во Руската империја и по атентатот на Александар II, на тронот дојде неговиот син Александар III. Тој сметаше дека влијанието на Западот е деструктивно бидејќи предизвикува револуционерно расположение и појава на илегални терористички групи. Токму царот Александар III беше тој што ги иницираше реакционерните процеси во Русија. Рускиот император беше крупен и корпулентен како витез. Кога царскиот воз излета од шините, тој на својот грб го придржуваше покривот на вагонот додека царското семејство не биде евакуирано од него. Тој беше човек што верува и голем почитувач на сé што е исконски руско.

За време на неговото владеење, во архитектурата стана популарен рускиот стил, почнаа да се градат цркви и згради кои личат на бајковитиот стар руски „терем“ (горниот дел на дрвена куќа налик на замок украсена со резба, балкони и кули). Најпознат пример е храмот „Спас на Крвта“ во Санкт Петербург, изграден на местото на убиството на на Александар II. Неутешниот син Александар III лично го одобри проектот на храмот.

Зошто токму Серафим Саровски?

Портрет направен додека беше жив светецот.

На руските корени им се враќаше и неговиот син Николај II. Русија долго време немала владетел кој покажувал таква побожност и посветеност на православната вера. Познати се неколку случаи кога царот и царицата (која била подеднакво побожна) се среќавале со старци и јуродиви и многу се дружеле со свештенството.

За време на владеењето на царот Николај II, повеќе руски светци беа канонизирани отколку во текот на целиот XVIII и XIX век. По повод 290-годишнината од Династијата Романови во 1903 година царот лично се заложи Серафим Саровски да биде што е можно поскоро прославен во Црквата како светец.

Икона на Серафим Саровски со житие, почеток на ХХ век.

Идејата за канонизирање на старецот Серафим се појави во официјалните црковни кругови уште во времето на Александар III, но на неа одлучно се противел обер-прокуророт Константин Победоноцев, државниот функционер задолжен за верски прашања. Неколку пати претставниците на Црквата предлагале старецот Серафим да се прогласи за светец и собирале информации за чудата што ги направил, но предлогот бил отфрлан.

Еднаш, архимандритот Серафим (Чичагов) успеа да „продре“ на прием кај царот Николај II и во таа прилика лично на царот му ги предаде „Летописот на Серафимо-Дивеевскиот манастир“, книга во која тој изнесува сведоштва за животот и чудата на Серафим Саровски од манастирската архива. Царот беше импресиониран, па му нареди на Победоносцев да подготви указ за канонизација.

Лични мотиви

Николај II со свитата на шумски пат во Саров на 19 јули 1903.

Свети Серафим беше неописливо сакан и почитуван од народот. Илјадници верници доаѓаа во Дивеевскиот манастир што го основаше старецот за да им се поклонат на неговите мошти. Ова го инспирираше царот уште поревносно да се заложи за канонизација.

Од друга страна, современиците сведочат дека императорот Николај II имал и лични мотиви. Имено, царот и царицата имаа четири ќерки и нетрпеливо очекуваа момче, наследник на рускиот трон. На побожната царица Александра ѝ било советувано да му се моли на Серафим Саровски.

Претседателот на комитетот на министри Сергеј Вите бил убеден дека царицата е таа што инсистирала Серафим да биде канонизиран: „Велат дека беа убедени дека саровскиот светец по четирите принцези ќе ѝ даде на Русија принц и наследник“.

Саровска прослава

„Саровска прослава”, членови на царското семејство го носат ковчегот со моштите на Серафим Саровски, 18 јули 1903.

По повод канонизацијата на свети Серафим во неговата Саровска обител беше приредена голема прослава на која присуствуваа лично царот и царицата, заедно со уште неколку членови на семејството.

Романови допатуваа со воз до Арзамас, а потоа со кочии до Саров. Императорот го посети скитот во кој живееше саровскиот подвижник и присуствуваше на свечениот парастос на старецот Серафим во Успенскиот храм, каде што беа пренесени моштите на светителот. За време на литијата тој лично на носилка го носеше кивотот со моштите. Царот Николај II запиша во својот дневник: „Беше потресно да се види како народот ја доживува литијата, особено болните, сакатите и несреќните луѓе. Тоа беше многу свечен момент кога започна обредот, а потоа целивањето на моштите“.

„Саровска прослава”. Членови на царското семејство со придружбата во павилјонот на тамбовското благородништво, 18 јули 1903.

Надежите се исполнија. Една година подоцна (1904), царицата Александра го роди принцот Алексеј и со тоа уште повеќе ја зајакна својата вера и благодарност кон свети Серафим.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња