ШОКАНТНА вистинска приказна: руска балерина мина 20 години во американска лудница

Ољга Спесивцева (Спесива) на турнеја во Австралија // Спесивцева во костим на Одета од Лебедово езеро, 1934 година.

Ољга Спесивцева (Спесива) на турнеја во Австралија // Спесивцева во костим на Одета од Лебедово езеро, 1934 година.

Ољга Спесивцева е родена во селце на југот од Русија и рано останала без родители, a потоа станa една од најпризнатите балерини во Русија и во странство. Меѓутоа, по десет години минати на Запад таа, велат, станала душевно болна и остатокот од животот го минала во Њујорк, сиромашна и заборавена.

Март 1919 година. Низ цела Русија беснеела граѓанската војна , а во просториите на Мариинскиот театар во Санкт Петербург владеела мртва тишина. Кога завесата се кренала гледачите ја виделе витката балерина Ољга Спесивцева облеана со блага светлина и подготвена да дебитира во балетот „Жизел“.

Штом одекнала музиката, се придвижила и Ољга, и секое нејзино движење сведочело за грациозноста и чувствителноста. Толку уверливо го доловила карактерот на Жизел што критичарите тоа го доживеале како да ја виделе јунакињата во живо. Биле маѓепсани, а нивните погледи биле заковани на сцената на која во тој момент се формирал стандардот за сите идни „Жизели“.

Руската балерина Ољга Александровна Спесивцева. 1.2.1895.

Оваа фантастична изведба била само еден од многу светли моменти во животот на Ољга Спесивцева (1895-1991), една од најголемите балерини на 20 век. Родена во селце во близина на Ростов на Дон, на југот на Русија, Ољга благодарение на исклучителниот талент преку трње стасала до ѕвезда, односно до светската сцена и до светското признание, за на крајот да падне во сиромаштија и заборав.

Таткото на Ољга бил глумец во локалниот театар. Починал кога таа имала само шест години. Соочена со големи тешкотии, нејзината мајка со мака ги одгледувала петте деца и на крајот ја сместила Ољга во дом за сирачиња во Санкт Петербург.

Четири години подоцна десетгодишната Ољга ја запишале во Императорската школа за балет зашто забележале дека е талентирана. Под будното око на влијателните наставници како што е Агрипина Ваганова, Ољга го усовршила своето мајсторство, покажувајќи природна грациозност и ретка способност за изразување чувства со помош на движења.

Вртоглав успех

Ољга Спесивцева во „Жизел“, околу 1910 година.

Патот на Ољга кон врвот на славата бил молскавичен. Таа во 1913 година во својата деветнаесетта година се приклучила на Императорскиот руски балет (подоцна познат под називот Кировски балет) и набргу добила признанија за исклучителната техника и за изразноста. Првиот голем успех го доживеала во мај 1916 година, кога извела адаџо во „Царство на сенките“, а подоцно и во партијата на Ники во „Бајадера“ на Мариус Петип.

„Нејзините арабески според убавината се споредувани со Ана Павлова (една од најпознатите балерини на тоа време). Секоја поза беше одмерена и цврста“ рекол Аким Волински, тогашен познат балетски критичар. Потоа Ољга ја посакала улогата на Жизел, но се сметало дека Павлова и Тамара Карсавина се водечки балерини. Ољга ја посетила психијатарската клиника за да ги проучи однесувањето и мимиките на пациентите и така ги прецизирала деталите на својата хероина.

Нејзиното деби во „Жизел“ во март 1919 година доживеало фантастичен успех. „Леснотијата на нејзиното вивнување е речиси несфатлива, таа зачекори надвор од границите на уметноста“, има напишано критичарот Валериј Богданов-Березовски.

„Со нејзината изведба на Жизел не може да се мери ниту една денешна балерина. Нити една не можеше да се спореди со неа според уметничката и според драматуршката интепретација“, напишала балерината Вера Немчинова во едно писмо од 1960 година. „Нејзе сето тоа ѝ е лесно, јас никогаш немам видено изведувач кој би можел да се спореди со неа“.

Потрага по слава во странство

Во 1916 година беснеела Првата светска војна, но САД сѐ уште биле неутрални, па импресариото на театарот „Голема Русија“ Сергеј Дјагилев ја повикал Ољга низ Америка со својата трупа „Руски балет“. Настапила во Њујорк со прекрасниот Вацлав Нижински во „Духот на ружата“ во „Силфиди“.

Сепак, првиот меѓународен успех го доживеала кога со Дјагилев гостувала во Лондон во 1921 и во Буенос Аирес во 1923 година, каде што настапувала во Театарот Колон. За време на гостувањето во Лондон настапувала во „Заспаната убавица“ на Мариус Петип, поставена на музика на Чајковски. Во странство често ја нарекувале Ољга Сесуива зашто нејзиното презиме било долго и тешко за изговор.

Кога се вратила во Русија советската власт дошла на власт. Ољга се нашла во опкружување на болшевичкиот функционер Борис Каплун (некои извори велат дека тој бил офицер-чекист). Тој ѝ помогнал да го напушти СССР во 1924 година. Тогаш веќе било тешко да се напушти земјата, зашто за излез била потребна виза, која било речиси невозможно да се извади.

Ољга Спесивцева како Аспиција во балетот на Ц. Пуни „Ќерката на фараонот“, 1923-1924

Откако се нашла во странство, Ољга се приклучила на европската турнеја на балетската трупа „Руски балет“. Првата станица бил Париз, епицентарот на балетскиот свет. Ољга како примабалерина настапила во „Лебедово езеро“, во „Есмералда“ и во „Ќерката на фараонот“. Публиката ја освоила со нејзините настапи во „Силфиди“ и во „Заспаната убавица“. Париските критичари ја фалеле како приказ на грациозноста и на елеганцијата.

Дјагилев за неа рекол: „Моето восхитување немаше крај кога ја сретнав Спесивцева. Убавината и чистотата на нејзиното битие плени во поголема мера од Павлова“.

Лeбедово езеро, 8 јули 1929. Руско-францускиот уметник на балетот и кореограф Серж Лифар (1905-1986) и Ољга Спесивцева.

Во текот на целата кариера Ољга соработувла со познати кореографи и балетани од тоа време. Нејзиното партнерство со легендарниот кореограф Мишел Фокин резултирало со незаборвани интерпретации на класиците на балетот како што е „Силфиди“. Нејзината соработка со познати балетски танчари, меѓу кои биле Леонид Масин и Серж Лифар, им дала на нивните настапи длабочина која не можела да остане незабележана.

Вреден перфекционист

Со Антон Долин

Во текот на дваесеттите и на триесеттите години од минатиот век ѕвездата на Ољга сјаела благодарение на мајсторството на техничката изведба и на грациозноста. Колегите често истакнувале дека таа е мошне вредна и дека била перфекционист. Кореографот Џорџ Беланчин во 1927 година го креирал балетот „Мачка“ (La Chatte) специјално за неа. Интерпретациите на Ољга се одликувале со истенчена музикалност и со ретка способност со движења да се предизвикаат длабоки чувства.

Кога во 1929 година починал Дјагилев, „Рускиот балет“ се распаднал. Во 1932 година Ољга се приклучила на новооснованиот „Руски балет Монте Карло“ каде што изведувала култни улоги како Одета/Одилија во „Лебедово езеро“, и секако, насловната улога во „Жизел“.

„Таа беше чувствителна, тивка девојка. Секогаш доаѓаше на време, никогаш не ја фаќаше хистерија, беше многу блиска со својата мајка којашто ја следеше насекаде“, има напишано балерината Ромола Нижински во едно писмо од 1960 година. Ромола беше сопруга на легендарниот Вацлав Нижински. „Мојот сопруг беше убеден дека во Ољга нашол балерина од калибарот на Павлова“.

Ољга Спесивцева 1915 година.

Благодарение на балетот Ољга имала контакти со други големи претставници на руската култура, на пример со познатиот сликар и театарски сценограф Леон Бакст. „Во 1921 година во Лондон се сретнав лично со него (со Бакст) и ја играв 'Заспаната убавица' којашто Бакст ја постави на сцената и ја креираше. Тој во 1924 година работеше во Париз во опера. Поразговара со режисерот за мене, па благодарение на неговото залагање потпишав улога и настапив во 'Жизел'“, пишува Ољга во писмо до една своја пријателка.

Вртоглав пад

Ољга Спесивцева на централната станица, Сиднеј, 1934 година.

Во текот на настапот во Австралија есента 1934 година, Ољга го доживеала својот прв нервен слом, кога се посомневала дека другите изведувачи се всушност шпиони кои се обидуваат да ја отрујат. Прошталниот настап го извела во 1939 година во Театарот Колон (Буенос Аирес). Истата година се преселила во САД, каде што потоа предавала во Фондот на балетскиот театар во Њујорк.

Нејзиниот романтичен партнер, богатиот американски бизнисмен Леонард Г. Браун починал ненадејно во 1941 година, по што нејзиното психичко растројство добило на интензитет и повеќе не можело да се скрие од јавноста. Ољга се криела во хотелска соба во Њујорк и велела дека шпионите се вратиле и дека сакаат да ја отрујат.

Сосема осамена во Америка, Ољга кон крајот на 1941 година како социјален случај е примена на лекување во психијатриска клиника на северот од Менхетн. „Мадам Спесива нема роднини во оваа земја и не е доволно рационална за разборито да зборува за себе и за своето минато“, има напишано њујоршкиот адвокат Едмонд Ман во ноември 1949 година. Тој ги претставувал нејзините интереси. „Понекогаш таа сфаќа дека своевремено била голема ѕвезда. Поради своите заблуди и халуцинации слабо е заинтересирана за своето опкружување и е склона да ги запоставува личните потреби и не обрнува внимание на својот изглед“.

Советски плик и писмо од сестра ѝ од Ленинград

„Многупати одев да ја посетам... Тоа беше срцепарателна глетка... Уште една голема балерина чија кариера е уништена. Денес светот ја заборави Ољга, само мал број вљубеници во балетот се сеќава на неа“, напишала Ромола Нижински во 1960 година.

Сакала да се врати во Русија

Ољга Спесивцева и Антон Долин по многу години.

Ви меѓувреме Ољга станала побожна руска православна христијанка и престојот во психијатриската клиника тешко ѝ паѓал. Документите од Њујоршката јавна библиотека велат дека во болницата ја држеле против своја волја. Членовите на семејството во Ленинград (денес Санкт Петербург) и советската амбасада се обидувале да издејствуваат нејзино ослободување и враќање во Русија.

„Таа е мошне одлучна да се врати дома во Русија, во Ленинград кој не личи многу на оној Санкт Петербург што таа го запомнила од детството. По 20 години во егзил таа мечтае за дома, за своето семејство, за сестрата и за братот, за рускиот народ. Сега таа има 67 години. Сака да замине (во Русија) и таму да почина“, ѝ напишал блискиот пријател на Ољга Дејл Ферн во писмо на првата дама на САД Џеклин Кенеди во јули 1962 година.

Поранешната примабалерина Ољга Спесивцева (лево) го гледа албумот со фотографии со грофицата Александра Толстој (десно) во пансионот на грофицата во Њујорк, 4 мај 1964.

Кон крајот на 1963 година Ољга била пуштена од психијатриската клиника кога нагло закрепнала благодарение на новите лекови. Но, наместо да ѝ се исполни нејзината желба и да се врати во Русија, локалната емигрантска заедница, којашто била антисоветски настроена, направила така што грижата за Ољга ја презела Толстоевата фондација во Вели Коиџ во Њујорк.

Во Њујорк институцијата во 1939 година ја основала Александра Толстој, помладата ќерка на големиот руски писател, со цел давање помош на руските емигранти и прибежиште на постарите емигранти кои се нашле во неволја. Ољга остатокот од својот живот го минала под закрила на Фондацијата. Почина во 1991 година, на 97-годишна возраст. Погребена е на руските православни гробишта Ново-Дивеево во Нанунет, во Њујорк.

Сцена од претставата „Црвената Жизел“ на Санктпетербуршкиот државен академски театар на Борис Ејфман, посветен на сеќавањето на легендарната танчарка од почетокот на 20 век Ољга Спесивцева.

Во јануари 1997 година во Балетот на Борис Ејфман во Санкт Петербург беше изведена премиерата на „Црвената Жизел“, приказна за балерина вовлечена во драматичниот вртлог на револуцијата во Русија. Животот на Ољга Спесивцеца послужи како инспирација за Ејфман.

(Авторот се заблагодарува на Њујоршката јавна библиотека за овозможениот пристап до архивите на Дејл Ферн и на Ољга Спесивцева).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња