Како Иван Грозни, ПРВИОТ руски цар, стана ЧЕТВРТИ?

Russia Beyond (Photo:Tretyakov Gallery; freepik.com)
Иван Грозни е првиот што бил крунисан за цар на Русија, но е познат како Иван IV Василевич. Во текстот што следува објаснуваме како се броеле руските цареви и владетели.

Првиот руски цар кому му бил доделен број е Петар Велики. На 22 октомври 1721 година е основано Руското царство. На тој ден, Сенатот и Светиот синод на Русија свечено му ја врачиле на Петар титулата „Татко на татковината, цар на цела Русија, Петар Велики“. Но, официјалниот манифест за тоа се нарекува „Закон за давање [...] на Петар I титулата цар [...]“

На титулата на Петар е додаден бројот I во римски стил, затоа што тој сакал да биде валиден како и современите императори – мислејќи, пред сé, на Карло VI (1685 – 1740), Светиот римски император од 1711 година. Петар бил горд што всушност е негов братучед – сопругата на Алексеј, синот на Петар, била сестра на Елизабета Кристина од Бранзвик-Волфенбител, сопругата на Карло VI. Така, кога Петар умрел на 28 јануари 1725 година, официјалниот манифест го нарекол Петар I, а неговата сопруга Екатерина I.

Пред XVIII век руските цареви и велики кнезови се именувале само со нивното име и патронимот: на пример, царот Алексеј Михајлович (1629 – 1676) или, уште порано, великиот московски кнез Василиј Иванович (1479 – 1533).

Кој смислил Иван Грозни да биде Иван Четврти? 

Броењето продолжило и во 1740 година, кога Иван Антонович, несреќниот наследник на рускиот престол, Сенатот го  прогласил за Иван III. Според логиката на Сенатот, Иван „Грозни“ Василевич бил првиот руски цар, втор цар по име Иван бил полубратот на Петар, Иван Алексеевич (1666 – 1696), па Иван Антонович бил трет. Забележете го фактот дека нумерацијата била континуирана иако Иван Грозни бил Рурикович, а Иван Алексеевич и Иван Антонович им припаѓале на Романови. Правејќи ги бројките континуирани, официјалните лица го нагласиле фактот дека Романови и Рјурикович биле во роднинска врска.

Нумерацијата се променила во првата четвртина на XIX век. Во 1829 година била објавена комплетната „Историја на руската држава“ од Николај Карамзин (1766-1826). Во ова монументално дело, кое било главниот учебник за руска историја речиси еден век, набројувањето на руските владетели тој го започнал од Иван Данилович, познат како Иван Калита, кнезот на Москва.

Портрет на Николај Карамзин, дело на Василиј Тропинин, 1818.

Зошто? Иван Калита бил првиот московски владетел кој се стекнал со право да зема данок од рускиот народ и да им го предава на Монголо-Татарите, стекнувајќи одреден степен на независност. Тој бил и дедо на Дмитриј Донској, кој 1380 година ја победил Златната орда во битката кај Куликов.

Николај Карамзин, авторот на „Историјата на руската држава“, не ја одобрувал политиката на Иван Грозни и не сакал да ја започне нумерацијата на руските цареви од него - иако тоа би било логично, бидејќи Иван Грозни навистина бил првиот цар. Но, откако излегла Карамзиновата „Историја...“, се воспоставила сегашната традиција на нумерација. Според неа, Иван Грозни бил четвртиот во низата московски владетели по име Иван: Иван Калита (1284-1340) бил првиот, неговиот син Иван Иванович „Красни“ (1326-1359) бил вториот, Иван Иванович „Велики“, основачот на Московската држава, бил трет.

Така, Иван Грозни станал Иван IV, додека Иван Алексеевич, полубратот на Петар, станал Иван V, а Иван Антонович се претворил во Иван VI.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња