Во 18 век „недоросли“ (или малолетници) се нарекувале младите благородници кои немале стекнато никакво образование (дури ни домашно). Тие не можеле да се вработат во државна служба и им било тешко да се оженат. Токму такво момче по име Митрофан живеело во семејството Простакови.
Тој е глупав, размазен и неблагодарен. Неговиот татко е слаб човек кој се труди во сѐ да ѝ угоди на својата авторитативна и зла сопруга. Таа многу го сака сина си, го штити од сѐ и притоа сака да го ожени со девојката Софија со добар мираз. Софија, меѓутоа, е чесна и образована девојка која не брза со мажачката. Тогаш мајката одлучува да грабне невеста за сина си...
Руската литература во 18 век била преполна со извештачени трагедии напишани во крајно формален стил, како и сентиментални драми. Фонвизин, пак, бил меѓу првите кој напишал навистина смешна комедија, а освен тоа практично со разговорен јазик. Притоа, во согласност со стилот на класицизмот од 18 век, ова парче е мошне еднозначно. Содржи поука и јасна поделба на позитивни и на негативни ликови.
Екатерина Велика во драмата препознала сатира на благородништвото и на општественото уредување, забранувајќи го нејзиното објавување. Денес е дел од училишната програма, а многу руски деца кои не сакаат да учат на шега ги нарекуваат „недоросли“.
Дејствието во драмата се одигрува во Москва, десет години по Татковинската војна од 1812 година. Од странство дома се враќа младичот со напредни сфаќања Александар Чацки. Тој заминува на гости кај младата вљубена Софија со намера од нејзиниот татко да ја побара раката на девојката..
Но, излегува дека Софија е вљубена во друг, и тоа не сосема позитивен човек кој се труди на сите да им се допадне. Напредниот Чацки влегува во дискусија со пријателите на таткото на девојката, претставници на стариот зачурен систем. Се чувствува неприфатено, со сите се кара...
Оваа комедија во стихови предизвика вистинска револуција во руската драма. Напишана е со едноставен јазик, ги урна каноните на класицизмот од 18 век и стана првата реалистичка драма. До денес комедијата „Од умот си страдаме“ се изведува во театрите ширум светот.
Една од најтаинствените страници на руската историја е таканаречената Смутна доба од почетокот на 17 век. Династијата Рјурикович заврши со загинување на синот на Иван Грозни, принцот Фјодор Иванович. На тронот стапува Борис Годунов. Русија ја напаѓаат Полјаците кои го поддржуваат самозванецот Лажниот Дмитриј...
Пушкин со помош на својата имагинација ни доловува како Лажниот Дмитриј во младоста дошол до идеја да го заземе престолот што не му припаѓа. И токму врз основа на замислата на најголемиот руски поет поголемиот дел Руси и денес веруваат дека токму Борис Годунов наредил да се убие принцот Дмитриј, помладиот син на Иван Грозни и единствен потенцијален наследник кој би ја продолжил династијата Рјурикович. Иако историчарите за тоа имаат различни мислења.
Врз основа на оваа историска трагедија Модест Мусоргски ја напишал својата легендарна опера. Драмата е поставена многу пати на сцените ширум светот, а исто така е и екранизирана.
Во едно малечко гратче претставниците на власта западнати во кражби и корупции го очекуваат доаѓањето на чиновникот од престолнината кој треба да изврши ревизија, и тоа инкогнито. По игра на случајот, тие се сомневаат дека ревизор е еден ситен чиновник кој тука се нашол и претрпел загуба на коцка.
Овој авантурист притоа не се обидува да ги разувери градоначалникот и неговите потчинети во нивната заблуда. Напротив, одлучува да ги искористи нивните услуги, прима мито и дури планира да се ожени со ќерката на градоначалникот...
„Ревизор“ е сигурно најважната руска комедија за корупцијата, митото и користољубивоста, како и за односот на власта кон обичните луѓе. Толку е актуелна (и смешна) што и денес се игра во поголемиот број руски (и странски) театри.
Главната јунакиња Екатерина живее во мал град на Волга во мошне патријархално трговско семејство. Нејзиниот сопруг е рамнодушен кон неа и таа е принудена да се потчинува на тиранијата на свекрвата. Екатерина се вљубува во друг човек и му е неверна на својот сопруг, но со оглед дека не е во состојба да прифати таков морален пад, се фрла во Волга и умира.
„Бура“ е една од првите драми кои се занимаваат со проблемот на потчинетата положба на жените. Оваа драма предизвика бурна реакција во општеството и кај критиката. Публицистот Николај Доброљубов за неа ја напиша познатата статија „Зрак светлина во мрачното царство“, чиј назив стана фразеологизам. Тој смета дека Екатерина е жртва на стариот застојан трговски свет и ѝ се восхитува на нејзината храброст да му се спротивстави. Дури и самоубиството тој го доживува како херојски и единствен можен излез од тоа „мрачно царство“.
Драмата е изведена на сцената на московскиот Мал театар и доживеа голем успех. До денес се смета за репрезентативно дело на руската драматургија, додека нејзините јунаци се доживуваат како персонификација на определени човечки карактери и судбини.
Аматерскиот драматург Константин Треплев на селскиот имот на својот вујко поставува сцена од драма што тој самиот ја напишал. Главната улога ѝ ја доверува на девојката од соседството Нина, во која е вљубен. На премиерата на аматерската претстава се собираат пријателите и соседите, ја фалат глумата на Нина, но ја критикуваат драмата поради претераната декаденција. Тоа многу го погодува авторот. Освен тоа, Нина се вљубува во еден од своите обожаватели и Треплев дури и се обидува да си го одземе животот.
Чехов во „Галеб“ обрнува внимание на пропаста на руското благородништво. Оваа тема ќе ја развива и во други свои драми. Според неговото мислење, овие луѓе повеќе не биле способни да работат, но само да живеат во сопствената фантазија и да создаваат, а не се во состојба да признаат дека всушност немаат талент. Тие ги мешаат животот у уметноста, бараат слава, занемарувајќи ги човековите односи.
„Во 1898 година „Галеб“ на сцената на Московскиот уметнички театар ја поставија Константин Станиславски и Владимир Немирович-Данченко. Претставата доживеа голем успех.
Три сестри и еден брат живеат во провинциско гратче. Нивниот татко починал една година претходно и сега размислуваат за тоа што да прават со своите животи. Најстарата Ољга работи како учителка, средната Маша е несреќна во бракот, додека најмладата сестра не може да најде ниту маж, ниту занимање што би ја исполнило.
Овие образовани сестри живеат прилично празни и бескорисни животи, постојано сонувајќи и планирајќи ја иднината која не може да се реализира. Истовремено немаат разбирање за својот брат кој се оженил за обична девојка и ја напуштил науката.
Драмата практично нема заплет и самиот Чехов за неа напишал: „многу разговори, малку дејствие“. Покрај сета меланхолија и очигледната пасивност на јунаците, „Три сестри“ е драма која и денес се изведува во многу театри и редовно доживува голем успех.
Аристократката Љубов Раневскаја во Франција го потрошила сиот свој имот. Ѝ останал само селскиот имот со прекрасна вишнова градина. Меѓутоа, имотот ќе биде продаден на аукција поради нејзините долгови.
Внукот на кметовите што му служеле на семејството на Раневскаја сега е богатиот трговец Ермолај Лопахин. Тој предлага земјата да се подели на парцели, а тие да се дадат под закуп за да се заработи на тоа и да се исплатат долговите. Но, Раневскаја не сака да го исече безвредниот овоштарник и ја игнорира неговата идеја. Таа и понатаму води празен живот, не правејќи ништо и постојано жалејќи се на својата положба. Лопахин потоа ја известува дека го купил нејзиниот имот и вишновата градина на аукција. Исклучително е среќен што сега ја поседува земјата на која неговиот дедо бил роб. Драмата завршува со звуците на секирата кои ги соборуваат дрвјата во вишновата градина.
Премиерата на „Вишновата градина“ е одржана во МХАТ. Култниот режисер Константин Станиславски вака зборувал за смислата на драмата: „Вишновата градина не носи приходи, таа во себе и во својата расцветана белина ја чува поезијата на господскиот живот. Таквиот овоштарник расте и цути од каприц, поради задоволството на размазените естети. Штета е да се уништи, но тоа треба да се направи, зашто процесот на економски развој на земјата го бара тоа“.
Мачна драма за животот на најниските слоеви на општеството. Дејствието се одигрува во прифатилиште за сиромаси. Секој лик ја открива својата природа. Изгледа дека секој од нив има своја специфична и мошне сложена судбина.
Читајќи ја оваа драма, Толстој зачудено го прашал Горки: „Зошто го пишувате ова?“. Тој не можел да замисли дека на публиката ќе ѝ биде интересна драма за прифатилиште за бездомници, каде без цензура се прикажани проститутки и алкохоличари. Меѓутоа, вистинската драма доживеала голем успех на сцената на Московскиот уметнички театар, а исто така мошне брзо е поставена на сцена во Германија.
Киев за време на Граѓанската војна, кон крајот на 1918 – почетокот на 1919 година. Во градот веќе по кој знае кој пат доаѓа до промена на власта, а културното благородничко семејство Турбини се обидува да го задржи својот вообичаен начин на живот, додека светот се распаѓа и наоколу владее целосен хаос. Во својата куќа тие примаат офицери на белогардиското движење, а и самиот Турбин учествува во Граѓанската војна на страната на белогардејците.
Оваа драма на Булгаков е напишана по нарачка на Московскиот уметнички театар врз основа на неговиот роман „Бела гарда“. Заплетот во голема мера е автобиографски. Имено, Булгаков живеел во Киев за време на Граѓанската војна и ги следел сите нејзини перипетии, останувајќи монархист до крајот на својот живот. Не ја прифатил револуцијата, но не ја напуштил земјата. Печатењето на многу негови дела, проткаени со неприфаќањето на новата стварност и на советската власт, било забрането.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче