„Велигденски јајца“ и референци на СССР во акционата видео-игра Atomic Heart

Mundfish, 2023
Ајде да фрлиме поглед на популарната игра и да видиме какви сé референци и алузии се наметнуваат.

Акционата видео-игра Atomic Heart се појави на 21 февруари 2023 година. Фокусирана е на авантурите на мајорот Нечаев во алтернативниот СССР во 1955 година, во ситуација кога роботите избегале од контрола и нападнале луѓе. Видео-играта доби меѓу 71 и 76 поени на порталот Metacritic (во зависност од платформата).

На самиот почеток на видео играта, техногената катастрофа сè уште не се случила, а играчот ќе се најде во грандиозниот утописки град Челомеј, кој ги демонстрира сите успеси и достигнувања на советската влада во алтернативна реалност. Токму во во Челомеј се наоѓаат повеќето од „велигденските јајца“ за кои пишуваме.

„Терешкова“

Најочигледната референца, еден од моделите на роботи се вика Терешкова, се разбира, во чест на првата жена космонаут Валентина Терешкова (1937). Роботот, сепак, нема никаква сличност со прототипот.

Близначки

Челичните жени-близначки веќе станаа визуелен симбол на видео-играта Atomic Heart. Не е тајна дека при креирањето на нивните фризури авторите нашле инспирација во познатата плетенка на Јулија Тимошенко. Околу движењата на ликовите помогна руската балерина Анита Пудикова.

„Фаренхајт 451“

Додека мајорот сè уште плови во чамецот по каналот, на брегот се одвива сцена каде бабата предлага да ги регулира залутаните роботи „Вовчики“ и од мажот го бара далечинскиот управувач. Тој вели: „Ти благодарам бабо. Шифра 0451“. Тоа е, во секој случај, референца на романот на Реј Бредбери „Фаренхајт 451“. 

Плакати

Сите плакати во градот се оригинални плакати печатени во СССР. Ним на одредени локации им се придодадени и плакати специјално креирани за играта, но во духот на советската стилистика.  

Телефонска говорница од СССР

Десно од количката за сладолед се наоѓа типична советска градска телефонска говорница со уред AMT-69. Таквите говорници се користеа во доцниот период на СССР.

Автомобили „Москвич“ и „Чајка“

На спротивниот брег на реката има автомобили „Москвич 412“, кои се произведуваа од 1967 до 1997 година во фабриките во Москва и Ижевск.

После тоа, можете да го преместите светло-црвениот „Москвич“, ист како оној во советскиот филм „Дијамантска рака“ (1969). Друг автомобил „Турбина“ од играта е копија на советските луксузни автомобили „Чајка“, ГАЗ-13 и ГАЗ-14.

Референци на советски филмови

Градот Челомеј е исполнет со референци на советски филмови, како од научната фантастика, така и од безвременската класика. До пристаништето се игра лезгинка со извици „Бамбарбија!“ Киргуду“, што претставува цитат од филмот „Кавкаската пленица“ од 1967 година.

Од истиот филм е и „Песната за мечките“, која се слуша преку звучниците во паркот, во изведба на Аида Ведишчева. Една жена го прашува својот сопруг во паркот дали ќе почне да функционира линијата „Москва – Касиопеја“, што е наслов на советски научнофантастичен филм од 1973 година.

Девојка сонува робот-куче, што е референца на уште еден хит на советската научна фантастика, „Доживувањата на Електроник“ од 1979 година. Името Реси што го смислила таа инаку е името на кучето робот од тој филм.

Знакот на локалната жичница е земен директно од филмот „Гости од иднината“ од 1985 година.

Книжевни референци

По пристигнувањето на ВДНХ на платформата може да се најде труп околу кој се расфрлани листови хартија „Мртов програмер“. Разговорот со него (да, можете да разговарате со трупови во играта и за тоа има научни објаснувања) започнува со зборот „абирвалг“, кој е првиот збор што го изговара човекот-куче Шариков во романот на Михаил Булгаков „Песјо срце“ (напишан во 1925 година) и истоимениот филм (1988).

На изложбата ВДНХ можат да се сретнат експонати ГПД-60, при што ГПД е „Главата на професорот Дауел“, научнофантастичен роман на рускиот и советски писател Александар Бељаев, објавен во 1925 година.

Една од гласовните пораки на „Шчебетар“ (буквален превод на „Твитер“) се вика „Понеделник започнува во сабота“ и е референца на класичниот роман на браќата Стругацки од 1965 година.

Главни лик во тој роман Александар Привалов се наоѓа на списокот на вработени во Фабриката бр. 3826 од играта.

„Ќе видиш ти!“ и расистички скандал

Треба да се истакне дека на телевизорите што се наоѓаат на брегот на канало на самиот почеток на играта се прикажува советскиот цртан филм „Ќе видиш ти!“ („Ну, погоди!“), поточно серија инсерти. Таквите телевизори се наоѓаат во просториите за одмор во играта.

Во еден од инсертите, шкотскиот корисник Ravs видел навреди на расна основа. Станува збор за инсерт од 12 циклус „Пази се“ (1978) во кој се појавува карикатурално претставен црнец со лак.

Притоа карикатурата наликува на претставите на Афроамериканците во американски цртани филмови од 1930-тите и подоцна. Сепак, програмерите мораа да се извинат.

Архитектурата во играта

Градот Челомеј во играта е именуван по Владимир Челомеј (1914-1984), реален советски конструктор на ракетни мотори. Тука се наоѓа проектантското биро на Претпријатието бр. 3826 и канцеларијата на неговиот раководител Дмитриј Сечанов, сместена во облакодер.

На главниот плоштад има копии од скулптурите „Мајката-татковината“ од Волгоград (дело на скулпторот Евгениј Вучетиќ) и „Работникот“ од композицијата на Вера Мухина „Работникот и колхозничката“ (1937).

Зградите што ги гледаме во градот се класични сталинистички градби, со рустично (обложени со камен со грубо издлабена предна страна) приземје. Облакодерот е уметничка слика на солитери кои во исто време потсетуваат на модерниот „Триумф палас“ во Москва.

Меѓутоа, неговото „свечено“ приземје (низ кое ликот двапати поминува качувајќи се за да ги земе клучевите од автомобилот) е копија на ентериерот на спомен-домот „Бузлуџа“ во Бугарија. Под куполата на градбата стои истиот „чекан и срп“, само што во реалноста тука е уште и натписот „Пролетери од сите земји, обединете се“.

Советска (и друга) музика во играта

Саундтракот на играта заврши со мемови, најпозната песна беше фанк ремиксот на „Комарова“ (музика на Игор Николаев, текст на Михаил Танич), голем хит на Игор Скљар. Роботот што ја свири нумерата на синтисајзер потсетува на Олег Парастаев (1958-2020), клавијатуристот на групата „Алијанса“, кој се појавува во такви очила во клипот „В зори“.

Во играта има две референци, но не на советската, туку на руската рок-група „Кралот и шутот“, која стана култна по смртта на солистот Михаил Горшенев во 2013 година.

Во еден од документите во играта под наслов „Инфилтрација во објект“ е опишан одреден М. Горшенев, „студент на МГУ гол до појас, разбушавен и со гитара на грбот кој доаѓа од шумата да патролира и да раскажува приказна“, а потоа се прераскажува текстот на песната „Шумар“ на групата „Кралот и шутот“ која иронично се преиспитува. Притоа самата песна не е во саундтракот на играта.

Второто „Велигденско јајце“ е поврзано со групата, поедноставно, називот на една од задачите „Во запуштениот парк“, е првиот стих од песната на „Кралот и шутот“ „Проклета стара куќа“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња