Сликарските почетоци на Богаевски се нераскинливо поврзани со неговата родна Феодосија, каде што учел од големиот маринист Иван Ајвазовски. Неговиот талент за време на студиите на Петербуршката академија за уметности го забележал уште еден учител - Архип Куинџи.
Константин Богаевски
О. П. ВороноваБогаевски патувал со колегите на Волга и Крим и таму сликал, а потоа се упатил во Европа, каде што се запознал со уметниците на Виенската сецесија и творештвото на Арнолд Беклин. Уште тогаш го привлекувале кримските пејзажи.
По враќањето во Феодосија, Богаевски многу патувал по Крим. Во Коктебел се запознал со поетот Максимилијан Волошин. Заедничка им била љубовта кон источен Крим, Кимерија, како што тоа подрачје се нарекувало во античко време. Поетот често пишувал за Богаевски, додека сликарот ги илустрирал неговите книги. Биле пријатели до крајот на животот.
Не без причина Волошин го карактеризира Богаевски како „сликар на копнени пејзажи“. Во своето студио во Феодосија Богаевски сликал специфични меланхолични пејзажи со ридовите и планините на Крим. Така се родил „Кимерискиот циклус“, своевиден осврт на далечното минато. Се добива впечаток дека векови историја се слеале во тие светли сложени платна, на кои од купот остри камења под жешкото сонце се формира бранестата линија на џеновската тврдина. Сликарот ги осмислувал делата до најситните детали, најпрвин цртајќи според оригиналот и на тој начин правејќи скици за идните композиции.
Повторно заминал на патување по Европа во периодот 1909-1910 година, кога бил силно импресиониран од делото на Клод Лорен, чие влијание се почувствувало и во делата на рускиот уметник. Некои теми на францускиот сликар менувал, а на класичните пејзажи почнале да се појавуваат карактеристични црти на „поинаков свет“, како да не се обични, туку замислени кримски пејзажи.
Меѓу почитувачите на неговото сликарство бил и мецената и индустријалец Михаил Рјабушински, кој купил четири слики и неколку акварели од Богаевски. А во 1912 година нарачал пано за големиот салон во куќата во улицата „Малаја Никитскаја“ во Москва. Богаевски го изработил триптихот „Далечина“, „Карпа“ и „Сонце“. Очигледно само тој можел да ги усогласи со делата на познатиот Михаил Врубељ што беа таму.
По револуцијата, сликарот работел во Кримската организација за зачувување на историските споменици и антиквитети. Бил во својот елемент, сликајќи ги историските споменици на Јалта, Алупка, Бахчисарај. Така се создадени албумите со графики со пејзажи на полуостровот. Споменатото дело како да ги помирува минатото и сегашноста во неговото творештво.
Во 1930-тите се префрла на индустриски пејзаж, престојувајќи на големи градилишта во Советскиот Сојуз. Огромни згради, нафтени платформи, брани и хидроцентрали во изградба... Тоа не беа само огромни градилишта, туку беа градови на иднината каде сè е во служба на човекот. Сепак, тој не бил целосно задоволен од конечниот резултат и зборувал дека насликал „древни мексикански градови“.
Сликарот пишувал дека пејзажите на Крим ја будат неговата имагинација. Работејќи на „прозаични“ дела, како паноа за земјоделска изложба во Москва, тој повторно се свртел кон пејзажите на планинските масиви и живописните заливи. По античка Кимерија, на неговите слики почнала да се појавува и Тауроскитија.
Еден од омилените уметници на Богаевски бил Андреа Мантења. Сликарот често се навраќал на неговиот опус и уште во 1910 година направил скица на пејзаж кој првично ја нарекол „Имитација на Мантења“. За време на Втората светска војна, повторно му се вратил на омилениот сликар. Наоѓајќи инспирација во неговата „Молитвата на Христос во Гетсиманската градина“ Богаевски ја насликал „Сеќавања на Мантења“.
За време на војната сликарот не се евакуирал. Било тешко време, неговата куќа и ателје неколкупати биле ограбени, но Богаевски за чудо успеал да ја спаси од Германците градската уметничка галерија. Меѓутоа, себеси не се спасил - при воздушен напад не легнал на земја туку останал да стои, па шрапнел од бомбата буквално му ја откинал главата. Непосредно пред смртта насликал атипичен зимски пејзаж на Феодосија со бурни ниски облаци и речиси безбојни ѕидини.
Изложбата посветена на 150-годишнината од раѓањето на Богаевски се отвора на 10 февруари во Рускиот музеј во Санкт Петербург, а поставката ќе може да се погледне до 22 мај 2023 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче