Двете најпопуларни риби од руските бајки

Legion Media; Борис Степанцев/Союзмультфильм, 1965; Михаил Цехановский/Союзмультфильм, 1950
Рибата што зборува и ги исполнува сите желби е еден од најпопуларните ликови на рускиот фолклор.

Риболовот е една од најпопуларните активности во Русија. Според народната традиција, мажите одат на риболов за да „избегаат“ од своите сопруги (дури и денес е така). Гледањето во водата и чекањето во тишина да загризе рибата е вистинска медитација на руски начин (многу популарен е исто така и зимскиот риболов, така што вистинскиот риболовец не се плаши од никаков студ или невреме).

Со риболовот се поврзани и голем број поговорки: „Рибарот оддалеку препознава рибар“, „Не е рибар секој што еднаш уловил риба“, „Дрдоркото се препознава по зборовите, а рибарот по уловот“.

Се смета дека е голема среќа да се улови ретка риба, особено голема. Затоа во многу бајки рибарот фаќа волшебна риба која исполнува желби. Притоа рибарот може да биде несреќен, сиромашен, баксузлија или мрзлив човек.

Волшебната штука

Во руските бајки се појавуваат двете најпознати волшебни риби. Еден од нив е штука. Во бајката „По волја на штуката“, мрзливиот будала Емелја со голи раце фаќа волшебна штука во дупка во мразот. Решава да ја остави жива и во знак на благодарност штуката му дарува волшебна моќ. Користејќи ја наредбата „По волја на штуката, а по моја желба“, Емелја ги исполнува сите свои желби. За волја на вистината, тој користи магија за да ги извршува домашните работи - да насече дрва, да донесе вода, но и да се вози на сопствената печка. На крај, за способностите на Емелја дознава и царот. Тој го повикува во неговиот дворец, па дури и му ја дава својата ќерка за жена. Ова бајковито сиже спаѓа меѓу омилените во рускиот фолклор. Тој зборува за неверојатната среќа и успехот на човек кој не вложил никаков напор и на почетокот бил во најбедна положба.

Златната рипка

Втората најпозната риба што зборува е златната рипка од „Сказната за рибарот и рипката“ на Александар Пушкин, кој за основа на својата работа го презел популарното фолклорно сиже. Сиромашен старец фаќа волшебна риба која моли да биде поштедена, нудејќи му да му исполни желба. На старецот ништо не му треба од рибата и ја пушта во морето, но намќорестата му жена го кара поради тоа и му наредува да побара од рибата ново корито, а потоа и нова куќа. После тоа амбицијата на старицата сè повеќе расте и таа бара да стане дама, а потоа и царица... Меѓутоа, на крај рибата ѝ одзема сé на старицата. Таа се враќа таму каде што била, „кај скршеното корито“. Овој цитат стана поговорка и поука за оние кои сакаат премногу и злоупотребуваат нечија добрина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња