Знаете ли дека и Русија има свои „лохнесовски“ чудовишта?

Getty Images
Во локалните езера во Русија, изгледа, можат да се најдат најразлични диви чудовишта, аждаи, па дури и ѓаволи. И судејќи според сè тие се многу поопасни од нивниот шкотски побратим.

Лабинкирскиот ѓавол

Огромно агресивно чудовиште со голема челуст полна со остри заби, вака Јакутите и Евенките го опишуваат ѓаволот кој живее во езерото Лабинкир. Според легендите ова чудовиште од време на време излегува на копното и оди во лов на елени или на патници кои се нашле на брегот.

Во околината на Лабинкир нема многу луѓе. Езерото се наоѓа во забит, на истокот на Јакутија, а до најблиското населено место има околу 150 километри. Мештаните кои ќе се најдат во близина на езерото се обидуваат да го заобиколат ова проколнато место со голем лак.

Долго време официјалната наука ги третираше приказните за Лабинкирскиот ѓавол како најобични бајки. Меѓутоа сè се измени во 1953 година кога чудовиштето го забележаа научници од една геолошка експедиција.

Еден од нив, Виктор Твердохлебов, во својот дневник ја опишал оваа прочуена средба. „Тоа се движеше крај брегот, прво по должината на езерото, а потоа директно кон нас. Како што ни се приближуваше, ме обземаше некоја чудна скаменетост од која целиот смрзнав. Над водата повремено се навиваше темно-сиво суштество, очи на животно, а од телото стрчеше нешто како стап... Чудовиштето се движеше со скокови... малку се издигнуваше од водата, иташе напред, а потоа целосно нурна во водата... Немаше сомнеж. Го видовме 'ѓаволот', легендарното чудовиште од овие простори“.

Лабинкир веднаш предизвика голем интерес, а во последно време беа организирани бројни научни експедиции. Како што излезе, езерото самото по себе е уникатно. На длабочина од 70 до 80 метри пронајдени се аномални пукнатини и раседи, како и пештери-тунели, кои веројатно водат до други езера. Без оглед на суровите зими во овој дел на Сибир, кога температурата се спушта и до педесет степени под нулата, Лабинкир замрзнува неверојатно бавно.

Сепак, локалниот ѓавол всушност и не е пронајден. Последниот инцидент поврзан со него најверојатно се има случено зимата 1999 година кога на брегот на езерото преноќи уште една истражувачка експедиција. Кога се разбудија изутрината, луѓето сфатија дека нивното куче кое спиело на работ на водата исчезнало без трага.

Бросненската аждаја

Легендите за страшниот змеј кој живее на езерото Бросно во Тверската област се стари повеќе од осум века. Според една од нив за време на монголската наезда на руската земја, чудовиштето практично го спасило Велики Новгород од војската на ханот Батиј и од уништување.

Во текот на својот поход на Новгородската земја Монголците наводно запреле на брегот на езерото Бросно и кога ги повеле коњите на поило, змејот излегол од водата и почнал да ги растргнува животните и вџашените луѓе. Батиј, според преданието, го сфатил ова како лош предзнак и се вратил.

Митот за чудовиштето (или за неговите потомци) продолжува да живее и во денешно време. Токму Броси, како што мештаните го нарекле по аналогија на Неси, наводно ги превртува чамците и ја одвлекува стоката и кучињата од брегот кон морското дно, а неговата глава сета во крлушки повремено се појавува над површината на езерото.

Стручњаците, меѓутоа, за легендата за бросенската аждаја имаат логични објаснувања. Под езерското дно се акумулираат хидрати на водород-сулфид кои повремено испливуваат на површината, бабрејќи и експлодирајќи. Токму тие и ги превртуваат чамците и кај набљудувачот создаваат илузија на чудовиште со раширена челуст.

Чановското чудовиште

Брат-близнак на шкотскиот Неси, би можел да живее во езерото Чани кое има површина од 2.269 квадратни километри и е најголемо во западен Сибир. Чудовиштето наводно има издолжен врат, долг опаш и огромна перка на грбот.

Овој езерски жител во 2010 година беше на само чекор да стане најопасното чудовиште во Русија. Мештаните тогаш беа целосно сигурни дека во текот на изминатите три години има убиено 19 луѓе!

Кружат гласови дека чудовиштето ги напаѓало рибарските бродови, влечејќи ги луѓето на дното. Пронајдените трупови изгледале, наводно, како да ги гризело суштество со огромни заби.

„Живеам покрај езерото Чани веќе 80 години, и во ова езеро секоја година исчезнуваат десетина луѓе“, изјави во 2010 година за новинарите на „Лајф њус“ жителката на селото Квашино Нина Доронина. „Пред три години таму се удави мојот триесетгодишен внук Михаил, млад, силен човек... Езерото беше мирно, но ненадејно неговиот чамец почна да се ниша и се преврте... четворица туристи од градот Белово во Кемеровската област до денешен ден не се пронајдени. Тие се удавија пред неколку години. Моторниот чамец го турна нешто од оздола, некој силен удар и тој се преврте, повлекувајќи ги луѓето кон дното...“

Правосудните органи на Новосибирската област, меѓутоа, кај жртвите немаат најдено никакви траги од заби или од насилна смрт. Како што навеле, никакви верзии за настани со митски аждаи и подводни ѓаволи не држат вода, а трагичниот настан е последица на несреќен случај.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња