Погледнете како изгледа среќен спој на иконопис и научна фантастика на платната на руски сликар!

Антон Фролов
Работите на Антон Фролов се блиски до старите руски икони, но неговата имагинација е окупирана и од мистериозни, илузорни светови, суперцивилизации и вонземски суштества.

Антон Фролов (1982) уште од мали нозе ја обожавал научната фантастика, пред сé делата на Станислав Лем и браќата Стругацки. Најголемо задоволство, сепак, му претставувало уживањето во илустрациите на делата на споменатите автори нацртани од Роберт Авотин во советските публикации и списанија. „Кревки, енигматични, илузорни светови и ѕвезди кои лебдат во мистериозен чад“, сето тоа ја заробило имагинацијата на Антон.

Роберт Авотин „Оснивачи хелиоцентријума“

Денес и самиот е сликар. Стилски, неговите работи се блиски до старите руски икони. Работи со дрво, темпера и метални ливчиња кои имитираат вистинска позлата. Меѓутоа, на неговите „икони“ не се прикажани светци и библиски содржини, туку суперцивилизации, мистериозни вонземски суштества, вештачка интелигенција и најнеобични пораки од другите универзуми.

Експериментирајќи со сликарските стилови, во 2012 година Антон прави скици на кои ја спојува пластичноста на јапонската манга и едноставноста на стариот руски иконопис. На негово големо изненадување, во своите дела ги запазил футуристичките црти.

„Тоа беа своевидни скици на вонземски форми на живот кои го посетиле нашиот свет во далечното минато и го изнедриле интелигентниот живот“, вели Антон.

Овој ликовен уметник својот стил го нарекува иконографски футуризам, односно синтеза на духовност и високи технологии. Ви претставуваме само некои работи од богатиот опус на Антон Фролов.

„Црвена линија“, 2022 година.

Антон признава дека долго време не можел да го заврши делото, сé додека не го пронашол детаљот што недостасувал. А тоа е тенката црвена линија која ја симболизира „линијата без враќање“ зад која има само уништување. А стражар го блокира патот до неа.

„Пурпурен цвет“, 2022.

Сликата асоцира на „Пурпурниот цвет“, руската верзија на бајката „Убавицата и ѕверот“. Единствено цветот е стилизиран во вид на приказ на протони, а наместо сонцето, зад крошните на тополите, светот на смртниците го набљудува сеприсутниот тетраедар.

„Други атоми“, 2022.

Според првичната идеја, иконографските ликови требало да бидат прикажани на фонот на планетите и вселената. Меѓутоа, во текот на работата Антон од макро-светот се префрлил во микро-светот, симболично прикажувајќи ги „другите атоми“.

„Антигравитација“, 2022. 

Во ова дело Антон ја применува иконографската техника на сенчење на одредени делови од иконата со златни ливчиња, како што се престолите, ангелските крилја, престолот, истакнувајќи го нивниот божествен карактер. Ја користеле иконописците и сликарите на палешката школа во своите минијатури. „Со четкичка се нанесува лепило и преку него се става злато. Кога се гледа од различни агли, златото подигрува истакнувајќи го волуменот на фигурата“.

„Младоста на светот“, 2022. 

Во делата на овој уметник како позадина наместо иконографски пејзажи се појавува архитектура во социјалистички стил од седумдесеттите години на минатиот век. „Слика на слободата и енергијата на позадина на бизарната архитектура која лебди во златниот бескрај“.

„Фотон 1“ и „Фотон 2“, 2022.

Фотонот е светлината на знаењето. Овие космички ликови се референца за „Светот на пладнето“ на браќата Стругацки. Научноистражувачката група „Јормала“ се спуштила во црна дупка со вселенскиотз брод за меѓуѕвездени летови „Тама“, но никогаш не се вратила. Антон ги доловува фантазираните портрети на учесниците во тој експеримент.

„Релативистички коњаник“, 2022.

Сликата е алузија на четворицата јавачи на Апокалипсата и рефлексија  за обидите на човекот да управува со нашиот свет. „Зарем напредокот нема да го доведе човештвото до таква брзина во која ќе ја изгуби контролата“, се прашува уметникот.

„Калеидоскоп“, 2021.

Слика-фантазија за колонизација на Марс и „привлекувањето на машкиот и женскиот принцип“.

Сликата е инспирирана од сцена од филмот „Осми патник“ (1979).

„Византиски радар“, 2022. 

Ефемерните византиски ликови на фонот на бруталистичката архитектура зборуваат за изолацијата и осаменоста на дигиталниот свет.

„Тајни соѕвездија“, 2021 година.

Размислувајќи за религијата и науката, Антон сонува за извесен трет феномен кој би можел да се појави како производ на тој спој.

„Паднато НЛО“, 2021.

Во научно-фантастичните дела често се поставува темата за контакт помеѓу хуманоидните и нехуманоидните умови. Во оваа композициски многу сложена слика Антон размислува за духовниот контакт помеѓу два света.

„Андромеда“, 2016.

Богородична научно-фантастична верзија. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња