Кои јадења во Русија се подготвуваат за душа на покојникот?

Legion Media
Рускиот обичај на изнесување потекнува уште од прасловенското минато. На поменот луѓето се сеќаваат на добрите дела на покојникот и се молат за упокојување на неговата душа. Обично сето тоа вклучува и трпеза.

Според православниот обичај, првото изнесување се прави на денот на погребот. Се покануваат сите кои присуствувале на погребот. Потоа изнесување се прави на деветтиот и четириесеттиот ден по смртта.

Првата годишнина од смртта обично се одбележува во кругот на семејството, како и секоја наредна годишнината и секој роденден на починатиот. Православните верници прават помен и изнесуваат за своите починати родители повеќе пати во текот на годината – на задушници, кои се паѓаат пред пости.

Се верува дека изнесувањето по погребот е важна фаза од преминот на душата во задгробниот живот. Обично покојникот се погребува на третиот ден по упокојувањето, во знак на сеќавање на воскресението на Господ Исус Христос.

Како се сервира трпеза на помен?

На трпезата што се подготвува по повод смртта на некој близок, најчесто се принесува обична храна, во обични садови (не празнични) со невпечатливи бои. И чаршафите за маса треба да бидат без впечатливи шари, а понекогаш врз нив се става црна лента.

На чело на таквата софра седи домаќинот на куќата, а од неговата лева и десна страна се членовите на семејството и роднините, редум по старост и блискост со покојникот. Местото каде што обично седел покојникот може да се остави празно, и таму, исто така, се ставаат и прибор за јадење и чинија со симболична порција храна.

Пред кандилото или фотографијата на покојникот се става чаша вода и на неа парче леб со сол. Постои обичај четириесет дена секој ден да се менува водата и да се става ново парче леб, а на четириесеттиот ден по парастосот да се истури водата, а лебот да се срони и да им се остави на птиците. Понекогаш наместо вода се сипува вотка (иако тоа е спротивно на благословот на Црквата) и таа останува во чашата 40 дена.

Кои јадења Русите ги прават за помен?

Ручекот започнува со тоа што секој прво ќе земе панаија која била осветена на парастосот. Тоа е каша направена од мелено просо или ориз, или од цели зрна пченица, засладени со мед и суво грозје. Зрната во панагијата се симбол на Воскресението, а медот и сувото грозје се симбол на насладата на праведниците во Царството Небесно.

Претходно на поменот не се принесувале виљушки бидејќи не биле потребни за главните јадења. Постоело верување дека панаијата не треба да се јаде со виљушка бидејќи така може да се вознемири душата на покојникот. Сега менито е проширено, а обичајот поврзан со виљушките денес ретко кој го почитува.

За помен се прават и палачинки. Првата палачинка ја оставаат на прозорецот, за покојникот, а останатите гостите ги јадат за неговиот спомен. Словените верувале дека палачинките ги симболизираат сонцето и повторното раѓање и дека ја одразуваат врската на човекот со небото и задгробниот свет.

Палачинките може да се послужат со путер или деликатеси како мед, павлака, кавијар или лосос, во зависност од вкусот и финансиските можности на семејството. Треба да се каже дека трпезата на помен е прилично скромна. Се прават онолку палачинки за сите да изедат по една или две.

Помен во куќа на трговец 1876, Фирс Журављов

Пијат ли Русите вотка на помен?

Црквата не дава благослов за пиење силни алкохолни пијалоци на трпезата за помен на починатиот. Некои дури веруваат душата на покојникот ќе поминува подолго низ митарства во задгробниот свет доколку повеќе вотка се пие на неговиот помен. Од друга страна, постои и практична причина за таквото ограничување. Поменот служи за луѓето да се сеќаваат на покојникот и да се молат за неговата душа, а не да водат пламени разговори.

И покрај тоа, во Русија е мошне честа појавата за „помен“ на покојникот со чашка вотка или коњак. Тоа обично се прави пред јадење или пред панаијата. Ако нема панаија, тогаш пред палачинките. Најчесто тука завршува консумирањето силни алкохолни пијалоци. Од другите пијалоци на трпезата може да има компот, квас или црно вино.

Шчи и каша – обични руски јадења

По панаијата и палачинките следуваат секојдневни оброци. Првото јадење е чорбесто и тоа најчесто е шчи, т.е. класична руска чорба направена од свежа или кисела зелка (со месо или без месо ако е посен ден). Во јужните региони на земјата се готви и боршч.

Покрај тоа, се печат затворените погачи со солен филов од месо, зелка, кромид, компир, риба или печурки. Се избегнуваат слатки отворени погачи, бидејќи се асоцираат со свадба и други радосни празници.

Главното јадење е пире од компири или хелда со месо. Со тоа се служи и свеж и конзервиран зеленчук или салата од зеленчук.

Според историчарот на руската кујна Виљам Похлепкин, завршното јадење на изнесувањето е кисељот (традиционален пудинг од бобинки). Тоа „задолжително мора да биде кисело и задолжително од растенија, т.е. од дренка, брусница или, во краен случај, од јаболка, огрозд или рибизла, само не од млеко“. Похлепкин објаснува дека кисељот помага во варењето на тешката храна направена од брашно и месо. Наместо кисељ, понекогаш се вари и компот од свежи бобинки или од свежо или суво овошје.

По трпезата на сите им се делат обични бонбони или кекс за да се засладат и да го споменат покојникот и дома.

Ако изнесувањето се прави за време на пости, тогаш на менито нема месо и други производи од животинско потекло. На трпезата најпрвин  се изнесува панаија и палачинки, а потоа посни јадења. На пример, шчи од печурки, хелда со зеленчук, пита од зелка и слатко пециво со суво грозје или суви кајсии со посно тесто.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња