Како Русинката Ија Ге или Лејди Абди стана најатрактивната манекенка во Париз

Лејди Абди како Хамлет, Сесил Битон, 1929.

Лејди Абди како Хамлет, Сесил Битон, 1929.

Christies/Legion Media
Оваа „светска лавица“ и актерка ѝ помогна на Коко Шанел да дизајнира женски чанти, а нејзиниот живот беше како француски роман.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во Париз беше позната како Лејди Абди. Руска емигрантка, висока русокоса со сини очи, стана вистинска ѕвезда на францускиот моден свет. Неколку децении нејзината убавина блескаше ширум Франција.

Благородничка од родот на натурализирани Французи

„Портрет на Ија, Лејди Абди“, Андре Дерен

Ија Ге е родена 1897 година (според други извори - 1903 година) во градот Славјанск, во Харковската губернија на тогашната Руска империја. Нејзините предци се Французи кои се преселиле во Русија за време на Големата француска револуција од 1789 година и станале поданици на Екатерина II.

Во семејството на Ија имало многу уметници. Дедо ѝ Иван Ге бил драматург, а неговиот брат Николај Ге познат сликар. Нејзиниот дедо по мајка го обожавал балетот и основал свој кметовски театар. Нејзините родители биле актери и со години играле на сцената на Александрискиот театар во Санкт Петербург.

Ија исто така била многу талентирана. Од рана возраст покажувала дарба за музика и сликарство. „Многумина мислеа дека ќе станам сликарка или актерка“, изјавила таа во една прилика во разговор со историчарот на модата Александар Василев, кој им ја открил Ија на руските читатели во книгата „Убавина во егзил“.

Нејзините родители се развеле додека таа била сè уште дете, а кога започнала Првата светска војна со мајка ѝ биле во Германија, од каде што успеале да се префрлат во Швајцарија. По војната, Ија посакала да се врати во Русија, но по пат, во Финска (тогаш тоа бил дел од Руската империја) го запознала својот прв сопруг, холандскиот претприемач Герит Јонгејанс. Таму во 1917 година добиле син, идниот бродвејски актер Џорџ Гејнс, кој е познат и по улогата на командант Ласард во серијата „Полициска академија“. И тогаш во Русија избувнала револуцијата, а потоа граѓанската војна. Ија набрзо се развела од сопругот, му го оставила синот и отпатувала во Западна Европа.

Руска благородничка станува главната помодарка на Париз

Ија пристигнала во Париз во 1921 година. Ѝ требале пари и затоа извесно време свирела клавир во кино. „Еднаш еден руски познаник <...> ми рече... „Имате виток стас, одете во моден салон, веројатно ќе најдете работа“, напишала таа подоцна. Така отишла во познатата модна куќа на сестрите Кало. Ѝ понудиле работа како манекенка за 450 франци и појадок. Тоа не ја интересирало многу, но немала други извори на приход.

30 мај 1929. Француската модна дизајнерка Коко Шанел (1883-1971) (десно) и Лејди Абди во улицата „Фобур Сент-Оноре“, Франција.

Еднаш во салонот на Кало дошле некои Англичани и еден од нив посакал подобро да се запознае со Ија. Тоа бил колекционерот сер Роберт Хенри Едвард Абди. Така Ија набргу потоа станала Лејди Абди. Откако влегла во елитното општество, сите врати во Париз ѝ биле отворени. Работела со Пол Поаре, највлијателниот моден креатор во тоа време, со модната куќа „Мејнбокер“ (Mainbocher), дизајнерот Едвард Молињо и други познати модни креатори.

Покрај тоа, Абди и самата експериментирала со стилот, шокирајќи ја публиката со несекојдневни комбинации и решенија за облека, како и со нејзината несекојдневна убавина. „Вог“ ги испечатил нејзините фотографии направени од најпознатиот париски моден фотограф Џорџ Хојнинген-Хајне (исто така со руско потекло). Списанието го опишало нејзиниот стил на следниов начин: „Лејди Абди е една од убавиците на имигрантската заедница во Париз. Секогаш се облекува според лична креација. Нејзиниот вкус е неоспорен и не е под ничие влијание. Таа може да ги инспирира дизајнерите на женска облека“.

По неколку години брак, сер Абди, страствен антиквар и колекционер, ја напуштил сопругата, но Лејди Абди го задржала статусот на дама од високото општество, како и скапиот накит што го заложила во банка и добивала камата од кои се издржувала до крајот на животот. Во моментот на разводот таа веќе била позната манекенка, живеела на висока нога, изнајмувала скапи апартмани и се движела во круговите на високото општество, богатите луѓе и познатите руски емигранти. Покрај тоа, и самата се испробала во модните креации, цртајќи скици на женски чанти за модната куќа што нејзината мајка ја отворила во Париз.

Коко Шанел (лево) и Лејди Абди, 30 мај 1939.

На еден прием во високото општество Абди се запознала со Коко Шанел и ѝ ја кажала својата нова идеја за чанти-вреќи, па дури ѝ ги покажала и скиците. Шанел ѝ понудила на Русинката работа во својата модна куќа. Абди прифатила, но била многу непријатно изненадена кога видела дека Шанел веќе продава торби-вреќи според нејзините скици без дозвола. Коко рамнодушно ѝ одговорила дека не гледа проблем во тоа, бидејќи сега Абди работи за неа. Ија не можела да се навикне на тешкиот карактер на Коко и набрзо престанала да соработува со неа.

Како театарска актерка дебитирала во 1936 година. На задоволство на публиката, во претставата „Цар Едип“ била облечена во луксузен костим на Шанел.

До татковината и назад

Театарот Folies-Wagram, 1935. Лејди Абди стои лево во бел фустан.

Ија дошла во СССР во 1937 година да го посети својот болен татко. Сталиновите репресии биле во полн ек. „Тогаш првпат ја видов Москва. Многу тажна глетка! Беше зима, сé беше покриено со снег, а мојот хотел „Метропол“ беше блиску до Кремљ. По улиците поминуваше црна толпа луѓе, гледав низ прозорецот и го видов Кремљ целиот покриен со снег. Бев многу тажна. Еден унгарски новинар ме праша: „А што сакате, Москва да ви ги покаже бањите во работнички домови или во „комуналките“ (заедничките станови)?“, ја цитира Александар Василев Лејди Абди.

Сепак, се раскажува дека имала уште една причина за ова нејзино патување, и тоа од романтична природа. Имено, на Ија ѝ се припишува интимна врска со советскиот писател Алексеј Николаевич Толстој. Наводно токму таа била прототип на импресивната хероина на романот „Хиперболидот на инженерот Гарин“, балерината и авантуристка Зоја Монроз.

За волја на вистината, Василев пишува дека може само да се нагаѓа кој ја придружувал Ија на ова патување и, што е уште поважно, како била пуштена да излезед од Советскиот Сојуз да  се врати во Франција.

Клод Греем-Вајт и Лејди Абди на пистата во Бруклендс.

Во Париз ја чекаале нови авантури. Поради врската со Италијанец од владата на Мусолини, таа била осомничена за шпионажа во корист на Италија и протерана од земјата. По бракот имала англиско државјанство, па морала да се пресели таму. За време на Втората светска војна била ангажирана како преведувач. Течно зборувала руски, француски и германски јазик, така што преведувала воени преговори и договори за враќање на заробени Руси во татковината.

По војната Лејди Абди живеела во Њујорк (каде што нејзиниот син градел актерска кариера) и во Мексико. Веќе во 1970-тите, таа се вратила во Франција и живеела во аристократскиот град Рокбрен на Азурниот брег. Лејди Ија Абди починала во Кан на 90-годишна возраст. До крајот на животот носеше модерни шешири и фустани со впечатливи бои.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња