По повод денот на Македонската академија на науките и уметностите денес во свечената сала на МАНУ се одржа пригоден настан со кој претседаваше претседателот на највисоката научна институција академик Љупчо Коцарев.
Секоја година на овој ден Македонската академија на науките и уметностите ја доделува наградата која го носи името на нејзиниот прв претседател. По предлог на Одделението за лингвистика и литературна наука годинава, кога во Македонија се прославува 100-годишнината на великанот Блаже Конески, беше донесена одлука медалот да ѝ биде доделен на руската македонистка Елена Владимировна Верижникова. Наградата на Верижникова ѝ се доделува за нејзиниот придонес во македонистиката, како во својата родна земја, така и пошироко.
Лауреатката ја претстави академик Марјан Марковиќ кој откако на присутните им ги презентираше фактографските податоци од животот на Верижникова, ги претстави и нејзините научни достигнувања. По ова официјално обраќање тој се осврна и на еден друг дел од ликот на Верижникова, при што ги истакна како нејзините човечки квалитети, така и нејзината неверојатна интуиција за јазикот и за сето она што е поврзано со Македонија.
Во своето пригодно обраќање, пак, професорката Верижникова се осврна на македонистиката во Русија, при што го подвлече фактот дека во моментов на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ се школува десеттата генерација македонисти. Групата беше формирана минатата година, годината на најголемите кризи поврзани со пандемијата од КОВИД-19, што претставува голем успех како за професор Верижникова, така и за македонистиката. Таа од сè срце им се заблагодари на Македонската академија на науките и уметностите за тоа што е удостоена со една ваква мошне важна награда, но пред сè им се заблагодари на сите граѓани на Македонија за тоа што го зборуваат македонскиот јазик, кој е нејзината причина за живеење.
Прочитајте исто така: Конески ги обедини руските и македонските научници
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче