Рускиот мобилен оператор и интернет-провајдер „Мегафон“ започна нова рекламна кампања во која во главната улога се појавува холивудската ѕвезда Брус Вилис. Односно, да бидеме попрецизни, лицето на Брус Вилис.
Компанијата со помош на технологија за генерирање на лице ги направи цртите на лицето на Брус Вилис и ги даде на друг актер на снимањето во Русија. Холивудскиот актер во текот на целиот период на продукција остана далеку во Америка, но за користењето на неговите црти на лицето и ликот од филмот „Умри машки“ во маркетинг-кампања доби недоговорен хонорар. Руските експерти за пазарот на реклами проценуваат дека Вилис добил од 1 до 2 милиони долари, објави порталот Vedomosti daily.
„Ликот од филмот „Умри машки“ во рекламната серија ќе биде изработен со помош на технологија за генерирање на лице, која се базира на невронски мрежни алгоритми. За да го постигнат тоа, инженерите на студиото Deepcake избраа голем број фотографии и видеоснимки со холивудскиот актер. Располагаа со 34000 единици содржина. Невронските мрежи ги искористија нив за создавање на приказот на ликот на Вилис“, објаснува Василиј Бољшаков, директор на секторот за брендирање и маркетинг во компанијата „Мегафон“.
Користењето холивудски актери не е новина во рускиот маркетинг, бидејќи многу компании претходно соработуваа со разни американски sвезди. Меѓутоа, употребата на технологија за генерирање на лице отвора можности за снимање во време кога патувањето меѓу континентите е отежнато поради ограничувањата поврзани со КОВИД-19 и, што е најважно, ги намалува трошоците за рекламирање.
„Сфативме дека можеме да обезбедиме содржина со висок квалитет, а да не станеме заложници на ограничувањата кои пандемијата ги наметнува на патувањата по светот. Користењето на оваа технологија ни овозможува да снимаме содржина побрзо и поевтино отколку во случај кога би имале sвезди на сетот“, вели Бољшаков.
Меѓутоа, „содржината со висок квалитет“ најверојатно е претерување. Компјутерски генерираниот Брус Вилис не изгледа многу задоволувачки во некои сцени, додека во други многу потсетува на актерот. Искусен гледач без проблем ќе сфати дека Брус Вилис не глуми во рекламата во строга смисла на зборот.
„Ние отворено зборуваме за технологијата што ја користиме и не се обидуваме да измамиме никого. Напротив, сметаме дека гледањето на Брус како што го паметиме од „Умри машки“ и „Петтиот елемент“ во нова улога преставува прекрасна можност за сите нас“, вели Бољшаков.
Претставниците на компанијата ја осмислија кампањата како „семеен блокбастер“ во кој се појавуваат двајца тајни агенти. „Искусниот агент што го игра Брус Вилис е жесток момчак кој зборува малку, а ја отелотворува идејата за сигурност. Младиот агент, кој го игра друг актер, ги претставува поволностите што ги нуди компанијата, бидејќи тој е експерт за животни вештини и снаодливост“, вели Бољшаков.
Сé на сé, компанијата планира да емитува 15 епизоди во кои ликот на Вилис и неговиот партнер совладуваат пречки со помош на услугите на компанијата. Првата епизода, во режија на познатиот руски музичар и режисер Иљја Најшулер (кој неодамна го сними холивудскиот хит „Никој“), прикажува ликови врзани за јахта каде се заканува да експлодира темпирана бомба. Улогата на партнерот на Брус Вилис му е доверена на рускиот комичар и телевизиски водител Азамат Мусагалиев.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче