Филм на руски режисер минатиот викенд првпат во Америка оствари најголема заработка на благајните

Legion Media
Акцискиот филм „Никој“ на рускиот режисер Иљја Најшулер оствари во текот на изминатиот викенд (од 26 до 28 март) најголем приход, од 6,7 милиона долара, на благајните на 2460 кина во Америка, велат податоците на Box Office Mojo.

Според информациите од порталот The Flow, „Никој“ е прв филм на некој руски режисер што остварил најголема заработка. Во другите земји „Никој“ од продадени влезници заработил повеќе од пет милиони долари. Вкупниот приход што овој филм изминатиот викенд го оствари на киноблагајните изнесува 11,73 милиони долари.

Филмот „Посебно опасен“ на Тимур Бекмамбетов беше досега најдобро пласираниот руски филм според приходот остварен за викенд. Тој за  викенд во 2008 година заработи 50 милиони долари, меѓутоа, не ја зазеде лидерската позиција во САД.

Приказната на филмот на Најшулер „Никој“ е фокусирана на средовечниот маж Хач Мансел, чиј живот драматично се менува по еден вооружен грабеж. Кога ќе дознае дека еден од напаѓачите е брат на локалниот гангстер, тој решава да се освети. Главните улоги ги играат Боб Оденкирк, Кристофер Лојд и Алексеј Серебрјаков.

Иљја Најшулер од својата осма до четиринаесеттата година живеел во Лондон, а по враќањето во Русија во Москва ја завршува Британската меѓународна школа и станува познат благодарение на филмот „Хардкор“ за кој го напиша сценариото, беше продуцент и играше епизодна улога. Филмот, чиј буџет беше три милиони долари, во 2016 година беше прикажан во кината во 30 земји и заработи 14,3 милиони долари. После тоа Најшулер правеше спотови за групите „Ленинград“ и False Alarm и сними пилот-епизода за серијата „Карамора“ на Данила Козловски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња