Седум холивудски ѕвезди кои преминале во православие

Храмот на Христос Спасителот. Москва. Џејмс Белуши, Џенифер Анистон, Том Хенкс, Кери Хиројуки Тагава

Храмот на Христос Спасителот. Москва. Џејмс Белуши, Џенифер Анистон, Том Хенкс, Кери Хиројуки Тагава

Legion Media; Шарифулин Валериј/ТАСС
Овие американски глумци до православието имаат дојдено по различни патишта. Едни се родиле во оваа вера, а други стасале до неа по трнлив пат.

1. Том Хенкс

Актерот Том Хенкс на светската премиера на „Приказни за играчките 4“

Познатиот холивудски глумец го прими православието во зрела возраст. Одлуката за промена на верата ја донесе по својата втора свадба, кога во 1988 година се ожени со глумицата Рита Вилсон. Таа има бугарско и грчко потекло и исповеда православие (ѝ припаѓа на Грчката црква). Хенкс во повеќе наврати има речено дека венчањето е направено во истиот храм во кој Рита некогаш била крстена. И децата од нивниот брак се исто така крстени во грчка црква. Целото семејство Хенкс го посетува православниот храм во Лос Анџелес. Американскиот глумец во декември 2019 година доби и грчко државјанство.

Во февруари 2016 година тој го посети рускиот православен храм Света Троица на Антаркикот, каде се помоли и се искачи на камбанаријата. Ѓаконот на овој храм Максим Герб за Хенкс рече дека тој е „мошне отворен и добронамерен човек“.

2. Џејмс Белуши

Белуши е потомок на албански емигранти. Тој е исто така православен христијанин (Албанска црква). Посетува православни храмови во САД, а во 2009 година доби и државјанство на Албанија.

3. Кери Хиројуки Тагава

Американскиот глумец Кери Хиројуки Тагава пред почетокот на церемонијата на отворањето на московскиот меѓународен филмски фестивал пред концертната сала „Русија“. Москва, 19 април 2018 година.

Американскиот глумец со јапонско потекло е познат главно по улогите на негативец во холивудските филмови („Мортал Комбат“, „Дозвола за убиство“, „Планетата на мајмуните“).

Крстен е во 2015 година во Москва во Руската православна црква. На крштевањето го доби православното име Пантелејмон. Една година подоцна доби и руско државјанство. Вели дека и двете одлуки ги има донесено сам по долго размислување.

„Јас не го следам новиот тренд. Јас го следам своето срце. Не е лесно да се донесе таква одлука ниту во Америка, ниту каде било на друго место во светот. Ова за мене е нов предизвик“, рече Тагава на прес-конференцијата по повод премиерата на филмот „Јереј-сан: Исповед на самурајот“.

4. Шоуни Смит

Шоуни Смит (глумица и музичарка) на дводневната манифестација на љубителите на стравот и ужасот Weekend of Hell Spring Edition 2019 (13-14 април 2019 година).

Американската пејачка и глумица, ѕвезда на филмовите и сериите „Без лутење, ве молам“, „Сложувалка на стравот“, „Армагедон“ е израсната во американско протестантско семејство. Премина во православието во 2014 година. Дури сакаше и да сними документарен филм „Православие: Приказна за љубовта“ каде сакаше да прикаже како верата влијаела на промената на нејзиниот живот. Американските медиуми пишуваа дека авторите на филмот „планирале да патуваат ширум САД и можеби во Русија за да прикажат различни православни христијани, нивните заедници, варијациите на нивната вера, да разговараат со новообратените за тоа како и зошто го примиле православието“. Еден од јунаците на филмот се сеќава дека Шоуни му раскажувала колку сака да им покаже на луѓето дека во овој свет сè уште постои надеж. Филмот сè уште не е завршен.

5. Мила Јовович

Познатата холивудска глумица е родена во Киев. Во младоста се преселила во САД, но се гордее со своето потекло и одлично зборува руски. За својата вера таа го има кажано следново: „Родена сум како православна Русинка, но одам во секоја црква каде чувствувам присуство на љубов и на дух“.

Мила во 2015 година својата втора ќерка Дашијел ја крсти во Спасо-Преображенскиот православен храм во Лос Анџелес.

6. Џенифер Анистон

Џенифер Анистон, Лос Анџелес, 7 јуни

Оваа позната глумица има грчко потекло и ѝ припаѓа на Грчката православна црква, но во Лос Анџелес го посетува и рускиот Спасо-Преображенски храм. Нејзин кум е пријателот на нејзиниот татко Тели Савалас, исто така глумец со грчко потекло.

7. Џонатан Џексон

Џонатан Џексон со својата жена Лиза.

Џексон вели дека е роден во семејство на адвентисти на седмиот ден, со тоа што неговите родители почнале да се оддалечуваат од овој правец кога тој имал девет години. Веќе како тинејџер во Лос Анџелес почнал самостојно да ја проучува христијанската литература и да размислува за духовниот живот. По подолг период размислување и посетување храмови на различни конфесии конечно заклучил дека му е најблиско православието: „Сфатив дека имам сонувано православна црква многу пред да ја посетам. Потоа бев и во други православни храмови и тие малку се разликуваа од она што го бев видел на сон“, рече Џексон. Во православието преминала и неговата сопруга, по националност Италијанка. Џексон има напишано книга за врската помеѓу верата и творештвото.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња