Кои руски филмови се кандидираат за Оскар 2020?

Кантемир Балагов/Нон-стоп продакшн, 2019

Кантемир Балагов/Нон-стоп продакшн, 2019

Виктор Косаковски/Aconite Productions, 2018
Воена психолошка драма, сентиментална анимација за љубовта кон вселената и прекрасен документарен филм за водата – ова се руските претенденти за признанието на американската Академија на филмски уметности и науки.

Долгач („Дылда“), Кантемир Балагов

Новиот филм на Кантемир Балагов, 28-годишниот ученик на Александар Сокуров, веќе ја доби наградата на Канскиот фестивал во селекцијата „Посебен поглед“ и наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ), а беше номиниран и за „Златен глобус“. Ова е драма за две жени од Ленинград и за нивниот повоен синдром со кој секој се бори на свој начин. Ова му е втор филм на Балагов. Првиот беше „Мачнина“, посветен на семејство од руската република Кабардино-Балкарија (од каде потекнува режисерот) кон крајот на деведесеттите години од минатиот век. Тој исто така постигна успех во Кан.

„Сè започна со книгата на нобеловката Светлана Алексиевич 'Војната има женско лице'. Откако ја прочитав открив цел еден свет. Претходно ретко размислував за војната и речиси никогаш за судбините на жените кои ја имаат преживеано“, раскажува Балагов за својот нов филм.

„Долгач“ во филмот е прекар на една жена која се вика Ија. Во војната служела во единица за ПВО. По една повреда била демобилизирана, а за време на дејствието работи во болница и го одгледува сина си. Есента 1945 година од фронт се враќа нејзината пријателка Маша. Дејствието на филмот се врти околу нивниот службен љубовен однос кој се засновува на многу емоционални сцени во втор план. „Балагов умее да биде моќен и безобѕирен“, велат критичарите. Смрт, психолошка уцена, социјална нееднаквост, истополова љубов и малку театарски декорации од советска „комуналка“ (стан за повеќе семејства со заедничка кујна и бања) – во филмот има многу работи и повеќе од тоа.

Тој не може да живее без космосот, Константин Бронзит

На аниматорот Константин Бронзит ова не му е првпат да претендира за „Оскар“ во категоријата „Најдобар анимиран краткометражен филм“. Претходно беа кандидирани неговите остварувања „Приказна од тоалетот – љубовна приказна“ (2009) и „Не можеме да живееме без космосот“ (2014). Новиот филм има речиси идентичен назив со филмот од 2014 година, но само темата е заедничка, а дејствието не е врзано за претходниот филм.

„Намерно му го дадов тој наслов, зашто повторно се зборува за истото! За тоа како човекот не може да живее без космосот!“, вели Бронзит.

Новиот филм е трогателна приказна за момче кое тежнее кон остварување на својот сон. Велат дека реакцијата на децата е секогаш иста кога групно гледаат филм: најпрво се смеат, а пред крајот замолкнуваат. За волја на вистината, Бронзит го нема направено овој филм за деца (поточно, не само за нив).

Ако сакате подобро да ја доживеете „магијата“ на Бронзит, задолжително погледнете го неговиот стилски идентичен филм од 2014 година кој има добиено над 50 меѓународни признанија. Веројатно помалку нема да добие нити „Тој не може да живее без космосот“.

Акварела, Виктор Косаковски

Виктор Косаковски има завршено режија истата година кога и познатиот режисер Алексеј Балабанов и е мошне угледен во светот на документарниот филм.

Добитник е на награда на Берлинскиот филмски фестивал и на националните награди „Ника“ и „Бел слон“, член е на Европската академија и на одборот за доделување „Оскар“. Со неговиот филм „Да живеат антиподите!“ беше отворен Фестивалот во Венеција во 2011 година.

Новиот филм „Акварела“ веќе стана сензација. Ова е поучна филозофска приказна во која главен јунак е водата. Таа минува тежок пад од мразот на езерото Бајкал во Русија преку Мајами кое е зафатен од ураганот Ирма до моќниот Ангелски водопад во Венецуела. Филмот со исклучителна убавина е снимен во копродукција со Велика Британија, Германија, Данска и САД.

„Акварела“ е прв филм на светот кој е снимен со брзина од 96 кадри во секунда (наместо вообичаените 24 кадри). На пример „Хобит“ на Питер Џексон е снимен со брзина од 48 кадри во секунда. Затоа сцените од филмот на Косаковски многу личат на реалноста.

„Навикнати сме дождот во филмот да е прикажан во вид на бели цртички, а кај нас се гледа секоја капка“; вели Косаковски. По премиерата во Венеција 2018 година половина Холивуд се пријави за предавањата на Косаковски. „Акварела“ на изборот за „Оскар“ ќе биде прикажан во категоријата „Најдобар документарен филм“.

Прочитајте исто така: Колку Оскари имаат освоено руските филмови?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња