Германија бара Русија да врати уметнички предмети кои се нашле во СССР за време на 2 светска војна

Благото на Еберсвалд

Википедија

„Берлин не губи надеж дека во Сојузна Република Германија ќе биде вратено културното благо кое по Втората светска војна е пренесено во Русија. Тоа прашање и понатаму останува отворено“, соопшти германската амбасада во Москва.

„Федералната влада на Германија продолжува да вложува напори во постигнувањето мирно решение за репатријација на културното наследство и ќе инсистира на разговори со претставниците на владата на Руската Федерација“, велат од канцеларијата на ополномоштеникот за култура и медиуми на Германија, пренесуваат руски медиуми. Како што се истакнува, споменатите културни добра не можат да се користат во својство на надомест за воена штета.

Надлежните во Германија исто така потсетуваат дека минатата година оваа земја ѝ вратила на Русија четири уметнички дела. Меѓу другото, се работи за слики однесени 1944 година од Гатчинскиот дворец.

Како што се наведува, меѓу уметничките збирки кои Германија планира да си ги врати се наоѓа тнр. Благо на Еберсвалд, илјадници уникатни златни предмети и накит од 9 века пред нашата ера, како и пронајдоците на Хајнрих Шлиман од Троја, која тој ја открил, изложени во два руски музеја, Ермитаж во Санкт Петербург и московскиот Музеј на убави уметности „Пушкин“.

Специјалниот претставник на претседателот на РФ за меѓународна културна соработка Михаил Швидкој изјави дека во овој момент нема никаква смисла да се започнуваат разговори со Берлин за предавање на уметничките предмети запленети за време на Втората светска војна, бидејќи меѓу страните во политичкиот дијалог не постои атмосфера на вистинска доверба.

Како што истакна Швидкој, додека тој беше министер за култура (од 2000 до 2004 година) со претставниците на Германија е воден „жив дијалог“.

„Разгледувавме сѐ што може да се врати во рамките на важечкото  законодавство, и одредени предмети по принцип на размена се вратени. За да биде обновен процесот на предавање на културни добра, потребна е атмосфера на доверба која денес, за жал, не постои. Велам „за жал“, затоа што односите со Германија во сферата на науката и културата се многу продуктивни“, рече Швидкој.

Шефот на Одделението за античка уметност и археологија во Музејот на убави уметности „Александар Пушкин“ Владимир Золстиков истакнува дека на сила е законската забрана за изнесување надвор од територијата на Русија на уметнички предмети доспеани по војната, како и дека на германските истражувачите потполно им е отворен пристапот до збирките.

Според пишувањето на руските медиуми, во периодот по завршувањето на Втората светска војна Советскиот Сојуз, а подоцна Русија, ѝ вратиле на Германија повеќе од 1,6 милиони уметнички предмети, меѓу кои се и познатите експонати на Уметничката галерија во Дрезден. Во Германија, инаку, како што се наведува, исто така, се наоѓаат бројни уметнички дела кои нацистите ги однеле од СССР за време на војната.

Прочитајте повеќе: Зошто богатството на Троја се чува во Русија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња