Зошто богатството на Троја се чува во Русија?

Legion Media
Германскиот претприемач и аматерски археолог Хајнрих Шлиман го пронашол на територијата на Турција богатство на Приам, исто така познатo како богатството на Троја. Потоа заминува за Германија, а на крајот се наоѓа во Московскиот музеј „Пушкин“. Како стигнало до Русија и дали земјата навистина ги задржува правата на колекцијата?

Мала сала во Државниот музеј за ликовни уметности „Пушкин“. Витрините се покриени со златен накит, камени оски и чинии. Во оваа просторија посетителите размислуваат за богатството на Троја пронајденo при ископувањата на територијата на денешна Турција и дониранo во Берлинскиот музеј од страна на германскиот претприемач Хајнрих Шлиман.

Човек на среќата

Кариерата на Хајнрих Шлиман започнува во обична холандска канцеларија. Сепак, наскоро, неговиот неверојатен талент за странски јазици го повишил: тој бил испратен како претставник на компанијата прво во Санкт Петербург, а потоа и во Москва. Шлиман добил руско државјанство во 1846 година, а во 1852 година се оженил со Екатерина Лижина, ќерка на успешен руски трговец.

Хајнрих Шлиман со сопругата

Но, на Шлиман не му било пишано да остане во Русија. Додека патува низ целиот свет, почнува да го бара изгубеното богатство на Троја. Во 1873 година, за време на ископувањата на Хисарличкиот рид во денешна Турција, го открил своето прво богатство. „Наоѓањето на богатството на Приам е меѓународна сензација“, изјавува Владимир Толстиков, главен куратор на збирката и директор на Одделот за уметност и археологија на античкиот свет во Музејот. Шлиман ги продолжил своите археолошки активности речиси до својата смрт во 1890 година. Според различни извори, тој открил помеѓу 19 и 21 богатство. Наодите биле донирани во градот Берлин, каде што биле чувани во Музејот за праисторија и рана историја до 1941 година.

Воени трофеи 

По 1941 година, богатствата првично биле складирани во подрумот на една банка во Берлин. Кога започнале бомбашките напади во воздух, тие биле преместени во антиракетен бункер. Во април 1945 година, кога советските трупи го нападнаа главниот град на Третиот рајх, колекцијата останува под постојана грижа за Вилхелм Унферзак, директор на Музејот за праисториска и рана историја. Толстаков вели дека Унферзак, кој се плашел дека може да се уништи колекцијата, отишол кај советските војници и доброволно ги предал касите на експонатите. Во јули 1945 година, богатството било однесено во Москва со авион. 

Контроверзијата околу богатството

Кога по војната Германците откриле дека богатството го нема, почнале да го бараат низ целиот свет. Локацијата на богатството не била откриена до 1994 година. „Само двајца луѓе од целиот свет знаеле каде е тоа: директор на Музејот Пушкин и чуварот на колекцијата“, вели Толстиков. 

Тајната на тројанското богатство можела да остане скриена уште долго, доколку во деведесеттите години од минатиот век Григориј Козлов, вработен во руското Министерство за култура, кој имал пристап до архивите и службената преписка не објавил податоци за богатството во американскиот печат. Рускиот министер за култура, Евгениј Сидоров, нема друг избор освен да нареди да се изложи колекцијата. Експертите од Германија и други земји беа поканети во Москва во 1995 година за да ја разгледаат колекцијата и да потпишат документ за неговата автентичност. Изложбата во 1996 година станува голем успех. 

Тогаш Германија официјално протестира и бара експонатите да бидат вратени. Рускиот парламент реагира во 1998 година, и го донесува законот „За културните вредности, преместени во СССР како резултат на Втората светска војна (ВСВ) и кои се наоѓаат на територијата на Руската Федерација“. Во документот се наведува дека сите објекти се „руска и федерална сопственост“. „Законот влегува во сила, и никој не може да го скрши“, забележува Толстиков. „Нашите германски колеги сфатија дека нема да можат да направат ништо во врска со тоа, така што моментално работиме заедно и организираме заеднички изложби“.

Правото на Русија 

Втората светска војна завршува со категоричното предавање на Германија. „Ова е правно прашање и има правни последици“, вели Александра Скуратова, вонреден професор на Одделот за меѓународно право при Московскиот државен институт за меѓународни односи (МИГМ). „Богатство на Троја“ може да се смета како делумна компензација за уништувањето на советските културни вредности: според официјалните статистички податоци повеќе од 160 советски музеи и 4 илјади библиотеки се оштетени за време на војната, а 115 милиони книги се уништени.

Богатството на античка Троја во Државниот музеј на ликовни уметности „А. С. Пушкин“ во Москва.

Скуратова го истакна и фактот дека Хашката конвенција за заштита на културните вредности во случај на вооружен конфликт е усвоена во 1954 година, по Втората светска војна. Што се однесува до Виенската конвенција за договорните права од 1969 година, меѓународните договори не се ретроактивни, освен ако договорот не предвидува поинаку. 

Исто така, треба да се забележи дека СССР доброволно враќа во Германија околу 1.7 милиони експонати, вклучувајќи ја и непроценливата колекција на Дрезденската галерија на слики „Старите мајстори“ и релјефниот Пергамски олтар, иако СССР не е официјално обврзан да го стори тоа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња