„Второкласен писател чија слава е несфатлива“: Зошто некои Руси не го сакаат Достоевски?

Верувале или не, постојат и такви. И Лев Толстој е меѓу нив... Еве какви забелешки имаат тие за прочуениот руски гениј.

„Го прочитав цел Достоевски во изминативе три месеци. Кон него чувствувам речиси телесна омраза“, изјави во 2004 година  рускиот политичар Анатолиј Чубајс во интервју за „Финаншел тајмс“. Познатиот либерал Чубајс би сакал да го „испокине Достоевски на парчиња“ поради „неговите ставови за Русите како посебен, свет народ, поради неговиот култ кон страдањето и погрешниот избор, чиј претставник е тој“.

Анатолиј Чубајс

Чубајс не е единствениот човек во Русија кој смета дека Достоевски е „токсичен“ и опасен. Еве што уште на луѓето не им се допаѓа кај Достоевски.

Лош Стил

Критичарите на Достоевски наведуваат два аргументи. Првиот е дека тој нема стил „'Лошо напишано' – ова е главната забелешка што Достоевски и самиот имал можност да ја слушне“, пишува новинарот Сергеј Лебедев на порталот „Д Куешчн“. Така мислел и Толстој, нагласувајќи дека определени романи на Достоевски се слаби и „не се совршени во техничка смисла“.

Факт е дека романите на Достоевски според стилот навистина се разликуваат од оние на Толстој. Во таа смисла кај Достоевски веројатно има повеќе грешки до кои е дојдено од невнимание, одошто кај Толстој. На пример, во „Злосторство и казна“ писателот споменува „тркалезна маса со јајцевиден облик“.

Работата е во тоа што Достоевски постојано кубурел со пари и бил принуден да ги пишува своите дела набрзина за да ги врати долговите. Прочуениот Фјодор Михајлович на едно место иронично се потсмева во врска со ова: „Кога би ме плаќале колку што го плаќаат Тургенев, и јас би пишувал толку добро!“

Сепак, стилот не е единственото нешто кое на луѓето им се допаѓа кај Достоевски. Им се допаѓа пред сѐ психолошката димензија на неговите романи и талентот за осветлување на најдлабоките и најтемните бездни на човечката душа.

Ернест Хемингвеј

Ернест Хемингвеј кој е познат по својата стегната и лаконска проза која е целосно спротивна по стилот од онаа на Достоевски, во делото „Подвижен празник“ го пишува следново: „Како може човек да пишува толку лошо, толку неверојатно лошо и воедно да постигне читателот толку длабоко да го доживее сето она што е напишано?“

Само душевно болни

Сцена од филмот „Злосторство и казна“.

Други аргументи што критичарите ги наведуваат се однесуваат на содржината кај Достоевски. Тој често опишува големи грешници обземени со страсти кои страшно се мачат поради тоа. Во „Злосторство и казна“ Раскољников ја убива лихварката за да ја докаже исправноста на своите ставови. Во „Идиот“ Рогожин се побратимува со Мишкин и воедно е подготвен да го убие. Во „Зли дуси“ Ставрогин зборува за своите педофилски чувства.

Со оглед на популарноста на Достоевским, многумина стравувале дека неговите романи ќе создадат изопачена претстава за Русија. Познатиот писател од 20 век Максим Горки напишал: „Достоевски, секако, е гениј, но зол гениј. Тој чувствувал, сфаќал и со задоволство ги упишувал двете болести на руската душа кои ги има стекнати за време на нашата изопачена историја. Тоа се садистичкото насилство на нихилист кој ја изгубил вербата во сѐ, и мазохизмот на угнетено суштество. Но, тоа не е сѐ што поседуваме. Во нас има и нешто повозвишено од ѕверови и крадци. А, Достоевски гледал само ѕверови и крадци“.

Горки како социјалист и комунист имал причина да не го сака православниот монархист Достоевски. Но, слични ставови имаат изнесено и писатели од сосема спротивниот табор.

Владимир Набоков

Владимир Набоков кој емигрирал од Русија по револуцијата во 1917 година, на своите предавања зборувал дека кај Достоевски „галеријата јунаци се состои речиси исклучиво од невротични личности и душевни болни“.

„Мене не ми се допаѓа тој трик кога неговите ликови 'грешат на патот кон Исус', или, како што се изразил рускиот писател Иван Бунин 'го буткаат Исус насекаде'“. Понекогаш тој велел дека Достоевски е „второкласен писател чија слава е несфатлива“.

Ултраконзервативен монархист

Набоков не жалел изрази за да го критикува Достоевски, а како грев му се припишува создавањето на „крајна формула на егоизам-Антихрист-Европа од една страна и братство-Христос-Русија од друга“, одвојувајќи ја така Русија од Западот и претставувајќи ја како света, богољубива нација чија цел е со помош на православното христијанство да го спаси светот.

Споменикот на Ф.М. Достојевски кај Руската државна библиотека во Москва.

Во делата на Достоевски Русија е конзервативен патоказ кој го одвраќа светот од морален пад. Достоевски не бил во добри односи со прозападните и со либералните сили на своето време. „Нашиот руски либерал е пред сѐ лакеј кој постојано бара некој да му ги исчисти чевлите“, пишува тој во „Зли дуси“. Не е ни чудно што и денес многу западноориентирани либерали во Русија не го сакаат Достоевски.

Гениј е гениј

И покрај сите евентуални слабости во делата на Достоевски  Фјодор Михајлович останува омилен писател на милиони читатели, па дури и на оние кои не ги делат сите негови ставови. Многу познати светски посатели се негови поклоници. На пример, американскиот пиосател Џонатан Френзен изјавил дека „одел на училиште поради Достоевски“. Турскиот нобеловец Орхан Памук е уверен дека Достоевски е писател со кој тој сака да се идентификува. „Од него имам научено многу“, пишува тој

Може да се каже дека најдобра карактеристика за Достоевски ја дал Лев Толстој. Достоевски и Толстој никогаш лично не се запознале и имале сосема различни ставови, но кога Достоевски умрел, Толстој во својот дневник напишал: „Сега изгубив некаква морална потпора... Најпрво се збунив, а потоа сфатив колку ми бил драг Достоевски, и плачев, и сега плачам“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња