Зошто велиме „Мечкина услуга“?

Ена Налбантиќ
Во богатата историја на Русија постојат многу нешта кои влегле во јазичното секојдневие на народот и станале крилатици или фразеологизми. Но, тие не се ограничиле само на рускиот јазик, ами нашле свое место и во другите јазици. „Руска реч на македонски“ започнува нова рубрика во која на своите читатели им објаснува за некои изрази кои имаат руско потекло, а се користат до денешен ден во македонскиот јазик. Денес зборуваме за тоа што значи изразот „Мечкина услуга“.

Со изразот „мечкина услуга“ се сретнале многумина од вас. Значењето на овој фразеологизам се огледа во следново: услуга, која на крајот остава негативни последици кај оној што ја добива. Но, зошто токму мечка и кому му е потребна таа за да му направи некаква услуга? Дали мечката е толку лоша, што ако ти направи некаква услуга ќе те следи нешто лошо?

Мечката кај Словените е животно кое често се јавува во нивниот бит. Во многу народни и авторски басни таа игра важна улога и е често споменувана и опишувана. Русија, пак, секогаш се асоцира со „мечка“, а тоа е зашто во неа овие силни животни се многу чести, а понекогаш се и домашни миленици.

Сепак, споменувањето на овој израз за првпат го наоѓаме во басните во стихови на Иван Андреевич Крилов. Басната се вика „Пустиникот и мечката“ и е напишана пред мај 1807 година, со оглед на тоа дека писателот истата ја прочитал на една собиранка кај А. Хвостов, а е објавена во седумнаесеттиот број „Драмски весник“ („Драматический вестник“) во 1808 година (страница 142-144).Во басната станува збор за една мечка која бркајќи ја мувата од својот брат пустиникот, не само што ја убил неа, ами и него.

Пустиникот живеел сам, немал никаде никој, самотник бил тој. Секако животот воопшто не му бил лесен, зашто далеку од светлината на градот и цивилизацијата било тешко да се преживее. Еден ден тој ја сретнал мечката и почнал да се дружи со неа. Си живееле тие така сложно, без никакви проблеми. Но дошло летото, а пустиникот се изморил пешачејќи по жештината и сакал да се одмори во ладовината. Мечката му рекла да легне малку и да се одмори и му ветила дека таа ќе внимава на него додека тој малку дремне. Но, само што заспал самотникот се појавила една мува. Почнала да лета околу него – те ќе му застане на едниот, те на другиот образ. Тогаш мечката почнала да ја брка мувата со својата шепа, но таа постојано се префрлувала од еден на друг дел од телото на пустиникот. Мечката, сакајќи да се „отараси“ од мувата замавнала силно, па со својот удар ја отепала и мувата и пустиникот. Басната си има и своја поука, во која авторот советува:

Услуга ти треба во нужда – ти ќе сфатиш –
Но таа не може секој да ја донесе на праг:
Не дај Боже со будала да се фатиш
Услужливото будалче е поопасен од враг.

Од басната на Крилов изразот „мечкина услуга“ преминала во секојдневниот говор, и тоа не само во рускиот јазик, ами и во многу други јазици, меѓу кои и во македонскиот. Затоа кога некој ќе го употреби овој фразеологизам треба да знаеме дека се мисли на тоа оти треба да се внимава од кого се бара услуга, зашто таа може многу скапо да го чини оној што истата ја бара.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња