„Пазарење“ од Николај Васиљевич Неврев (Продажба на слугинка)
Третјаковска галерија„Руското село се претвораше во црнечка северноамериканска плантажа од времињата на чичко Том“, пишува Василиј Кључевски, автор на „Курс на руската историја“ („Курс российской истории“), за положбата на руското селанство кон крајот на XVIII век. Во тоа време во Русија цвета системот на потчинетост, при кој селаните, по сила на законот, „се прицврстуваат“ кон земјата, со која владее помешчиците, и тие целосно ја одредуваат нивната судбина.
Крепосното право е создадено во Русија кон крајот на XVI - првата половина на XVII век. Пред тоа селаните кои работеле за помешчиците-земјопоседници, имале право на специјално одредени денови по сопствена желба да го напуштат господарот и да отидат кај друг. Во 1649 година првиот зборник од законите на Руското царство (на руски Соборное уложение) целосно забранува преминување на селаните од еден помешчик кон друг.
„На државата ѝ беше потребно да ги приложи луѓето кон земјата“, вели историчарот Александар Пижиков, главен научен соработник на Институтот за општествени науки на Руската академија за народно стопанство и државна администрација (РАНХиГС). Пижков за „Руска реч на македонски“ појаснува дека кога селаните имале можност да го напуштат својот господар, тие бегале во тешко достапни области на Русија - подалеку од феудалците и државата.
Аполинариј Михајлович Васнецов - „Процут на Кремљ“
Во XVI и XVII век Русија води војни за проширување на територијата и потребите од селаните, кои за време на војна може да се мобилизираат во армијата. „Тоа било профитабилно и за помешчиците, бидејќи селаните работеле токму за нив“, вели Пижиков. На крајот на XVII век закрепостувањето на селаните е во интерес на сите влијателни сили во Русија.
Крепосниот селанец живее и работи на земјата, дадена од помешчикот за која му плаќа со ангарија или со таканаречен оброк. Ангарија значи дека одреден број на денови во седмицата селанецот ја ора земјата или вади компири не за себе, туку за земјопоседник. Оброкот, пак, подразбира дека селанецот работи како што сака, но е должен за некој период да му даде на помешчикот дел од производите или пари.
Красносељски Александар Андреевич „Наплата на долгови“. 1869. Масло на платно / Вољски месен музеј
Во XVIII век крепосноста останува, па дури и се засилува. За времето на владеењето на Петар I (1682-1725) се шири практиката селани да се продаваат или да се подаруваат - самиот император му подарува на кнезот Александар Меншиков околу 100.000 избегани селани. Во годините на управувањето на Екатерина II (1762-1796 година) дворјаните добиваат право да ги казнуваат своите селани, а исто така и да ги испраќаат на робија.
Не сите селани во тие времиња во Русија биле крепосни: дел од нив работеле за државата или за царскиот двор, а не за помешчиците. Во одделни области, на пример во Сибир и на Север, воопшто не постои крепосно право и селаните се слободни. На крајот на XVIII век, меѓутоа, сепак има многу крепосни селани: нивниот број, според Ревизиите (документи за оданочување), надминува 50% од вкупното население на земјата, која тогаш брои 40 милиони луѓе.
„Казнување слуга со боздоган во присуство на семејството на сопствениците и на слугите“, Кристијан Гејслер. Крајот на 18 век / РИА Новости
Животот на крепосниците зависи од тоа каква среќа имаат со својот господар. Помешчицата-садистка Дарија Салтикова добива лоша репутација откако измачува до смрт не помалку од 38 од своите крепосници (иако официјално дворјаните немале право да ги убиваат крепосниците). Во 1762 година Салтикова е фрлена во затвор, но таа не е единствената која ги малтретирала и ги понижува селаните - тие се речиси бесправни пред помешчиците.
Сепак, според историчарот Александар Пижиков изјавата на Кључевски кој ги споредува крепосните селани со робовите во Северна Америка, е претерување. „Се разбира, селаните имале тежок живот“, се согласува Пижиков. „Но, тие не биле сфатени како ствар во толкава мера. Имале земја на која живееле и работеле, без разлика што не била засекогаш за нив“, прецизира тој. Некои помешчици се однесуваат кон селаните со сочувство, ги образуваат и дури можат да ги направат слободни луѓе.
Павел I го прави првиот обид да се олесни животот на крепосните селани, откако во 1797 година го потпишува Манифестот за тридневната ангарија. Тој им забранува на помешчиците да ги принудуваат селаните да работат во недела, а останатите денови од неделата им заповеда да се поделат подеднакво - три дена за помешчикот, три дена - за себе.
Александар Пижиков забележува дека од една страна Манифестот на Павел I е важен - тоа покажува за прв пат дека царот се обидува да ја ограничи власта на помешчиците над нивните селани. Од друга - документот се почитува слабо, бидејќи не имплицира никакви норми за казна.
Јарошенко Николај Александрович „Селанец во шума“, 1880 / Приватна колекција
Симболично значење имаат и следните иницијативи на руските императори. „Декретот за слободни селани кои одгледуваат жито“ на Александар I (1803) им дава на помешчиците правото да ги ослободуваат селаните, но тие не брзаат да ги искористат предностите од него: само 1.5% од вкупниот број крепосни селани добиваат слобода во времето на дејство на указот.
Русија, потсетува Пижиков, го задржува крепосното право подолго време од другите големи европски земји до 1861 година.
Историчарот забележува дека руските императори се навикнати да се надеваат на дворјанската елита, а значителен дел од неа има свои крепосници и не сака да се менува постојниот поредок. Државата не сака да ги иритира дворјаните и се плаши да посегнува по нивните привилегии.
„Јуришот на лесната коњица“ од Ричард Кејтон Вудвил Помладиот / Национален армиски музеј, Лондон
Кримската војна 1853-1856 година во која Русија добива пораз од Британската империја и Франција, менува сè. Една од причините за поразот, забележува историчарот Александар Орлов, е поврзана со економијата. Индустријата на Русија, во која се задржува земјоделието и полуаграрнииот поредок, заостанува зад европските земји, кои ја преживеаја индустриска револуција.
Потребата од реформи станува очигледна, како и незадоволството на народот. Александар II кој доаѓа на престолот во 1855 година вели: „Подобро крепосното право да се укине од врвот отколку да дочекаме тоа самото да почне да се укинува одоздола“.
По долга подготвителна работа реформата е завршена: во 1861 година Александар II го потпишува Манифестот за укинување на крепосното право. Слободни луѓе стануваат 23 милиони крепосни селани, што претставува 34% од населението на империјата.
Слики по руска историја. Борис Михајлович Кустодиев. Ослободување на селанец. Читање на манифестот. / од книгата „Илустрирана руска историја“
Всушност, сепак селаните остануваат во зависна положба. Земјата на која живеат, останува во сопственост на помешчиците и тие допрва треба да ја откупуваат или да се лишат од земјиште и да одат на работа во град.
Реформата предизвикува масовно незадоволство кај селаните во земјата - веднаш по усвојувањето се креваат бран немири - многумина се убедени дека царот „вистински“ ги ослободил селаните, со нивната земја, а злосторниците-помешчици ја скриле вистината од народот. Селаните ја откупуваат земјата уште 45 години - до 1906 година, кога започнува револуцијата од 1905 година, кога владата го укинува плаќањето за земјата.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче