Споменикот на Лубјанка наспроти неговото демонтирање на 22 август 1991 година. Извор: Владимир Федоренко / РИА Новости
Без право да се нарекува жена
Во осумнаесеттиот век на Лубјанка се населила земјопоседничката Салтикова, една од најжестоките сериски убијци во светската историја. Недалеку се наоѓала Тајната канцеларија. Но, доколку таму луѓето биле малтретирани од државни причини, во домот на Салтикова (Салтичихи, како што ја нарекувале во народот) кметовите биле мачени за сопствено задоволство.
Дарија Салтикова е наследна аристократка, побожна жена, но се занимавала со садизам. Своевремено таа се чинела целосно нормална, но сè се изменило кога починал нејзиниот сопруг. Салтикова почнала постојано да ги тепа своите слуги со камшик. Понекогаш наредувала тие да бидат камшикувани до смрт. Постепено почнало да ѝ се бендисува тоа, па затоа ги усовршувала своите методи на тортура. Можела на жртвата да ѝ ја запали косата или да ѝ ја корне од корен. Знаела да попарува со зовриена вода.
Илустрација на Курдјумов за енциклопедиското издание на Големата реформа на која е прикажано мачењето на Салтичихи.
Официјалната истрага вели дека станувало збор за 75 лица, најголем дел од нив биле жени и девојки, кои биле мачени од Салтичихи. Но, можно е да имало и повеќе.
На крајот на краиштата селаните почнале да поднесуваат жалби во полиција и до московскиот губернатор. Но, таа имала врски во дворот: имала влијателни пријатели, роднини, кои биле подготвени да ѝ помогнат со цел да ја избегне казната, а и митото си ја вршело својата работа. Дури по неколку години луѓето успеале да поднесат жалба директно кај императорката Екатерина Велика.
Императорката сериозно се налутила и организирала нагледен процес. Се докажале 38 убиства, всушност, тоа било доволно за да се донесе пресуда. Земјопоседничката била лишена од дворјанското звање, била доживотно затворена во манастир – во тесна подрумска соба без светло. Но, најинтересно е што таа била прогласена за маж, зашто императорката сметала дека таа не е достојна да биде жена! Таа поминала 11 години во подрумската собичка, а потоа била пренесена во дом. Љубопитните луѓе се туркале пред прозорецот на домот, а Салтичихи ги пцуела и ги плукала. Проживеала таа затворена триесет и три години.
Музеј на стравот
По револуцијата, кога во зградата на Лубјанка дошла советската „тајна полиција“ – Серуската Вонредна Комисија (Чека), ова бил жив плоштад по кој се доаѓало од неколку московски населени улици. Во центарот имало голема фонтана. Кочијашите ги оставале своите коњи покрај фонтаната за да се одморат и да се напијат вода, а тие, пак, оделе во некој од многубројните анови на Лубјанка, исто така да се напијат – чај или нешто појако. Доколку некој московјанин требало да отпатува некаде, па макар и низ градот, или во некоја друга губернија, тој одел да си најде кочијаш на Лубјанка.
Зградата во која се населила Чека, претходно било на осигурителната компанија „Росија“. Фирмата во зградата издавала станови и трговски простор. Болшевиците ги ликвидирале сите приватни фирми, а во национализираната зграда се населила Чека.
Од 1920 година во оваа зграда се наоѓал внатрешниот затвор. Низ него поминале познатиот терорист Борис Савинков, големиот поет Осип Мандељштам, добитникот на Нобеловата награда за литература Александар Солженицин и многу други. Тука се спроведувале стрелања.
Системот на заплашување бил разработен до совршенство: затворениците биле качувани на товарен лифт, а тоа било проследено со заглушувачки шум на мотори, или, пак, ги носеле пеш низ многубројните мрачни ходници и врати. Тридневни непрестајни испрашувања и човек ја губи ориентацијата во реалноста.
Сега неколку ќелии од поранешниот затвор се користат како музеј. Извесно време тој беше отворен за сите, но веќе одамна во оваа зграда може да се влезе само со специјална дозвола.
Железниот Феликс
Навечер, 22 авкуст, по паѓањето на Државниот комитет за вонредни состојби, споменикот е тргнат со помош на кран и со одобрување на воодушевената маса. Извор: ИТАР-ТАСС
Недалеку од зградата на Лубјанка се наоѓа приемното биро на КГБ. Тука доаѓале роднините на несреќните кои биле однесени на испрашување кај „органите“, за да им однесат на осомничените храна и писма. Тука доаѓале и со информации, понекогаш од доброволните помошници на КГБ се правела редица.
Во 1958 година во центарот на Лубјанскиот плоштад, каде претходно се наоѓала фонтаната, се појавил споменик на Феликс Ѕержински, основач на Чека. Долги години тој претставувал симбол на репресивниот систем, сè до крахот на советската власт во 1991 година. Првиот градоначалник на Москва Гавриил Попов наредил споменикот кој тежел 11 тони да биде демонтиран. Вечерта на 22 август возбудената толпа со извици на радост го поздравила кранот кој го турнал вечниот „Железен Феликс“ од постаментот. За споменикот се раскажуваа многу легенди, а една од нив вели дека тој бил направен од чисто злато.
По демонтирањето „Феликс“ бил испратен во килер, а денес се наоѓа ви паркот на уметноста „Музеон“. Од време навреме во руските медиуми се покренува прашањето за неговото враќање на претходното место.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче