Путин и Ди Каприо во документарец за Бајкал

Ројтерс
Рускиот претседател може да го позајми својот глас за нов 3Д филм за најголемиот извор на вода во Русија, сибирското езеро Бајкал. Американскиот актер Леонардо ди Каприо веќе се согласил да учествува во англиската верзија на проектот.

Оскаровецот Леонардо ди Каприо ќе го позајми својот глас за англиската синхронизација на документарниот 3Д филм „Езерото Бајкал - срцето на светот“, соопштува „Росијскаја газета“.

Американската ѕвезда може да има ривал за најпознатиот глас кој ќе озвучува филмот: испратено е барање до рускиот претседател Владимир Путин да го позајми својот глас за дублирањето на руската верзија на документарниот филм, вели Игор Добровољски, главен продуцент на проектот.

Добровољски ја соопшти оваа вест за време на презентација за државно финансирање на документарни филмови, кој се одржа под покровителство на руското Министерство за култура, а пренесува сајтот proficinema.ru. Продуцентот додаде дека иако претседателот сè уште не одговорил официјално на поканата, тој се надева на позитивен одговор.

Документарниот филм е меѓународен проект со кинеско, американско, француско и руско учество, а како што соопштува „Росијскаја газета“ ќе биде предводен од руската режисерка Светлана Родина-Зајарска.

Првичниот буџет изнесува околу 70 милиони рубли (1 милион американски долари), од кои 33 милиони веќе се обезбедени од анонимен спонзор. Авторите на филмот побарале уште 7 милиони рубли од Министерството за култура, пренесува proficinema.ru.

Во близина на монголската граница во Источен Сибир се наоѓа Бајкалското Езеро, кое е најголемото слатководно езеро на светот – тоа содржи околу 20% од светските слатководни резерви, што е повеќе од сите големи езера во Северна Америка земени заедно. Се проценува дека е старо 25 милиони години, што го прави најстаро езеро во светот, како и најдлабокото со максимална длабочина од 1.642 метри. Неверојатно, но повеќе од 80% од фауната на езерото е ендемична, вклучувајќи ги и единствените во светот слатководни фоки.

Ова не е прв пат да се снима филм за Бајкалското Езеро во 3Д формат. Според „Росијскаја газета“ американско-руски тим режисери има снимено серија панорамски видеоепизоди за потребите на системите за виртуелни реалности на Google Glass во Бајкалскиот национален резерват пролетта 2015 година.

Ова видео ќе биде прикажано во научни институции во светот, како дел од проектот за виртуелни патувања за ученици под наслов Google Expeditions, кој се стреми да ја покаже важноста на зачувување на природните објекти од големо значење како што е Бајкалското Езеро.

Ди Каприо ќе може да го додаде филмот кон списокот на проекти ориентирани кон природата на кои работи во последниве години. Во јули тој соопшти дека неговиот личен фонд, Фондацијата на Леонардо ди Каприо, ќе додели 15.6 милиони американски долари за развојот на проекти поврзани со животната средина и со борбата со климатските промени.

Ова не е прв пат Ди Каприо да се поврзува со името на Путин. Во февруари 2016 година „Руска реч на македонски“ соопшти дека американскиот актер се согласил да ја одигра улогата на рускиот претседател во нов филм посветен на него со наслов „Путин“ . Ди Каприо во интервју за германскиот весник Welt am Sonntag во јануари призна дека би сакал да игра рускиот лидер на филм.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња