Извор: Shutterstock / Legion Media
За почеток решив да го поминам првиот кат на музејот. Во темната Египетска сала наидувам на толпа ученици кои ја разгледуваа мумијата. Децата ги привлекува мистериозноста, така што кустосот мора будно да внимава на безбедноста на саркофазите. Се задржувам пред статуата на крвожедната божица Сохмет – жена со глава на лавица. За неа има мрачна ермиташка легенда: божем на колената на божицата ноќе се појавува шурка свежа крв. Кустосот на салата одбива да ја коментира оваа приказна, вели, сето тоа се глупости.
Вработените во Ермитаж сакаат да си спомнат на посетата на кралицата на Велика Британија Елизабета II. Кратко време пред тој настан во Ермитаж се појавил нов стил на облекување кој предвидувал зелено-златна гама на бои за организирање на прослави. Тепихот за дочек бил зелен и сите кустоси во салите биле облечени во зелени униформи. Долгите подготовки за посетата на важната гостинка биле сведени на нула поради конфузија: кралицата по случаен сплет на околностите пристигнала во фустан со исто таква зелена боја како и околу неа.
Во другиот дел на првиот кат секогаш може да се поседи во тишина и намира – овде се сместени археолошките експонати – тоа што било најдено од експедициите на руските научници. „Бисер“ на овој оддел е уникатната мумија со великолепно зачувана тетоважа. Овој непознат главатар вработените во музејот нагалено го нарекуваат Андрјуша. Во оваа сала е мошне пусто, во мојот видик влегуваат два пара кои бараат соединување. На кустосите им е здодевно и, додека нема никого, мрзоволно гледаат низ прозорецот во површината на Нева.
Се префрлам подлабоко во музејот, во зградата на Новиот Ермитаж. Во античките сали има толпи луѓе кои сакаат да се фотографираат. Две средовечни дами замислено позираат пред гигантската статуа на Јупитер. Студенти од Академијата на уметностите прават скици на бистите. Децата се кикотат кога ќе ја видат голата Венера под строгиот поглед на кустосот. Ми текнува на друга пикантерија за грчката сала. Некои од вазите овде се украсени со интригантни еротски прикази кои обично се свртени кон ѕидот за да не ги збунуваат малите посетители. Впрочем, според изјавите на кустосите, во Ермитаж се одржуваат вечери во кои вазите се свртуваат и љубопитните посетители можат да дознаат детали за сексуалниот живот на Античките Грци. Тогаш би дошла! Но сега имам состанок.
На просторот меѓу првиот и вториот кат се среќавам со најстариот кустос во музејот кој работи во Ермитаж повеќе од 40 години. Мојата соговорничка која посака да остане анонимна, раскажува за тоа како порано ги избирале водичите за работа во Ермитаж: „Во мое време на младите историчари на уметноста им дозволуваа да работат како водичи дури по многу сложени тестови, до детаљ се внимаваше на нивниот надворешен изглед. И не само тоа – дури и времетраењето на турата јасно го фиксираа до минута.“
Ермитаж е најдобар музеј во Европа TripAdvisor анализираше што сакаат да видат и да посетат луѓето што патуваат. |
Разговараме и за комплицираноста на работата со посетители, за нивните вкусови. Мојата соговорничка забележува: „Советските луѓе кои доаѓаа на екскурзија прашуваа: „Ајде покажете ни како живееле царевите.“ Притоа мнозинството не ја разликуваше Екатерина I од Екатерина II. Но последниве децении публиката многу се смени. Ермитаж во многу нешта самиот го „расне“ својот посетител. При музејот функционира детска градинка и креативно студио за ученици.“
Откако се поздравив со мојата соговорничка, се упатив „кон пушкарницата“, односно на вториот кат. Во текот на туристичката сезона салите на вториот кат наликуваат на метропола во шпиц, затоа што токму овде се сместени главните експонати на музејот – сликите на Рафаел, Рембрант, Веласкез и Леонардо да Винчи.
По раскошните Јордански скали започнува 2 маршрута - императорските апартмани или изложбата на живописи. Започнувам од царските одаи. Голем дел од салите на еден или на друг начин е посветен на воената слава на Руската империја. Така, на пример, има цела галерија со портрети на херои од војната во 1812 година. По неа минувам цела низа комфорни сали – тоа е реконструкцијата на одаите на царското семејство.
Извор: Geophoto
Во нападно-црвената сала на Петар I наидувам на не помалку иритирачката табличка „Забрането задржување на групи!“. „Зошто не смее да се запира?“ – се интересирам кај кустосот. „Овде, како што гледате, има мошне тесен влез, а салата е светла, луѓето премираат, објаснува таа. Табличката е за водичите кои можат брзо да ги спроведат сите.“ Впрочем, сите не се фасцинираат од одаите на Петар: до мене една млада посетителка ѝ се жали на мајка си дека Петар немал многу импозантен престол .
Царското семејство ја собирало колекцијата слики на Ермитаж со помош на консултанти и специјални „амбасадори“. Во времето на Екатерина II за колекцијата со слики помагале просветителите Волтер и Дидро. Ова предизвикувало револт кај Французите, затоа што тие сметале дека Русија ги собира ремек-делата користејќи ја нестабилната политичка ситуација во Франција. На тој начин била набавена, на пример, колекцијата на Пјер Кроза која ги содржела „Светата фамилија“ на Рафаел, „Јудит“ на Џорџоне (која во тоа време ја сметале за дело на Рафаел), „Симнувањето од крстот“ на Веронезе, „Раѓањето на Јован Крстител“ на Тинторето, „Бах“ и „Портрет на една слугинка“ на Рубенс, „Данаја“ на Рембрант и многу други ремек-дела.
Александар I успеал да го надитри директорот на Лувр Денон и да купи за Ермитаж дел од поранешната колекција на Жозефина во кој биле, на пример, сликите „Симнувањето од крстот“ на Рембрант, „Антверпенските стрелци“ на Тинерс и „Ноќ“ на Лорен.
Толку, доста е царски работи, време е да се погледнат најважните богатства. Ходникот со мрачни таписерии ме води директно до изложбата на живописи. Најмногу луѓе се туркаат во салите на италијанската Ренесанса. Навистина е тешко да се пробиеш до Рафаел и да Винчи – освен што има навистина многу луѓе, кинеските туристи ме заслепуваат со блицовите. Но готова работа – ги видов „Мадона Беноа“ и „Мадона Конестабиле“ и секоја од сликите ми остави свој впечаток. Жалам што не успеав да ги разгледам до детаљ техниките на мајсторите – но тоа е причина да се вратам кога ќе е поспокојно.
Извор: Geophoto
На третиот кат каде што е сместена источната уметност и живопис од XIX-XX век, среќавам речиси само млади. Овој оддел наскоро ќе биде преселен во зградата на Главниот штаб каде ќе се отвори голема изложба на современата уметност. Се надевам дека одделот ќе се пресели заедно со кустосите, затоа што тие овде се некако посебни: самите се врвни познавачи на сликите и сликарските бои на импресионистите.
Враќајќи се по стивнатите сали, веќе поинаку ги гледам огромните простори на музејот, наоѓам особена убавина во спојот на декорот и експонатите. Симнувајќи се по дрвените скали, слушам како скрцнуваат старите скалила. Во сеќавање ми доаѓа разговорот со најстариот кустос. Ја прашав за тој застрашувачки тресок, нели ѝ е страв да работи, а таа одговори: „Мислите дека е дух? Самите ние сме духови овде. Ќе поминеме овде некое време и ќе си заминеме, а Ермитаж ќе остане.“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче