Фотографија: Екатерина Туришева / Руска реч на македонски
Руска реч на македонски: Како започна сè?
Владимир Есинов: Имам многу добар пријател Михаил Вадимович Сеславински, кој е раководител на Федералната агенција за печат и за масовни комуникации. Еднаш тој ми ја подари својата книга „Приватни пионери“. Во книгата се зборува за неговото пионерско детство кое се одвивало во седумдесеттите години од минатиот век во градот Ѕержинск. Според оваа книга е напишано и сценариото за филмот. Долго време не можевме да најдеме режисер, зашто снимањето филм за деца е посложено, одошто снимањето филм за возрасни. Потоа се запознав со Александар Карпиловски, кој, како што покажа практиката, е најдобриот детски режисер. Неговите деца-актери така и велат „Чичко Саша, нашиот режисер“. Филмот „Приватни пионери“ за Александар беше деби во долгометражниот филм. Така и го добивме овој прекрасен филм, кој предизвика искрен интерес кај широката публика и има добиени повеќе од шеесет награди, како на руските, така и на меѓународните детски филмски фестивали.
Филмот „Приватни пионери“ го зазеде првото место на онлајн филмскиот фестивал на Росијскаја газета, додека на Меѓународниот филмски фестивал на детски и младински филм во Чешка доби гран-при од гледачите.
РРМ: Многу е потешко да се сними филм за деца, одошто за возрасни. Тоа е точно. Истото се вели и за книгите за деца. Дали децата се благодарни гледачи?
В.Е.: Тие се многу благодарни. И непредвидливи. На пример, јас никогаш не ни помислив дека филмот „Валцерот на рјабината“ ќе биде филм за деца. Но, него почнаа да го бараат на детските филмски фестивали и насекаде освои гран-при. Тоа е приказна за подвигот на млади експерти за мини, кои по цената на својот живот ги деминираат минските полиња и патиштата. Случувањата се одвиваат во периодот помеѓу 1944 и 1946 година. Тоа е филм за млади матуранти, за првата љубов, за војната. Но, децата многу добро го прифатија филмот. Во детското одморалиште „Орљонок“ детското жири од 25 члена по прикажувањето на филмот со солзи во очите рекоа: „Сакаме да поразговараме со вас во врска со овој филм“. Ги прекршивме сите правила и почнавме да разговараме за филмот. И едноставно е чудо како децата точно и истанчено можат да анализираат. Не џабе велат дека детството е лакмус за сè. Децата се искрени и чесни, тие не лажат.
Во СССР имаше многу детски филмови, но кога се распадна Советскиот Сојуз, постоечките традиции беа нарушени. Немаше идеи, немаше пари, немаше режисери...
РРМ: Каква е, по Ваше мислење, состојбата со детското кино денес? Во Македонија порано се прикажуваа советски филмови и серии за деца, кои денешните генерации на четириесетгодишници добро ги паметат. Сега повеќе не се прават вакви филмови. Каде е проблемот?
В.Е.: Животот се смени. Луѓето имаат други приоритети. На децата им посветуваат помалку внимание. Ние губиме поколение по поколение. Детските филмови или треба да се прават добро, или воопшто да не се прават. Детскиот филм треба да се финансира од страна на државата. Тоа не е комерцијален производ. Но државата, одвојувајќи средства, многу често не го гледа она што е снимено. Во СССР имаше мошне добра практика. Секоја недела сите соработници на Државната кинотека доаѓаа во киносалата за примање на некој нов филм. Доколку тоа би се правело сега, веќе по една година филмовите сосема би се смениле. А, детските филмови треба да се поддржуваат не само материјално, туку и информациски. Може да се направи добар филм, но тој нема да дојде на екранот и нема да дојде до широката публика доколку за тоа не се погрижи државата.
РРМ: Освен поддршката од Министерството за култура, што уште може да се направи во врска со оваа ситуација?
В.Е.: Треба да се реши прашањето со дистрибуцијата на филмовите. Денес таа е сè повеќе и повеќе американска. Јас не сум приврзаник на мерките за забрана, но кога бев во Кина со „Валцерот на рјабината“ ги прашав локалните филмаџии колку американски филмови се дистрибуираат годишно кај нив. Тие ми одговорија дека купуваат 50 филма. 30 купува државата, а уште 20 приватните компании. Тогаш ги прашав колку домашни филмови произведуваат, а тие ми одговорија 150. Кај нас, пак, имаме 480 американски и 60 руски филмови. Разликата е огромна.
РРМ: Треба ли да се научиме да работиме во постоечките услови?
В.Е.: Ние не го избираме времето во кое живееме. Затоа учиме да работиме во постоечките услови. Ние треба, од една страна, да учиме едни од други, а од друга да не ја изгубиме својата самобитност. Впрочем како во Кина: повеќе сопствени филмови, но и да не забораваме на странските. Американските блокбастери се направени добро и можат да нè научат на нешто, а во нив има и многу голем патриотизам! А, кај нас? На Запад руските филмови се ценат според степенот на црнила. Колку е поцрн, колку повеќе негативни работи има, толку е филмот подобар. И Западот аплаудира. Убаво би било нашиот руски филм да го сакаат поради неговите светли и убави филмови, како што е „Приватни пионери“.
РРМ: Ве сфаќам. Сето тоа започна со филмот „Брат“. Во Македонија сега постои истата претстава: рускиот филм е тежок, тешко е да се гледа.
В.Е.: Да, за жал, на фестивалите најчесто се прикажуваат токму вакви филмови.
РРМ: Какви се вашите идни планови?
В.Е.: Буквално деновиве заврши снимањето на филмот „Приватни пионери 2“, кој претставува продолжение на првиот. Нашите херои се пораснати, постари се за две години и заминати се во детско одморалиште. Тука има и авантури, и прва љубов, и дружба... сè што сакаат децата и возрасните. Во април 2015 година треба да се одржи премиерата на филмот. Понатаму планираме повторно да направиме продолжение. Сега тоа ќе биде телевизиска серија за тоа какви се нашите херои сега. Успеале ли тие да го сочуваат пријателството и да ја пренесат љубовта низ сложените времиња на промените. Како станале возрасни и каква е нивната судбина.
Во план е и нов долгометражен филм „Клетва“. Тоа е историска драма за главниот лекар на една психијатриска болница во Симферпољ Н.И. Балабан, кој во годините на Големата татковинска војна, кога земјата била во окупација, спасил голем дел од своите пациенти, не ги оставил оние што останале и со нив ја поделил нивната трагична судбина. Сценариото е напишано според вистински настани. Планираме филмот да го снимаме во истата онаа болница во која работел професорот Балабан.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче