Неодамна бројните руски дела од белетристиката и од фантастиката беа преведени на англиски јазик. Меѓу нив е и петтиот том од серијата „Ноќна стража“ на Сергеј Лукјаненко, како и „Метро 2034“, продолжение на постапокалиптичната сага на Дмитриј Луковски во која се опишува животот во московските тунели по нуклеарна војна. За оваа година најавен е преводот на четвртиот дел од серијалот „Лавивринти Ехо“ на Макс Фрај и нови преводи на романи од браќата Стругацки, пионерите на советската научна фантастика, кои влијаеле на сите наведени автори.
Руските писатели со векови создаваат фантастични светови. Владимир Одоевски, аристократ и сестран уметник, беше еден од првите писатели на научно-фантастични приказни. Во своето дело „Два дена од животот на Земјината топка“(„Два дня в жизни земного шара“) даде кратко предвидување на космичките катастрофи од глобални размери. Еден век подоцна, Евгениј Замјатин во својот роман „Ние“ ги постави темелите на идните антиутописки книжевни дела – според овој модел настана романот на Џорџ Орвел „1984“.
Сленг на иднината
Во постсоветската ера напишани се мноштво книги кои му припаѓаат на жанрот антиутопија, вклучувајќи го и „Денот на опричникот“ на Владимир Сорокин. Оваа хај-тек приказна е напишана за да ги шокира читателите. Настаните се случуваат во 2028 година во „Нова Русија„ каде опричниците ги силуваат, ги убиваат „непријателите“ на господарот, а се опуштаат на порносеанси каде дрога има во изобилие.
Вистинските опричници биле гардисти на Иван Грозни, додека во романот тие се жители на еден суров свет исткаен од средновековни и од футуристички елементи. Сорокин во своето дело користи мешавина на архаични руски изрази, измислен сленг, песни и стихови. Неговата уникатна употреба на јазикот на „иднината“, проследен со превод, го оживува овој измислен свет.
Живот во темнина
Еден друг современ писател, Виктор Пелевин, праќа сатирична порака низ формата на фантастиката. Последна негова книга која е преведена на англиски јазик е „Салата на распеаните каријатиди“. Во романот на младата Лена ѝ вбризгуваат инјекција со серум со таен состав, по што таа со часови стои разголена и пее, на тој начин претставувајќи „каријатида“ во елитен ноќен андерграунд клуб.
Психоделичниот постмодернизам на Пелевин веќе со децении ги збунува, но истовремено и ги воодушевува читателите. Јунакот од првиот роман „Омон Ра“, објавен во 1992 година, станува космонаут за да заврши како учесник на квази-хероско „слетување“ на Месечината кое всушност се случува во еден напуштен подземен тунел. И Омон и Лена се жртви на системите што ги држи во темнината – дословно и метафорички.
Пелевин лесно го поместува фокусот на својата сатира од апсурдот на комунистичкиот режим кон ненормалното потрошувачко општество од постсоветската епоха. Неговиот роман „Генерација П“ во кој се опишуваат хаотичните московски деведесетти години од минатиот век гледани од страна на еден писател на рекламни слогани, поранешен поет, веќе претставува култно четиво во современа Русија.
Урбани магионичари
Сергеј Лукјаненко својата приказна, исто така, ја сместува во Москва. Првиот роман „Ноќна стража“ објавен е во 1998 година и стана бестселер кај фановите на магијата. Антон Городецки, главниот јунак на овој роман, е агент на „Ноќната стража“ која патролира по московските улици и по метрото и ги штити луѓето од слугата на Темнината. Според овој роман е снимен и истоимениот филм на Тимур Бекмабетов, кој стана блокбастер на светско ниво.
Лукјаненко во својот роман ги вплетува натприродните настани во препознатлива заднина. Петтото продолжение на приказната носи наслов „Нова стража“, а дејството започнува на московскиот аеродром каде едно многу дебело дете хистерично предвидува авионска несреќа. Случувањата кои следуваат го водат Антон во авантура низ парковите и игралиштата на Лондон и низ облакодерите и пагодите на Тајпеј. Мислечките игри во стилот на џедаја, морничави ликови или симптоматични вампири во грчевитата нарација на Лукјаненко потсетува на детали од научно-фантастичната серија „Војна на ѕвездите“ или од романите на Стефани Маерс, со бројни алузии на познати литературни дела, од Достоевски до Петар Пан.
Иронична фантазија
Уште еден популарен, но сосема поинаков циклус екапистички фантазии е „Лавиринти Ехо“ на Макс Фрај. Главниот јунак и наратор е дебел шегаџија кој станува детектив во светот „од другата страна на огледалото“. Макс Фрај е всушност псевдоним на Светлана Мартинчик, руска писателка која живее во Литванија.
„Свет во светот“ на Мартинчик е полн со ликови со имиња како што се Хејлах, генерал Бабута Бох или сер Џуфин Хали, кој носи „светло зелен микрофон со слушалка“ или „укумбриски плашт“ со кој станува невидлив, што потсетува на Хари Потер. Сепак, овие ведри авантури имаат посебна нота која потекнува од традицијата на рускиот црн хумор. Во четвртата книга „Сенката на странецот“ е напишано: „да се прекршува описот на вашата работа само за забава е нешто на што се засновува нашата организација“.
Дигиталната филозофија на дело
Врз основа на антиутопискиот роман на Глуховски „Метро 2033“, исполнет со жестоки пресметки и непријатели во вид на безлични мутанти, создадена е и мошне популарна компјутерска игра. Од друга страна, оваа книга во кој се менуваат еден со друг акциските и филозофските делови, ја содржи пораката дека реалниот живот не може едноставно „да започне отпочеток“.
Следна во низата е книгата „Метро 2034“ во кој рефлексивниот тон е уште повеќе изразен. Стариот Хомер, некогашен работник во метрото по име Николај, сака да ја напише историјата на овој постапокалиптичен подземен свет. Во романот дејството се враќа во времето пред животот да биде „пронижан со смртоносниот здив на Армагедон“, а приказната се потпира на урбаните легенди за огромната тајна мрежа на премини изградени под јавниот систем на метрото. Хомер патува низ тунелите со тинејџерката Саша, која е сираче, во приказна за преживување, во клаустрофобично патување кон „последното прибежиште на човековата раса“.
Светот опишан во книгите на споменатите писатели се различни: вонземски или подземни, сатирично-реални или се сосема измислени, но сите се мошне живо опишани и му го привлекуваат вниманието на читателот, зашто ги води до крајот на времето или до крајните граници на можното, па и понатаму.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.