Чоколадната историја на Русија

Во советско време странците често купуваа чоколада како сувенира. Извор: ИТАР-ТАСС

Во советско време странците често купуваа чоколада како сувенира. Извор: ИТАР-ТАСС

На производството на чоколадни бонбони во Русија како да не влијаеле бурните историски потреси, војните, револуциите или инфлацијата. Непрекинатата чоколадна еволуција која ги создаде слатките национални симболи како што се „Аљонка“ или „Вдахновение“ трае и понатаму.

Кон крајот на 19 век во Русија прочуени биле фабриките за кондиторски производи на Алексеј Абрикосов кој поседувал вистинска „слатка империја“ (што е во согласност со неговото презиме, зашто „абрикос“ на руски значи „кајсија“). Најпродавани и најомилени биле карамелите во облик на разни животинки „Ракчиња“, „Гускини ножиња“ и „Паткини клунчиња“, како и карамели со чудно име „Паткин клун против кашлање“ и желе-бонбони „Лилипут“. 

Еден од омилените десерти во Русија од тоа време било овошје прелиено со чоколада што се увезувало од Франција. Иако рецептот за подготовка на овошје во чоколада бил добро чувана тајна, Абрикосов сепак го открил и решил да изгради фабрика на Црното море. Изградбата била чувана во тајност, а за конкуренцијата да не се посомнева во неговите чести патувања, тој тоа го оправдувал со божемна намера да се занимава со извоз на кинески чај. Кога се отворила фабриката ширум Руската Империја започнало да се продава овошјето во чоколада на Абрикосов. Така Абрикосов ја уништил конкуренцијата и станал официјален снабдувач на императорскиот двор со најквалитетни кондиторски производи. 

„Коркунов“ и слатката иднина на пазарот на чоколада
Продажбата на чоколада од највисока клас во Русија има мошне добра перспектива. Се очекува Русите постепено да преминат на поскапи производи како што е рачно направената чоколада, додека домашниот пазар на овој десерт во моментов вреди повеќе од 8 милијарди долари.. strong>

Советската кондиторска индустрија има преземено многу производи и технологии од Абрикосов. Во целиот Советски Сојуз се произведувале „Гускините ножиња“ и „Ракчињата“. На темелите на некогашната „слатка империја“ на Абрикосов била создадена познатата московска фабрика за кондиторски производи „Бабаев“, која продолжила да произведува слатки со врвен квалитет. Најдобар пример за тоа е чоколадата „Вдахновение“ со ситно исечкан лешник. На обвивката од чоколадата има балетски пар кој танцува пред Бољшој театар, а секоја штангла чоколада е спакувана во посебна фолија. Во советско време чоколадата станала своевиден слатки симбол на земјата. Странците ја купувале како сувенир. 

Советските бонбони не биле толку луксузни како во царска Русија. Биле произведувани во многу поголеми количества и станале поевтини. Во целата земја биле пакувани во иста амбалажа. Побарувачката го надминала производството, што довело до дефицит, па поквалитетните чоколадни бонбони повторно станале луксуз, зашто било тешко да се набават: многу бргу се распродавале по релативно ниска цена. 

Дефицитот на омилениот руски десерт создал нов облик на „чоколадна“ корупција. Секретарките на подарок добивале чоколадни бонбони за да ја отворат вратата од канцеларијата на директорот. Со помош на кутија скапи чоколадни бонбони брзо се завршувале различни административни работи. На лекарите, исто така, во знак на благодарност им подарувале скап коњак и чоколадни бонбони. Паричната корупција била казнива, а чоколадните бонбони се сметале за подарок. Така чоколадните кондиторски производи станале „втора советска валута“.

Аљонка

Кон средината на шеесеттите години од минатиот век советската влада одлучила да отпочне масовно производство на млечната чоколада „Аљонка“, која во следните неколку децении станала главен извор на калории за руските деца. Сите дечиња едноставно го обожавале девојчето со марама насликано на обвивката од „Аљонка“. Во врска со омилената млечна чоколада веднаш почнале да кружат легенди. Се верувало дека девојчето на обвивката е ќерката на Валентина Терешкова, првата жена-космонаут, или на првиот советски космонаут Јуриј Гагарин. Исто така постоела легенда за тоа дека девојчето кое е нацртано е всушност ќерката на Сталин, Светлана.

Штангли чоколада „Аљонка“.Фотографија: Lori / Legion Media

Сепак тоа се само легенди, а вистината е поинаква. Бидејќи Аљонушка (деминутив од женското име Аљона) е лик од руските народни сказни, најпрво било планирано на обвивката да биде босонога селанка, но излегло дека таква чоколада веќе произведува една друга конкурентска фирма. Затоа решиле името на чоколадата да биде „Аљонка“, а симболот на чоколадата на конкуренцијата бил забранет од страна на идеолошкиот оддел на Комунистичката парија зашто „не било пригодно да се прикажува босоного девојче на најдобрите советски слатки“: тоа би изгледало како родителите да немале пари да му купат обувки. Во весникот „Вечернаја Москва“во 1965 година бил објавен конкурс на детски фотографии. На конкурсот пристигнале стотина фотографии. По внимателниот избор било решено на обвивката на чоколадата да биде девојчето по име Елена, ќерка на Александар Геринас, дизајнер на кондиторските амбалажи во фабриката. За разлика од босоногата Аљонушка, Аљонка со марама била буцка и со полни усни, што било вистински одраз на советскиот начин на живот. 

Иако оттогаш има поминато половина век и се имаат појавено многу други чоколади за сечиј вкус, девојчето со марама на обвивката на млечната чоколада „Аљонка“ и понатаму е еден од слатките симболи на Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња