Саем на книги за првпат на Црвениот плоштад

Евгенија Новоженина / РИА Новости
На Црвениот плоштад во Москва за првпат во историјата се одржува фестивалот „Книгите на Русија“ на кој повеќе од 300 водечки издавачи од сите руски региони ќе им ги претстават на посетителите своите литературни новитети, од уметнички до образовни дела.

Саемот „Книгите на Русија“ зазема површина од 23 илјади квадратни метри, од Историскиот музеј до Лобно место, а ќе биде поделен на тематски зони. Поголемиот дел од саемот го заземаат продажни штандови кои се групирани според литературни жанрови. На главната бина ќе се одржуваат предавања, церемониите на отворање и на затворање, како и доделувањето награди, средби со познати писатели, настапи на уметнички и на музички колективи.

Професионалните манифестации ќе се одржуваат во трговскиот центар ГУМ, на чија територија се наоѓа и делот со антиквитети.

Во текот на 4 дена на фестивалот ќе бидат организирани средби со писатели и поети, настапи на уметници и музичари. Меѓу нив ќе бидат и Михаил Велер и Павел Басински, Евгениј Водолазкин и Александар Кабаков, Алексеј Гарибол, Јуриј Башмет и Денис Манцуев, Владимир Познер и Захар Прилепин.

Како што на прес-конференцијата изјави директорот на „Роспечат“ Михаил Сеславински, буџетот на фестивалот изнесува 40 милиони рубли. „Самиот настан на московскиот фестивал 'Книгите на Русија' е уникатен. Го зазедовме не само Црвениот плоштад, туку и поголем дел од ГУМ, каде во одредени бутици ги сместивме продавачите на книги“, рече Сеславински.

Според заменик-директорот на „Роспечат“ Владимир Григорјев, „веднаш штом се појави идејата за фестивалот никој од издавачите не можеше да поверува во тоа. Најважно е традицијата на фестивалот да се продолжи и да се одржува на 6 јуни, на роденденот на Александар Пушкин. Се надеваме дека од следната година фестивалот ќе добие меѓународен карактер“.

Особено внимание организаторите посветија на детската литература. На саемот ќе настапат современи руски писатели за деца, а ќе бидат организирани и промоции на нови изданија, како и врачување награди од областа на детската литература. На фестивалот, исто така, ќе бидат одржани работилници, предавање, но и тркалезни маси посветени на проблемите на издаваштвото, на илустрацијата и многу друго.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Дознајте повеќе