Москва ќе го добие најголемото панорамско тркало во Европа

Regions Group
Московското панорамско тркало ќе биде повисоко од The London Eye и ќе биде една од најпосетените знаменитости на руската престолнина, се надеваат инвеститорите.

На подрачјето на Серускиот изложбен центар (ВДНХ) ќе биде изградено ново панорамско тркало кое ќе може да прими 1.5 милиони лица годишно. Ова на Сочинскиот форум за „Руска реч на македонски“ го соопшти Амиран Муцоев, член на советот на директори на компанијата „Региони“ која е единствен инвеститор на проектот. Тркалото ќе биде најголемо во Европа. Ќе биде високо 140 метри, а во моментов за највисоко се смета The London Eye со 135 метри.

Според Муцоев, московското тркало го проектира бирото „Чепман Тејлор“ и швајцарската компанија „Интамин АГ“ која се занимава со производство на машини и опрема за забавни паркови. Висината на инвестицијата не се соопштува, но планирано е проектот за 8 години да ги покрие сите трошоци.

Големи планови

 Панорамско тркало. Извор: Regions Group Панорамско тркало. Извор: Regions Group

„Во следните години панорамското тркало ќе стане еден од најпосетуваните објекти за забава во Москва“, смета Муцоев. Според него, тоа ќе овозможи и надворешниот прилив, и внатрешниот проток на туристи во Москва да се зголеми за милион и пол лица годишно.

Според податоците на Канцеларијата за спорт и туризам на градот Москва во 2016 година престолнината ја посетиле околу 17.5 милиони туристи, од кои 4.5 милиони странци. Тоа значи дека приливот на туристи во Москва може да се зголеми речиси за 9% благодарение на изградбата на панорамското тркало.

Московското тркало ќе има 30 затворени кабини од кои секоја ќе може да прими по 20 лица, а едно вртење ќе трае околу 25 минути. Во рамките на проектот е предвидено пространо шеталиште, како и синџир тематски ресторани, продавници, кино, па дури и музеј на восочни фигури.

„Одлучивме московското тркало за панорамско разгледување да биде најголемо во Европа зашто е тоа стратешки важно за нашиот град“, вели Муцоев. Според него, новото панорамско тркало ќе биде стимул за развојот на индустријата за забава во Русија и ќе го зголеми туристичкиот потенцијал на престолнината.

Критики за проектот

Кон овој проект со скепса се однесува Ирина Ирбицка, експерт за урбанизам, директор на Центарот за урбанистички компетенции при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. „Од гледна точка на бизнисот ова може да биде интересна идеја и приходна работа доколку се ориентираме на кинеските туристи, но од гледна точка на градот таа е сомнителна идеја зашто Москва на овој проект не може да оствари профит“, коментира Ирбицка за „Руска реч на македонски“.

Според неа, денес урбанистите го гледаат мултипликацискиот ефект на секој ваков проект, и не е важно тој да им носи приходи само на сопствениците, ами и да го зголеми интензитетот на малиот и на средниот бизнис во реонот во кој ќе се гради. Според мислењето на урбанистите, реонот на ВДНХ денес е преоптоварен со туристи.

„Привлекувањето туристи е комплексна тема која зависи од квалитетот на градската средина и од животниот стандард на жителите. На пример, посетата на панорамската точка The London Eye не е најважна точка во програмата на тамошните туристи. Тие одат во Лондон, пред сè, зашто е комфорен и интересен град“, смета Ирбицка.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња