Претседателот на Русија Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на средбата во Москва на 10 октомври ја разгледаа можноста за испорака на систем за противвоздушна и противракетна одбрана С-400 на Анкара. Информацијата за ова се појави во јавноста дури една недела подоцна, но портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ја потврди нејзината веродостојност во интервју за медиумите. Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу исто така соопшти дека страните на средбата го разгледувале ова прашање.
Како што пишуваат руските медиуми, Анкара е заинтересирана за купување на системите и сега размислува за потпишување договор.
Во моментов Турција детално ги испитува и проверува во каков комплет Москва може да стави на располагање системи С-400, по која цена, во кој рок итн. Доколку страните постигнат договор по овие прашања, ресорните министерства ќе пристапат кон формирање нарачка.
„Турција е членка на Северноатлантската алијанса, така што Брисел и Вашингтон ќе се обидат да ја попречат зделката со Русија“, смета Виктор Мураховски, полковник во пензија и главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“.
„Сега овие земји ќе лобираат за своите интереси. Ќе се појават соопштенија дека С-400 не одговараат на стандардите на алијансата, дека не можат да бидат интегрирани во заедничкиот систем за ПВО итн. итн. Слично беше и со испораката на руските системи С-300 за Грција (исто така членка на НАТО). Ним, за волја на вистината, тогаш им тргна од рака да го 'задржиме клиентот' и да ѝ продадеме на Атина 12 системи“, истакна експертот.
Според него, Американците ќе лобираат за својот систем за ПВО Патриот, кој е во рангот на рускиот систем С-400.
С-400 е најнов систем за противвоздушна одбрана кој служи за уништување на авијација, на крстосувачки и балистички ракети на потенцијалниот непријател. Дострелот на ракетите изнесува 250 километри на висина од 30 километри.
„Тој е поскап и полош од рускиот систем според многу параметри: има помал дострел, помали се можностите за борба против балистички цели, му треба повеќе време да го постигне нивото на борбена готовност итн. Но, со оглед на тоа дека САД и Турција се сојузници во рамките на НАТО, ќе бидат применети политички и економски притисоци и закани од страна на американскиот Конгрес“, додава Мураховски.
Како што истакнува тој, типичниот дивизион на С-400 (осум лансери и логистички возила за нив) со комплет ракети чини 500 милиони американски долари. Прашање е колку дивизиони ќе сака да купи Турција. Земајќи ја предвид модернизацијата на руските военоиндустриски претпријатија, испораката на нашите системи за ПВО ќе може да започне за три години доколку се оди како подмачкано“.
Но, не сите експерти се толку големи оптимисти во оценката за перспективата за продажба на системите С-400 на Турција. „Изразите 'е заинтересирана' и 'размислува' сè уште не значат дека Турција ќе потпише договор за купување руско оружје“, смета воениот аналитичар на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин.
„Сето тоа се само романтични желби. Турците своевремено исто така со нас преговараа за системите С-300, а на крајот излезе дека ја симнувале цената на Кинезите, кои на Анкара ѝ ги нуделе своите системи за ПВО HQ-9“, вели аналитичарот.
Според него, слична ситуација била и со хеликоптерите Ка-52 за военото воздухопловство на Турција. Русија своето летало го модернизираше според потребите на Анкара, а потоа Турција потпиша договор со американската компанија Bell. „Но, доколку овој пат зделката биде направена, тоа ќе биде најголемиот воен договор помеѓу овие две земји“, додава експертот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче