Русија и Обединетите Арапски Емирати заедно ќе направат лесен ловец од петтата генерација врз основа на авионот МиГ-29 кој има извонредни маневарски можности. Тоа ќе биде прв заеднички проект на двете земји во областа на производството на ловци.
Како што вели првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов во интервју за изданието „Дефенс њуз“, производството ќе започне во Обединетите Арапски Емирати, а подоцна Русија на блискоисточната монархија ќе ѝ ги стави на располагање технологиите на изработка на ловец од петтата генерација заедно со лиценца.
Како што истакнува тој, планирано е авионот да се конструира во 2018 година, а производството да започне кон средината на следната деценија.
Експертите истакнуваат дека потезите на Москва во Емиратите се косат со интересите на други големи производители на оружје, пред сè САД.
„Слична ситуација имавме во 1995 година, кога Емиратите се подготвуваа да купат руски ловци Су-35. Тогаш сите контакти беа прекинати по руските официјални најави за договор, зашто Американците успеаја да ги излобираат своите авиони F-16 под поволни услови за ОАР“, вели за „Руска реч на македонски“ Константин Макиенко, заменик-директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии.
Како што пишува изданието Газета.Ru, повикувајќи се на неименуван извор од руската авионска индустрија, и сега постои определен ризик настаните да тргнат во тој правец, зашто договор помеѓу Москва и Абу Даби постои, но тој сè уште не е потпишан.
За волја на вистината, другите експерти со повеќе оптимизам размислуваат на оваа тема. Според Павел Булат, раководител на меѓународната лабораторија „Механика и енергетски системи“ на Универзитетот за информациски технологии, очигледно е дека блискоисточната монархија има донесено одлука во корист на Русија кога станува збор за конструирањето на авион од петтата генерација.
„Американските F-35 ги добија само земјите кои од првиот момент учествуваа во работата над него. Од таа причина Јапонија не можеше да ги добие овие летала, а Израел ги доби“, изјави експертот за „Руска реч на македонски“
Доколку руските преговарачи постигнат успех, експертите очекуваат дека на пазарот ќе се појави мошне успешен и интересен производ кој практично ќе биде во слободна продажба.
„Во овој момент конструкцијата на авионот МиГ-29 е најдобра во класата на лесните ловци. Поради тоа прашањето за изгледот на новиот ловец е делумно веќе решено. Сега треба да се поработи на тоа авионот да биде што помалку воочлив на радарите, во согласност со барањата поврзани за авионите од новите генерации, а исто така треба да направи мотор кој ќе овозможи ловецот да крстосува со суперсонична брзина“, истакнува Булат.
Тој додава дека идното летало ќе развива брзина од 1.6 маха, што е околу 2.000 километри на час во зависност од теренот над кој лета.
„Ловецот ќе го наследи вооружувањето од Т-50, друг руски авион од петтата генерација. Ова значи дека на авионот ќе биде монтиран топот 9-А1-4071К, еден од најлесните авионски топови во својата класа. Тој во еден лет може да искористи 150 проектили со калибар од 30 милиметри“, рече аналитичарот.
Со оглед на тоа дека авионот може да биде вооружен со ракети „воздух-воздух“ и „воздух-земја“, тој ќе може да носи и ненаведувачки гравитациски бомби кои вкупно ќе тежат 5 тони.
Полетната маса на идниот авион ќе изнесува од 15 до 18 тони.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче