Лесно ли е да се стане жена-пилот во Русија?

Марина Лисцева / ТАСС
Во Русија има малку жени-пилоти, но тие сепак постојат. Лесно ли е за една жена да стане пилот, зошто тоа повеќе не е само „машка работа“ и каква врска има со тоа феминизмот?

Стоењето во кабината на пилотот е необично и страшно, особено за време на слетувањето. Дури и кога знаеш дека тоа не е вистинско.

- Каде ќе слетаме? Во некои шуми некаде сме...

- Тоа е Шереметјево (Москва).

- Тогаш направете самрак или зора. Или ноќ, ајде ноќно Дубаи нека биде!

Тоа е тренажер на граѓански авиони, тој 99% ја претставува кабината на пилотот, стои во затворен хангар. Со исклучок на тоа што пилотите самите можат да си поставуваат услови на летот и пејзаж низ прозорците, сето останато е многу реално. Кога се спуштаме, кабината оди нанапред, пистата се приближува толку брзо што оној што набљудува, фатен за седиштата на пилотите, почнува нервно да се смее.

Екатерина Телепун. Извор: Руска реч на македонскиЕкатерина Телепун. Извор: Руска реч на македонски

На кормилото е Екатерина Телепун – една од најмладите пилоти-девојки во авионската компанија Аерофлот. Таа има дваесет и пет години и е втор пилот во групата патнички авиони Ербас А320. Нејзините прсти брзо се движат по многубројните копчиња и рачки – центрирање, брзина, координати. Катја изгледа нежно, срамежливо и младо, што во униформата повеќе потсетува на бруцош. Таа потсетува на хероината на рускиот блокбастер „Екипаж“ (2016) – вториот пилот Александра, која избрала „машка“ професија и поради, според филмското сценарио, тоа постојано трпи дискриминација.

- И вие го забележавте тоа? Си помислив „ова е дискриминација!“. Но, така е само на филм, во реалноста е поинаку...

Сега Катја не гледа толку популарни филмови каде авионот е на еден чекор до катастрофа, а некаков поранешен агент од елитните специјални служби одново сите ги спасува.

- Затоа додека студирав во академијата често гледав Air Crash Investigation. Таму ми беше интересно да ги видам туѓите грешки.

На две жени авион не даваат

Катја лета веќе две години, околу 20 лета месечно. На ваков тренажер работат секоја половина година сите пилоти, дури и оние што одамна превезуваат патници. Тоа е потребно за да не се изгубат искуствата што не се употребувале, меѓу другото и управување во вонредни ситуации.

- Живеев во Киев и веднаш по училиштето се запишав на летната академија, во класата бев единствена девојка. Никогаш не сум слушнала на курсевите во Украина или во Русија во една гласа да има пет-шест девојки. Зошто? Веројатно не сакаат. Или не знаат дека тоа е можно. Често ме прашуваат: „Тоа се случува во Русија?“ Не постојат никакви пречки, мене никој не ме дискриминирал. Единственото нешто што е потребно е здравје.

Психолошки тест од 360 прашања, медицинска комисија, проверка за епилепсија. „Ме ставаа на стол во темна просторија. Ги вклучуваат светилките, трепкаат силно, а ти ги гледаш“, се сеќава таа.

Кога се наоѓа на тренажерот, нејзината срамежливост исчезнува. Таа се обидува да пресмета колку жени-пилоти има во нејзината компанија. Излегува нешто повеќе од 20 (во компанијата работат 2.353 пилоти), од нив пет се пилоти-командири, но Катја со ниту една од нив не се познава, тие се среќаваат само на брифингот пред летот.

- Во ист екипаж не ставаат две девојки-пилоти. Најверојатно поради еднаквост... Не можам да објаснам поточно, ама ете не ставаат. А, во Советскиот Сојуз имало, сум видела фотографија и на неа сите се жени.

За поголемиот број луѓе од Русија жена-пилот е сè уште нонсенс, нешто слично како жена-тенкист. Егзотика. Стјуардесите ѝ раскажувале на Катја дека патиците замолкнувале кога го слушале нејзиниот поздрав при полетувањето. Но, од авионот никој засега не се симнал, се шегува таа.

„Постојано морам да се докажувам“

- Во Русија односот кон жените во авијацијата е повеќе негативен, одошто позитивен. Јавноста мисли со стереотипи. Не можете да си претпоставите со колкав број недоумици, осуди, сексизам, дискриминација и неубави коментари сум се судирала. Не примаат на работа зашто „не си од тој пол“. Некои се незадоволни, од типот „не сакаат да летаат со тетки“. Јас сум феминистка. Не можеш да не бидеш феминистка доколку работиш во оваа сфера – раскажува 22-годишната Татјана Битјугина од Екатеринбург (1.788 километри од Москва).

Татјнана Битјугина / Лична архиваТатјнана Битјугина / Лична архива

Нејзиниот професионален пат е многу потрнлив од оној на Катја, но Татјана е исто така од авијатичко семејство, исто така не сакала да седи во канцеларија и да се занимава со документи и исто така била единствена девојка на курсот. Та работела половина година на патничката варијанта на хеликоптерот Ми-8, односно во комфорно летало со кожни седишта за ВИП-патници, и таа признава дека тоа било тешко: постојано си на пат, живееш во службен стан со екипажот, немаш слободно време, немаш личен живот. Сегаа таа патролира по нафтовод (на истиот тој Ми-8, но поинаква модификација) за да увиди можни хаварии, истекување нафта и други проблеми на височина од 50 до 100 метри. Ја зеле на работа со услов да се преобучи за Ми-8.

- Да се работи на хеликоптер е многу посложено одошто на „убави авиони“ зашто во хеликоптерот буката и вибрациите се поголеми, постојано мириса на керозин, работата е потешка и „повалкана“, а плаќаат помалку. Понекогаш имаш чувство дека миризбата не исчезнува, сета мирисаш.

Татјана смета дека на девојките им е стопати потешко да се пробијат во оваа професија одошто на мажите – таа мора постојано да се докажува дека не е полоша и да биде „за една глава повисоко“ од среден пилот-маж. Нему ќе му ги простат грешките, „се случува“, а за жените ќе кажат „жена на пултот е како мајмун со граната“.

- Сепак, сега многу повеќе девојки одат во авијација. Тие ги следат примерите на странските жени-пилоти и мислат „Таа е пилот, таа лета. Зошто таа да може, а јас д не можам? По што сум јас полоша?“. Еднаш на аеродром во Тјумењ ми дојде една стјуардеса и ме замоли д се фотографираме, за да може на сите да им раскажува и да им покажува дека жените исто така можат да летаат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња