Колку често „откажуваат“ руските космички ракети?

11 декември 2016 Викторија Завјалова
Руската космичка индустрија ја испраќа 2016 година со непријатен настан. Ракетата-носач „Сојуз-У“ експлодираше по лансирањето, така што транспортниот вселенски брод „Прогрес МС-04“ не стаса на меѓународната вселенска станица. Поголемиот дел од бродот изгореа во атмосферата, а помал број остатоци паднаа на земјата. Дали експлозиите на руските ракети-носачи станаа честа појава?
Progress_4608835019_b
Извор: Роскосмос

Ракетата-носач „Сојуз-У“ со транспортниот вселенски брод „Прогрес МС-04“ успешно беше лансирана на 1 декември од космодромот Бајконур. Но, само шест минути подоцна исчезна сигналот од вселенскиот брод. Ракетата експлодираше на височина од 190 километри над ненаселена територија.

Стручњаците од компанијата „Роскосмос“ сметаат дека причината за тоа можела да биде судир на погонскиот дел од ракетата со туѓо тело или неквалитетно склопување на моторот. Попрецизното утврдување претстои.

Експертите истакнуваат дека ракетата „Сојуз-У“ е прилично сигурна според мерилата на космичката индустрија, но за време на лансирањето секогаш постои можност да дојде до некоја грешка.

„Тоа е вообичаена ситуација“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на Институтот за космичка политика Иван Мојсеев. „Ова е 776 лансирање на ракетата Сојуз-У и нејзин 22 неуспешен лет. Со други зборови, имало 2.8% неуспешни летови, а се смета дека за непилотирани ракети границата е 5%“.

Според податоците од Институтот за космичка политика, во текот на 2016 година во светот се извршени 87 лансирања на космички ракети, од кои ракетата-носач трипати била причина за неуспешен лет: по една во САД и во Кина, а сега уште една во Русија. На пример, на 1 септември ракетата носач Фалкон 9 со телекомуникацискиот сателит АМОС-6 експлодираше на лансирната рампа.

За неуспешното лансирање на ракетата во Кина немаше официјално соопштение, но се знае дека на 31 август во кинескиот Центар за космички летови Таијуан е лансирана ракетата PH CZ-4С со набљудувачки сателит Гаофен-10, кој требаше да служи првенствено за потребите на армијата. Но, сателитот не се појави на орбитата.

Во Русија сега веќе се зборува за „системска криза“ во ракетно-космичката индустрија, по два неуспешни лета на ракети-носачи. Според потпретседателот на владата Дмитриј Рогозин, кој е задолжен за овој сектор, проблемот може да се реши со помош на административни реформи со зајакнување на техничката контрола во претпријатијата.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.