Извор: AP
Во саботата на 16 мај ракетата-носач Протон-М со мексиканскиот сателит MexSat-1 целосно изгоре во атмосферата. На почетокот на месецов се случи хаварија и со товарната ракета Прогрес-26М на која се наоѓаше и скапоцен товар за Меѓународната вселенска станица (МВС). Засега се смета дека се расипал моторот.
Како што коментираше на својот Твитер потпретседателот на владата Дмитриј Рогозин, проблемот може да се реши со административни реформи. „Хавариите се последица на системските кризи во овој стопански сектор“, напиша Рогозин. Тој очекува дека со промената на структурата на Федералната космичка агенција (Роскосмос) ќе биде усовршен системот на управување.
Но, експертите сметаат дека решавањето на системската криза со административни реформи само по себе не е доволно. „... Сè е во лоша состојба, што и да се погледне – од процесот на производство и изработката на детали до контролата и изведувањето“, објаснува Иван Моисеев, раководител на Институтот за космичка политика. „За да се надмине кризата потребни се луѓе и ресурси. Системската криза ги има своите корени уште од советскиот период, а ништо не е преземено за решавање на овие проблеми“.
Експертите се надеваат на БРИКС
Сега Владата на Руската Федерација го разгледува нацрт-документот со кој се дефинира развојот на космичката индустрија за периодот од 2016 до 2025 година. Судејќи според документот, Русија во следнава деценија планира да ги намали трошоците за проучување на космосот.
Станува збор за нацрт на Федералната космичка програма на Русија од 2016 до 2025 година (ФКП). Оваа програма предвидува намалување на трошоците за 10% од 2.117,3 милијарди на 2.004 , 5 милијарди рубли. Меѓу другото, ќе се штеди и на фундаменталните научни истражувања, како и на „средствата за исфрлање во космосот“, односно на ракети-носачи.
Според мислењето на експертите, за решавање на проблемите во космичката индустрија на Русија мора повеќе внимание да се обрне на развојот на приватни космички проекти и на меѓународната соработка, зашто на Русија би ѝ одговарала технолошка алијанса со други заинтересирани држави.
„Во програмата сериозно би требало да се размисли за многу поцврста технолошка алијанса со земјите од БРИКС“, истакнува претседателот на Московскиот космички клуб Сергеј Жуков, космонаут кој ги тестира вселенските апарати. Претходно Роскосмос изразуваше подготвеност да соработува со БРИКС на проектот за нова вселенска станица која по 2014 година ќе ја замени МВС.
Приватни инвестиции во ракети-носачи
Роскосмос во споменатиот документ за првпат зборува за неопходноста од поддршка на приватни космички проекти. „Планираме да ги поддржиме производителите кои се занимаваат со мали космички апарати“, вели Комаров. „Важна област е далечинското сондирање на Земјата“. Според него, парите од приватните инвеститори би можеле да го решат и проблемот со руските ракети-носачи. „Реформите на космичката индустрија ќе придонесат овој сектор да стане интересен за инвеститорите, зашто тука постои сериозен потенцијал“, смета Комаров.
Но, според Жуков, не е доволно Роскосмос да вложува средства само во постоечките проекти, туку треба „од нула“ да развива и проекти поврзани со поддршката на „малата космонаутика“. „Сметам дека државата е таа која треба да ја развива приватната космонаутика. Треба да се издвојуваат грантови за поддршка на приватните инвеститори и тие да се внесуваат во програмата. Тогаш можеме да се надеваме дека во иднина руската космонаутика нема да претставува товар за буџетот“, истакнува Жуков.
Експертите сметаат дека системските проблеми на руската космонаутика и покрај сите тешкотии ќе бидат решени. „Системската криза уште извесно време ќе ескалира, а потоа ситуацијата ќе се стабилизира“, смета Иван Моисеев. „Роскосмос сега, сакал или не, мора да ја зајакне технолошката контрола во претпријатијата, а потоа развојот ќе тргне по нагорна линија“, очекува експертот.
Проекти на Роскосмос за периодот од 2016 до 2025 година
И покрај намалувањето на расходите за фундаменталните научни истражувања, програмата и понатаму содржи доста интересни проекти. На пример, во следниве 10 години Русија поактивно ќе се занимава со трагање по живот надвор од Земјата. Од 2018 година Роскосмос планира да започне изработка на нови ракети-носачи од средна класа под називот „Феникс“, која може да ги замени ракетите Сојуз. Според неофицијални податоци, токму проблемите со ракетата Сојуз-2.1а биле причината со хаваријата на Прогрес.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче