Главната военомедицинска управа на Министерството за одбрана на РФ ги проучува методите на источната медицина. Со цел поквалитетно лекување на болните и на ранетите ќе започнат да се користат методите на тибетската, индиската, ујгурската, бурјатската и јакутската народна медицина. За таа цел во секоја медицинска установа ќе бидат отворени специјализирани кабинети. Од следната година со подготовка на специјалисти во областа на источната медицина ќе се занимава московската филијала на Военомедицинската академија „С.М. Киров“ (ВМА). Предавачите од оваа установа ќе завршат специјализација на Пекиншкиот универзитет за кинеска традиционална медицина.
Новите методи на лекување подразбираат воведување на традиционалната кинеска медицина, односно чи кунг, ајурведу и терапија со јога, како и су џок терапија. Според мислењето на воените стручњаци, спојот на овие методи со современите принципи на лекување на болните и на ранетите овозможува да се намали количеството тешки препарати што ги земаат пациентите, а понекогаш и нивно целосно исфрлање од употреба.
„Одлуката за воведување на методи од традиционалната источна медицина ја донесе Главната военомедицинска управа на Министерството за одбрана“, вели за весникот Известија началникот на московската филијала на Военомедицинската академија „С.М. Киров“, полковник Вјачеслав Половинка. „Во московската филијала на ВМА е основана катедра за интегративна и источна медицина. Таму се учат методи како што се остеопатија, фитотерапија и су џок терапија. Ваквата практика ќе се воведува во сите здравствени и рехабилитациски центри на Министерството за одбрана врз основа на систематските препораки кои ги утврди Главната военомедицинска управа на Министерството за одбрана на РФ (ГВМУ). Ова, сепак, не значи дека Министерството за одбрана се откажува од користењето на антибиотиците и од хируршките интервенции и започнува да се занима со шаманизам. Следната година планираме во текот на обуката на нашите стручњаци во Кина да го прошириме нашето искуство и да усвоиме нови методи и начини на лекување.
Интегративната медицина подразбира спој на користење методи од источната и од западната медицина за време на поставувањето дијагноза и на лекувањето.
„Ние ги проучуваме искуството и финесите на источната медицина која е создавана илјадници години и се обидуваме да ги интегрираме во нашите вообичаени методи на лекување“, вели Вјачеслав Половинка. „На воените лекари ќе им биде од корист единствениот електронски учебник и прирачник 'Избрани прашања за источната медицина'. Во него се дава претстава за историјата, за практиката и за основните методи за лекување на болните во источните медицински школи. Нашите прирачници ги систематизираат овие знаења и помагаат вниманието на лекарот да се фокусира на здравјето и на закрепнувањето, а не на болеста и на нејзиното лекување“.
Традиционалната источна медицина почнала да се шири во Русија во втората половина од 19 век. Пјотр Бадмаев, кумашин на императорот Александар Трети, успешно го лекувал со тибетски методи Николај Втори и членовите на неговото семејство. Вториот „бран“ на заинтересираност за слични методи се појавил кон крајот на педесеттите години од минатиот век кога во склоп на размената на искуствата со Кина неколку групи руски лекари биле на стажирање во Кина. Токму тогаш во земјата за првпат се појавил и терминот „рефлексотерапија“ заснован на методите на акупунктура и на палење рани.
Жана Усова, кога го води клубот „Грави јога“ вели дека во Индија и во САД веќе одамна се користи терапијата со јога во армијата. Јогата ги заменува аеробните спортови и тешките физички оптоварувања. Според Усова, јогата дава сила, издржливост, вештина, еластичност и способност за кревање на сопствениот имунитет.
„Примената на терапијата со јога во спој со традиционалните медицински методи како што се физиотерапијата и терапијата со гимнастички вежби во голема мера ја олеснува рехабилитацијата по повреди, за време на закрепнувањето во постоперативниот период и во периодот по мозочен удар“, вели за весникот „Известија“ Анастасија Леонова, која предава хата-јога терапија во Retunsky Yoga Studio. Како важен аспект на терапијата со јога во практиката може да се смета и борбата против стресот, против емоционалните преоптоварувања, како и отстранувањето на нервната и на психичката напрегнатост. Во таа цел се користат специјални видови дишење, јога нидра (или јога спиење) со позитивно самопрограмирање, шавасана (свесно релаксирање) и медитација.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче