Во октомври 2016 година половина од руското вооружување е целосно модернизирано, изјави министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу. Тој истакна дека во согласност со указот на претседателот на Русија 70% од вооружувањето на руската армија ќе биде во целост модернизирано до 2020 година.
Противвоздушниот ракетен систем Бук-М3 е еден од најважните „подароци“ што оваа година го доби руската армија. Според министерот за одбрана на РФ, вооружените сили го добиле првиот дивизион од овие системи.
„Не станува збор само за модернизација на системот на ПВО со кој е вооружена руската армија. Фактички станува збор за сосема нов модел со старите габарити“, вели за „Руска реч на македонски“ Валериј Ермоленко, раководител на информациската служба на концернот „Алмаз Антеј“.
Како што истакна тој, главната одлика на системот Бук-М3 е противвоздушните ракети да можат да се сместат во лансери што ги користат системите С-300. Тоа се специјални контејнери што служат и за транспорт на ракети и за нивно лансирање.
БУК-M3 / Press Photo
Благодарение на новите конструкторски решенија, плотунот на противвоздушните ракети може да биде исфрлен од 12 цилиндрични контејнери дури 20 секунди по запирањето на возилото што го носи овој систем. Новиот систем може да уништува непријателски ракети и авијација на оддалеченост од 70 километри, за разлика од својот претходник чиј дострел изнесуваше 15 километри.
Како што тврди весникот „Росијскаја газета“ системот Бук-М3 може да гаѓа цели на вода и на копно што ги фаќаат радарите, односно може да се користи како тактичко оружје со наведувачки ракети, а не само како одбранбено оружје.
Во изминативе три месеци вооружените сили на РФ добија и низа одбранбени системи:
- два полковски комплета противвоздушни ракетни системи С-400 и шест борбени возила „Панцир-С“;
- Крајбрежни ракетни системи Бал и Бастион за трупите на Западниот воен округ;
- два дивизиони противвоздушни ракетни системи Бук-2
- три интерконтинентални балистички ракети
- 100 крстосувачки ракети од класата Калибар и противракетни системи Оникс за бродовите и за подморниците на Воената морнарица на РФ.
Како што истакна рускиот министер за одбрана, поголемиот дел од модернизацијата која сега пристигнува во армијата Русија ја покажа на почетокот на септември на военотехничкиот форум „Армија 2016“ во Подмосковје.
„Во тие демонстративни прикази претставниците на воените ресори, а исто така и странските и руските експерти, можеа да се уверат во борбените можности на руското оружје“, рече Шојгу.
„Програмата за модернизација и развој на вооружените сили на РФ која чини 22 билиони рубли (343 милијарди американски долари) може во целост да осигури безбедност на земјата кога таа ќе биде реализирана во 2022 година. Сепак, постојат низа проблеми што треба да се решат“, изјави во интервју за „Руска реч на македонски“ поранешниот начелник на Генералштабот на Стартешките ракетни сили на РФ, а сега советник на командантот генерал-полковник Виктор Есин.
Според него, планот за модернизација на военоиндустрискиот сектор во кој се вложени 3 билиони рубли (48 милијарди американски долари) не е исполнет.
„Тоа е резултат на санкциите и на падот на руската економија. Во военоиндустриските претпријатија практично не се реализира процесот на замена на увозната стока со домашни производи“, истакнува Есин.
Како што вели за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор, клучниот проблем е во тоа што Русија во следните неколку години нема да може да обезбеди замена на увозната стока со домашни производи во цела низа клучни правци на производство.
„Едно е да се модернизира претпријатие, а нешто сосема друго е практично од нула да се создаде погон за производство. Руските претпријатија веќе од 2018 година ќе можат да прават мотори за бродови и авиони, какви што Русија увезуваше од други земји. Но, постојат многу електронски системи за овие машини кои нашата земја не може самостојно да ги произведе за кус период“, истакнува нашиот соговорник.
Според заменик-министерот за одбрана на РФ Тимур Иванов, поради кризата е намалено и финансирањето на военоиндустрискиот сектор, со тоа што оваа тенденција може да продолжи и во 2017 година.
„Военоиндустриските претпријатија имаат долгорочни договори за производство на бродови, на ракети и на сателити. Во овој домен нема да има кратење на буџетот. Во услови на криза 'под нож' оди набавката на споредна техника, односно на нови оклопни транспортери, на инженерски маѓини итн.“, вели за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор.
Според Есин не постои сомнеж дека големи средства од буџетот се издвојуваат за одбрана. Но, доколку Русија сака да биде самоуверена и да не живее во неизвесност, тогаш мора да потроши пари за да избегне застој каков што имаше во деведесеттите години од минатиот век и во минатата деценија.
„Одржуваме паритет со Америка во поглед на нуклеарното оружје, но заостануваме кога станува збор за конвенционалното вооружување. Додколку сакаме да избегнеме војна, мораме да го надополниме она што го пропуштивме во деведесеттите години од минатиот век и во минатата деценија“, нагласи Есин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче