Во каква состојба е руската флота?

Руски воени бродови во текот на генералната проба за Денот на воената морнарица во Севастопол, Крим.

Руски воени бродови во текот на генералната проба за Денот на воената морнарица во Севастопол, Крим.

Reuters
Во Русија е започната голема модернизација на воената морнарица по 20 години застој поради распадот на Советскиот Сојуз. Но, сè уште постојат низа проблеми што треба да се решат.

Воената морнарица на Русија од октомври 2015 година учествува во борбените дејствија против припадниците на Исламска држава во Сирија. Денес борбата против тероризмот е една од приоритетните насоки на дејствување на руската флота. Огромни средства се издвојуваат за нови бродови за нови воено-поморски бази и за потребната инфраструктура.

Нови бродови и подморници

Во периодот од 2011 до 2022 година Русија предвиде трошоци во висина од 5 билиони рубли (78 милијарди американски долари) за изградба на нови воени бродови и подморници.

Моментално се работи на серија од шест фрегати од проектот 11356 како што е „Адмирал Григорович. Командата на воената морнарица се подготвува да ги преземе веќе третиот по ред брод од овој проект.

Военоиндустриските претпријатија ја завршија изградбата на шест дизел-електрични подморници од проектот 636.3 „Варшавјанка“ за Црноморската флота. Подморниците ќе бидат вооружени со најнови крстосувачки ракети „Калибар-ПЛ“ чиј дострел изнесува 2.500 километри.

„Можностите на новите подморници за првпат беа демонстрирани кон крајот на минатата година кога од подморницата 'Ростов на Дон' со ракетите Калибар беа уништени објекти на терористите во Сирија“, изјавува за „Руска реч на македонски“ Игор Касатонов, поранешен заменик на командата на воената морнарица и некогашен командант на Црноморската флота.

Според него, военоиндустриските претпријатија до 2020 година дополнително ќе направат шест исти такви подморници за Тихоокеанската флота.

„Сега е, исто така, во тек изградбата на серија стратешки ракетоносни подморници од проектот 955 Бореј“м додава Касатонов. Како што изјавува тој, морнарицата веќе користи три подморници од овој тип, а до 2020 година ќе добие уште пет.

Модернизација на воено-поморските бази

Најголем напор и средства Министерството за одбрана сега вложува во модернизација на воено-поморските бази за подморници на рускиот Далечен Исток, во градовите Виључинск во Камчатскиот крај (6.675 километри источно од Москва) и во Новоросијск на брегот на Црно Море (1.510 километри јужно од Москва). Четири подморници од проектот 955 од типот Бореј ќе заминат на камчатската база, а уште четири на пристаништата на Северната флота. Во Новоросијск на црноморското приморје веќе сега се во функција три дизел подморници од проектот 636.6 од типот Варшавјанка со крстосувачки ракети Калибар, а во следните три години оваа база ќе ги добие и останатите три подморници од овој тип, со што ќе биде завршена изградбата на целосната инфраструктура.

Според експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ во новиот проект се земени предвид грешките на Советскиот Сојуз од крајот на седумдесеттите и од почетокот на осумдесеттите години од минатиот век, кога во експлоатација се пуштени големи носачи на авиони кои воедно се и крстосувачи (станува збор за бродовите од проектот 1143 од типот Кречет), но воено-поморската база немаше никаква инфраструктура, така што бродовите цело време мораа да бодат укотвени пред пристаништето и да бидат користат дизел мотори за производство на електрична енергија, поради што работниот век им беше покус одошто беше предвидено. Сега за секој брод и за секоја подморница се создава цела мрежа на крајбрежна инфраструктура.

Какви бродови ѝ недостасуваат на морнарицата?

„На руската воена морнарица денес ѝ се крајно неопходни големи носачи на хеликоптери, зашто тие вршат испорака на воен товар и авијатички контингент на подрачјето каде се изведуваат борбени операции. Во овој момент тоа е подрачјето на Сирија“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Според него, еден таков носач на хеликоптери може да замени цела воздухопловна база како што е Хмејмим.

„Во Русија сега е подготвен проект за голем десантен носач на хеликоптери од типот Прибој. Неговата изградба започнува во 2025 година заедно со нуклеарниот разорувач од типот Лидер и најмодерниот носач на авиони од типот Шторм, чиј проект беше презентиран кон средината на 2015 година“, објаснува воениот аналитичар.

Како што наведуваат експертите, Русија денес има само една воена база надвор од територијата на Источниот блок, а таа е во Сирија.

„Русија нема намера да се натпреварува со Американците во бројот на бродови и на бази, и за присуството во Светскиот океан“, додава Сафонов. ОД друга страна, според него, новите носачи на авиони и хеликоптери ќе ѝ овозможат на Москва да ја проектира својата сила на сите точки на планетава, како што тоа го прави Вашингтон.

Моментални проблеми

Еден од клучните проблеми на руската воена морнарица денес е недостаток на мотори и резервни делови кои претходно ги обезбедуваа украинските претпријатија.

Меѓу најголемите „пропаднати“ зделки спаѓа спогодбата со претпријатието „Зорја-Машпроект“ од украинскиот град Николаев за испорака на шест гасни турбини за патролниот брод од проектот 11356.

„Пред почетокот на кризата во односите со Украина, Русија доби само три од шесте мотори. Така дојде до застој во завршувањето на изградбата на три брода од проектот 11356, и оваа ситуација ќе остане неизменета сè до 2018 година, односно додека Русија не го започне својот проект за производство на вакви мотори“, изјавува за „Руска реч на македонски“ Виктор Мураховски, главен уредник на списанието „Арсенал Отечества“.

Според него, едно од акутните прашања у понатаму останува ремонтот на бродовите од „советското наследство“ и нивна модернизација. „Имаме голем број ракетни крстосувачи и торпедни разорувачи уште од советскиот период“, вели тој. Определен број од овие бродови повеќе не се за борбени задачи, но тие сè уште не се повлечени од морнарицата.

Споменатите бродови можат да се ремонтираат, но за тоа е потребно да се изградат нови бродоградилишта и да се прошират старите. Овие проекти изискуваат големи финансиски вложувања, а тоа е сериозна, постапна долгогодишна работа, додава Мураховски.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња