Русија и САД го чистат радиоактивниот Антарктик

atomic-energy.ru
Русија и САД во рамките на заедничката соработка ги изнесоа од Антарктикот приборите со радиоактивни елементи. Тие можеа да станат лесен плен за терористите и можеа да бидат искористени за таканаречена „валкана бомба“.

Русија и САД го исчистија Антарктикот од радиоизотопни термоелектрични генератори (РИТЕГ), изјави за новинската агенција ТАСС Валериј Лукин, прв човек на Руската антарктичка експедиција, заменик-директор на Арктичкиот и Антарктичкиот научно-истражувачки институт. Како гориво во РИТЕГ се користат радиоактивни елементи на стронциум и на плутониум.

РИТЕГ на Антарктикот се употребуваа како извор на енергија за радиолокаторите и за метеоролошките станици. Тие претставуваат своевидни миниатомски реактори и се користат во услови кога е невозможна испорака на гориво за бензинските или за дизел-генераторите.

Имајќи го предвид долгиот рок на нивното радиоактивно распаѓање, РИТЕГ кои се оставени на некои зафрлени места, претставуваат еколошка опасност. Освен тоа, тие лесно можат да станат плен на терористите или на трагачите по обоени метали (вакви случаи имало, но не на Антарктикот), изјави Лукин.

На копното на Антарктикот според податоците од 2013 година од времето на претходните советски антарктички експедиции имало останато четири РИТЕГ од типот Бета. Ова се податоци од Меѓународната агенција за атомска енергија. Имено нивното изнесување и нивната утилизација беа една од целите на постојаната Руска антарктичка експедиција.

Програмата на Конгресот на САД „Заедничко намалување на заканите“ која е во функција од 1991 година, исто така, ги предвидува РИТЕГ како закана од распространување радиоактивни материјали кои можат да бидат искористени за создавање „валкани бомби“ (радиолошко оружје кое распрснува радиоактивна материја за сметка на ударен бран). Целта на програмата е потрага по овие уреди и нивен транспорт со цел тие да бидат уништени. Во врска со тоа Одделот за енергетика на САД склучи договор со Арктичкиот и Антарктичкиот научно-истражувачки институт при Федералната служба за хидрометеорологија и мониторинг на природната средина на Русија за отстранување на радиоактивните направи од Антарктикот.

Според Валериј Лукин, чистењето на Антарктикот од радиоактивната опрема „претставува прекрасен пример за тоа дека без оглед на сериозните противречности, нашите земји (Русија и САД – заб. ред.) можат ефикасно и мошне рационално да соработуваат меѓу себе“.

Лукин вели дека за изнесување на радиоактивни извори од Антарктикот беше повторно опремен еден од каргопросторите на научно-експедицискиот брод на Руската антарктичка експедиција „Академик Фјодоров“. За да се однесе РИТЕГ на утилизација властите на Русија и на САД го усогласија укотвувањето на бродот на пристаништата во Германија и во Аргентина. Според Лукин, особено сложено било усогласувањето со Германија, чии закони во целост забрануваат користење на радиоактивни материјали во земјата, дури и при краткотрајно довезување.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња