Руските научници Дмитриј Федјанин и Јуриј Стебунов создадоа нов сензор. Тој овозможува во домашни услови да се открие рак и да се дијагностицираат болести како што се ХИВ, хепатитис и херпес. Во голем дел од случаите сензорот може да го утврди проблемот многу пред појавата на симптомите и тоа со само една молекула. Според меѓународниот рејтинг на научните публикации Мaterials Today, статијата на научниците за овој изум во „Scientific Reports“ влегува во десетте најдобри за 2015 година
При ниски концентрации на материите, на пример во раната фаза на болеста или при слабо загадување на воздухот, можат да бидат апсорбиран само една-две молекули. „За да бидат откриени толку мали модификации, ние користиме наномеханичка шема со многу висока чувствителност“, објаснува за „Руска реч“ раководителот на проектот Дмитриј Федјанин. Според него, благодарение на тоа болеста може да биде откриена дури и ако врз сензорот падне само една молекула.
Пред да се појави разработката на руските научници, практично сите технологии што ја мерат тежината на една молекула работеа само во услови на ниски температури и вакуум. Во нормална средина нивната чувствителност паѓаше. Се предвидува дека изумот на Федјанин и Стебунов ќе работи на собна температура и нормален притисок.
Принципите на нанофотониката, врз основа на кои работи сензорот, го прават мал и лесен за употреба. Сето ова ќе овозможи сензорот да се користи надвор од специјално опремени лаборатории.
Научниците се убедени дека појавата на минилаборатории за пошироката јавност е само прашање на време. „Во моментов сме во фаза на изработка и оптимизација на понудата за шемата. Нашиот сензор е значително поедноставен од другите нано- и микромеханички шеми. Тој е направен со најобична технологија на современата електроника, според која се произведуваат практично сите современи интегрални кола“, вели Федянин.
Андреј Гаража, соработник во најголемата онкохематолошка клиника во Русија ФНКЦ „Дмитриј Рогачов“, откако се запозна со изумот, за „Руска реч“ уверено изјави: Иднината е во домашните минилаборатории. Научникот смета дека по околу 10 години секој што ќе сака ќе може да стави таков сензор на својот смартфон и да ги следи промените во сопствениот организам и во животната средина.
„Клиничките испитувања на новиот сензор допрва претстојат, ќе бидат потребни стотици апробации и илјадници тестови. Тешко дека тој ќе се појави во ординациите на терапевтите, лекарите им веруваат на своите лабораториски методи и повторно добиваат некаков процент лажно позитивни или лажно негативни резултати. Наместо тоа, овој сензор ќе направи револуција во ‘домедицинската’ фаза, при што човекот уште не знае дека е болен и дека му се потребни испитувања. Дури и да биде ставен во забавен центар како атракција, тој ќе му покаже на човекот одредени резултати, кои нема да бидат доволни за да се постави дијагноза, но можат да го натераат да отиде на лекар“, вели Гаража.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче