Извор: NASA
Можно е во најскоро време Русија да ја смени одлуката за напуштање на проектот МВС во 2020 година и да продолжи со користење на станицата до 2024 година, како што претходно предлагаа САД. Сега ова прашање се разгледува, изјави во интервјуто за „Росијскаја газета“ заменик-раководителот на Роскосмос Сергеј Савељев. Според него, Русија може да изгради сопствена орбитална станица во партнерство со Кина. Меѓутоа, роковите за реализација на проектот ќе зависат од одлуката за МВС.
Има ли конечна одлука за тоа дали Русија ќе ја користи МВС по 2020 година?
Сергеј Савељев: Роскосмос работи на проучување на прашањето за практичноста на продолжување на учеството на Русија во програмата МВС. Ние благовремено официјално ќе ги информираме партнерите за донесената одлука. Засега единствената земја која официјално ја соопшти својата одлука да продоли со користењето на станицата до 2024 година е САД. Очекуваме останатите партнери да ја соопштат својата позиција во 2015 година. Сакам да истакнам: сите се заинтересирани за зголемување на научниот аутпут и ефективноста на своето учество во МВС. Вложени се големи пари, големи ресурси. Сепак ние треба не само да го дефинираме учеството во програмата МВС, туку и во која насока воопшто ќе се развива руската астронаутика за вселенски летови со екипаж.
Извор: Press Photo. |
Кои се најважните проекти кои Русија ги има денес со САД?
Сергеј Савељев: Најважната работа со американските партнери е, се разбира, МВС. Потоа доаѓа испораката на мотори. Еден од важните меѓународни проекти е „Спектар-РГ“. Тоа е меѓународна орбитална астрофизичка опсерваторија, која треба да ја проучува вселената во гама- и рендген дијапазон. Наш главен странски партнер во ова е Германија: на вселенското летало се планира да се користат два телескопа – германски и руски.
Една од најдискутираните теми е дали Русија ќе гради нова орбитална станица. Доколку гради, тогаш со кого? Се разгледува ли таква можност, на пример, со Кина?
Сергеј Савељев: Во принцип, постои можност за изградба на нова руска орбитална станица. Притоа овој проект може да биде реализиран и со меѓународна соработка. Меѓу другото – со Кина. Меѓутоа, ни во тековната, ниту во проектот на идната федерална вселенска програма таква тема не постои. Нејзината реализација може да биде координирана со роковите за користење на МВС.
За кои реални заеднички проекти со Кина може да се зборува во астронаутиката за вселенски летови со екипаж, освојувањето на Месечината и Марс, далечната вселена?
Сергеј Савељев: Најреална во блиска иднина е соработката во заедничките руско-кинески експерименти на палубата од рускиот сегмент на МВС. Понатаму може да се зборува за вршење експерименти на палубата на слободно летечките беспилотни модули ОКА-Т. Ова е повеќенаменска вселенска лабораторија за вршење микрогравитациски и применети технолошки и биотехнолошки истражувања. Таа ќе работи во орбитата автономно, одвреме-навреме ќе се спојува со МВС или со друга нискоорбитална станица. Една од основните задачи на автономните летови се експерименти при апсолутен вакуум и најмали можни микрозабрзувања.
Се разгледува ли можноста за слетување на кинески вселенски брод на МВС?
Сергеј Савељев: Таквата можност изгледа крајно малку веројатна. Дури и ако се добие согласност од сите земји-учеснички во програмата МВС, сепак ќе остане голем број на технички прашања поврзани како со финализација на вселенскиот брод „Шенгжу“, така и со употребата на нестандардната за Кинезите повисока инклинација на орбитата на МВС. Кинеските партнери градат своја национална станица и веќе го наведоа рокот за нејзина изградба – 2020 година.
Ние планираме да ја исполниме со проекти од поголем размер руско-кинеската програма за соработка во сферата на вселената. На пример, за истражување на Венера и другите блиски планети од сончевиот систем. Кинеските партнери пројавуваат интерес за таа тематика.
Во скоро време Русија и Кина можат да започнат соработка во развивањето на навигациските сателитски системи ГЛОНАСС и „Бајду“. Кои се потешкотиите и особеностите тука?
Сергеј Савељев: И во двете земји овие системи се со двојна намена. Соодветно на тоа, синергијата меѓу нив не треба да ѝ нанесува штета на националната безбедност на двете земји. Покрај тоа, идеологијата за изградба на нашите системи има определени разлики. Затоа е важно да се дојде до комплементарност и компатибилност без загуба во квалитетот на веќе постојниот или планираниот оператор и на услугите.
Во кој стадиум се наоѓа руско-европскиот проект „ЕгзоМарс“?
Сергеј Савељев: Работата на „ЕгзоМарс“ оди со полна брзина. Во 2016 година ќе биде лансирано орбитално летало за Марс чија главна цел ќе биде истражување на атмосферата на планетата. Освен тоа, тоа ќе служи за размена на податоци со теренското возило. Исто така, на Марс ќе слета апаратот за слетување кој ќе тестира меко слетување. Главниот дел од програмата е предвиден за 2018 година, кога на Црвената планета ќе се истовари теренско возило со опрема за истражување во која ќе има и руска.
За меѓупланетарната станица која треба да старува во 2016 година, веќе се врши составување на модулите за летање и показно слетување, како и на опремата за истражување. За меѓупланетарната станица 2018 година практично е завршен техничкиот елаборат на нејзиниот облик, почнати се практичните работи за изградба на одделни единици и агрегати. Двете етапи на проектот „ЕгзоМарс“ ќе бидат реализирани со помош на руската ракета-носител „Протон-М“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче