Извор: РИА Новости
Најјужната руска воена флота, Црноморската, официјално е дополнета со првата од серијата дизел-електрични подводници од проектот 636.3 „Варшавјанка“. Откако беше спуштена во вода есента минатата година, подморницата, која го носи името на градот-херој Новоросијск, ќе остане базирана на тоа место.
Подморниците од проектот 636.3 можат да одат на длабочина од 300 метри, да се движат со брзина од 20 јазли и да вршат походи со должина од 7.500 морски милји. Во вооружувањето имаат шест апарати со торпеда со калибар од 533 милиметри, мини и ударни ракети од комплексот „Калибар“.
Првата подморница, која во странство ја нарекуваат „црна дупка“ поради нејзината невидливост и нечујност, е вклучена во составот на Црноморската флота. Сепак пред подморницата да го земе својот курс кон Црно море, неа ја чека друг поход – кон Северната флота, каде ќе ја мине последната етапа од државните тестирања. Екипажот на „Новоросијск“ ќе изврши ракетни стрелби од високопрецизниот комплекс со голема далечина „Калибар“. Доколку со лансирањето нема никакви проблеми и ако вооружувањето ја потврди својата висока ефективност и сигурност, тогаш до крајот на годинава подморницата ќе замине на местото на постојаното базирање, градот Новоросијск.
Познато е дека за Црноморската флота е решено да биде формирана бригада подморници во состав на два дивизиона. На почетокот, уште пред враќањето на Крим во составот на Руската Федерација, основните оддели на бригадата сакаа да ги постават во Новоросијск. Сега флотската команда има можност за дислокациски маневар, па може да ги постави подморниците и во Севастопољ.
Познато е каква техника ќе биде поставена во вооружувањето на новата бригада. За ова претходно зборуваше главниот командант на Воено-морската флота Виктор Чирков. Според него, до 2016 година подводните сили на Црноморската флота ќе добијат шест современи дизел-подморници, кои се градат во „Адмиралското бродоградилиште“.
„Планираме подморниците од проектот 636 да бидат една целост која ќе биде во постојана готовност, со што ќе ѝ се овозможи на Црноморската флота да решава широк круг задачи во својата оперативна зона на одговорност“, вели адмиралот.
Сега се одвиваат други тестирања на една друга подморница од истиот проект – „Ростов на Дон“. Кон крајот на август во вода беше спуштен „Стари Оскол“, додека шест месеци претходно во Санкт Петербург беше поставена четвртата подморница за Црноморската флота – „Краснодар“. На крајот, во октомври се планира да се започне со изградба на подморниците „Колпино“ и „Велики Новгород“.
Зошто адмиралите при изборот на новиот арсенал за Црноморската флота се решија токму за овие подморници? Постојат неколку причини. Пред сè, со меѓународните спогодби е забрането на ова место да бидат стационирани помоќни атомски подморници на Русија. Згора на тоа нема смисла да се држат атомски подморници во море кое нема директен излез во океан.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче