Започна ли новата Студена војна?

Getty Images
Основната сличност меѓу Студената војна и современиот свет се состои во тоа што геополитичката ситуација е преплавена со локални конфликти. Но, за да бидат тие успешно решени, на Русија и на западните земји ќе им се наложи да заборават на правилата на студената војна.

„Изјавите на политичарите и високите воени лица стануваат воинствени, доктрините добиваат сè поцврсти формулации ... се набљудуваат сите знаци на една студена војна“.

Последниот лидер на СССР Михаил Горбачов, кој веќе неколку пати предупредуваше за почетокот на нова студена војна, го направи тоа уште еднаш. „Во одреден момент овој концепт стана 'Волци! Волци!' од познатата детска приказна“, пишува политикологот Фјодор Лукјанов за бескрајните аналогии со ликот на студената војна. Политикологот сепак прави важно објаснување: „Но, овој пат претседателот на СССР има право“.

Реториката на претставниците на Русија и на САД навистина стана невоздржана, а лидерите зборуваат за губење на доверба еден кон друг. И иако експертите навистина откриваат неутешителни паралели, многумина тврдат дека во моментов ситуацијата е уште понестабилна, отколку во времето на Студената војна.

Нова студена војна?

Основната сличност меѓу старата Студена војна и она што се забележува деновиве, се состои во заострувањето на геополитичката ситуација во светот и во зголемувањето на тензиите во форма на конфликти во различни точки на светот, пред сè во Сирија и во Украина.

Но, дури и во ситуација во која недовербата помеѓу Русија и САД расте, отсуството на идеолошко противење не им дозволува на експертите да зборуваат сериозно за почеток на нова студена војна.

„Големата разлика се состои во тоа што тогаш двата света беа, грубо кажано, изолирани еден од друг, додека во моментов ние <...> во голема мера усвоивме заеднички светоглед“, вели за „Руска реч на македонски“ Марк Галеоти, виш истражувач на Институтот за меѓународни односи во Прага.

Според експертот денес не може да станува збор за почеток на нова студена војна, независно од многубројните признаци кои може предвреме да бидат толкувани како предвесници на повторно глобално спротивставување.

Но, тоа не е единствената карактеристика помеѓу новото време и она што Русите и Американците го доживеаја во втората половина на дваесеттиот век. „Русија и САД и до ден денешен се најголемите нуклеарни држави во светот, но улогата на воената сила отиде на заден план во последниве три децении“, изјави за „Руска реч на македонски“ Борис Стремлин, професор по меѓународни односи кој ја проучува историјата на Студената војна.

„Општото ниво на силите на двете земји веќе е неизмерливо, но уште поважно е дека во современиот меѓународен систем делуваат многу играчи кои ниту САД, ниту Русија, можат ефикасно да ги дисциплинираат“, вели Стремлин.

Со други зборови, Русија и САД не можат ефикасно да ги решаваат меѓународните проблеми во двострани поредок - мора да привлекуваат и други играчи со глобално или регионално влијание. Добата на одлуките прифатени како резултат на преговори тет-а-тет, заврши со распадот на СССР, а ефикасното решавање на кризни ситуации во наши денови бара привлекување на поголем број заинтересирани страни. Експертите се на мислење дека токму оваа специфика донесува во нашата сегашност толкава непредвидливост и ризик што луѓето несвесно се свртуваат кон времето на Студената војна како кон своевиден стожер.

Назад во иднината

„Иронијата во оваа ситуација е дека иако Западот се врати кон користењето на стереотипите од времето на Студената војна за прикажување на Русија како закана, самиот концепт за студена војна претставува палијативна алатка за откривање на точка на ротација во свет кој изгледа значително повеќе збунет и тежок за разбирање“, вели за „Руска реч на македонски“ Антон Федјашин, директор на Институтот за руска култура и историја при Американскиот универзитет во Вашингтон.

Во современиот свет, во кој над сите без исклучок е надвисната заканата од тероризам „биполарниот свет на Студената војна се перципира како период на релативна стабилност во кој непријателот беше познат и достапен по пат на дипломатија“, вели Федјашин. „Денешните конфликти се значително помалку ограничени во нивната можност за развој“.

Независно од агресивната реторика, во времето на Студената војна САД и СССР се согласуваа во врска со тоа како колективно да биде управуван светот, смета Борис Стремлин. „Главната причина деновиве конфликтот [помеѓу САД и Русија] да се продолжи се состои во тоа што никој не знае како светот да се управува во иднина и тоа предизвикува тензии“.

Едно од најактуелните прашања во оваа ситуација е дали на современите лидери на Запад и во Русија ќе им се наложи да се доживее аналог на Карипската криза, за да успеат да изградат нов систем за одвраќање на кризните ситуации и - зошто да не - систем за соработка , додава Лукјанов. Но, додека научниците зборуваат за потребата од соработка, политичарите, изгледа, продолжуваат да си играат Студена војна 2.0.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња