„Не знам кој имаше очекувања“: каде отидоа политичките протести?

Илија Питалев / РИА Новости
Во Москва се одржа најголемиот протест на опозицијата во последнава година – „Маршот на Немцов“. Но, според оценките на учесниците и на набљудувачите протесниот потенцијал денес замина на другата страна.

Либералната несистемска опозиција ја одржа својата прва масовна акција годинава – „Маршот на Немцов“ во чест на поранешниот вицепремиер на РФ Борис Немцов кој беше убиен пред две години. Маршот се одржа во центарот на Москва на 26 февруари и на него учествуваа околѕ 15000 илјади луѓе, што се покажа како помала бројка во однос на минатите години (24 илјади во 2016 и од 50 до 70 илјади луѓе во 2015 година*).

Овие демонстрации се веројатно единствената постојана акција на опозицијата, а во последниве две години по убиството на Немцов, ќе останат запаметени по минималниот број големи протести. Се чини дека никој во перспектива не смета на поранешната политичка активност. Дури ни лидерите. „Лутите граѓани“ кои во 2011 и во 2012 година на Болотниот плоштад и на авенијата Сахаров бараа промени, си заминаа од улиците и засега немаат намера да се враќаат на нив. Меморијалниот марш засега е единствениот исклучок.

Протести во кујната

„Тогаш луѓето беа незадоволни поради одземањето политички права. И тоа не беа сиромашни луѓе, тие имаа што да јадат. Но, за нив беше важно да се има можност да се избере своја власт“, вели во разговор со „Руска реч на македонски“ Дмитриј Степанов.

РојтерсРојтерс

Сега тој има 37 години, работи како специјалист за продажба на ИТ-уреди. Тој е еден од оние кои први излегоа на улиците по изборите во 2011 година со барање тие да бидат прогласени за нечесни и да им се врати на граѓаните гласот. Тој се сеќава како нагло, речиси мистично кај некои се случил тектонски слом на претставите во главите – од состојба на „демократски права полека се вртат, но сепак постојат“ до „политички права нема“.

А, потоа се случи она што се случи – луѓето тргнаа, но оние што ги водеа не можеа да предложат јасна стратегија. „И ние ја изгубивме таа борба. Сега постојано на улиците на Москва излегуваат околу 300 луѓе. Во цела Русија се 1.500-2.000. Останатите десетици и стотици илјади го чекаат развојот на ситуацијата, зашто засега не сфаќаат зошто треба да се излезе и што ќе даде тоа“, смета тој. Самиот Дмитриј, впрочем, сè уште излегува на протести. Тој е дел од оние 300 луѓе кои продолжуваат да ја застапуваат својата линија. „И само на легални протести“, додава тој.

Во извесна мера неговите зборови се поклопуваат со она што го зборуваат опозициските лидери. Денес разочараноста е основна емоција, смета поранешниот пратеник во Државната дума, опозиционерот Дмитриј Гудков, а целото протесно расположение се пресели во кујната. „Проблемот е во формата на протестите. Тој протест беше емоционален, тоа секогаш е маркантно. А, сега, тоа се претвори во рутина“, вели тој во интервју за „Руска реч на македонски“.

Илија Питалев / РИА НовостиИлија Питалев / РИА Новости

„Луѓето не се многу подготвени да излегуваат за политички пароли. При што, тоа не поради тоа што тие повеќе не веруваат во промени. Многумина се плашат – имаше процес за Болотниот случај, кривични дела за објави на социјалните мрежи. Тоа создава атмосфера на страв, обичниот човек стопати ќе помисли пред да излезе на протест и да се подвргне себеси на ризик“, вели за „Руска реч на македонски“ Иљја Јашин. Државата во врска со ова веќе одамна ја има формирано и кажано позицијата: законот си е закон и тој е за сите; организирањето масовни нереди и применување насилство кон полицијата е забрането. „Државата не треба да биде сурова но треба да внимава сите да се придржуваат кон определени правила. Инаку... можеме да се судриме со проблеми како во 17 година“, вели претседателот на РФ, имајќи ја предвид револуцијата од 1917 година.

Во целина, со исклучок на мислењето за целосен застој, погледите за протесниот потенција кај оние што ги водат луѓето и кај самите луѓе се различни. Она што денес го предлага опозицијата едноставно не функционира.

„Опозицијата не може да се обедини“

„Иднината на политичкиот протест е во социјално-економската база“, смета директорот на Центарот за политиколошки истражувања на Финансискиот универзитет при владата на РФ Павел Саким, а денес никој речиси не знае да го пренесе социјално-економското незадоволство во политички контекст.

„Најголемиот протестен потенцијал се крие во социјалната сфера, тој е поврзан со паѓањето на нивото на животот и тоа на многумина им е очигледно. Притоа ова се однесува најмногу на сиромашните луѓе. Тоа се гледа по статистиката на продажбата на автомобили: сериозно падна продажбата на економската класа, а кај луксузната си остана иста. Згора на тоа, на нерешените социјални проблеми се натрупуваат нови, како што се платниот паркинг (во Москва изнесува 3.2 американски долари за час; 57% од московјаните на анкетата на „Левада-центар“ го поддржуваат платното паркирање во центарот на градот – заб. ред.)“, вели во разговор со „Руска реч на македонски“ Сергеј Марков, генерален директор на Институтот за политички истражувања кој е близок до Кремљ.

Сепак, според него, овој потенцијал сега е замрзнат: во услови на криза во односите помеѓу Русија и Западот мнозинството граѓани сметаат дека протестите против својата влада не се некако патриотски чин. Втората причина е во тоа што опозицијата се дискредитираше себеси со својот однос кон украинската криза. „Може да се имаат различни погледи за Крим, но отворената поддршка на русофобниот режим, секако, им прави голема штета“, претпоставува Марков.

Лидерите на опозицијата често зборуваат за нерамноправност во условите – тие губат во пристапот до медиумските ресурси, речиси и не располагаат со административен. „Тоа е како трка, само што јас ги истрчувам сите 400 метри, а претставниците на власта последните 100 метри. Само што се затрчуваме во исто време, а јас имам патека со пречки“, објаснува Гудков.

Но, оние што продолжуваат да одат на митинзи, коренот на проблемот го гледаат во нешто друго. „Не знам кој очекуваше дека смртта на Немцов ќе нè сплоти. Опозицијата не може да се обедини поради отсуство на заедничка цел – да се дојде до големи промени во Русија. Да не се исчезне од политичката карта, да се поддржи сопственото постоење – тие се занимаваат со овие задачи“, смета Степанов.

* Податоците за 2016 година се дадени од страна на општественото движење „Бели счотчик“; за 2015 од организаторите на маршот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња