Зошто Русија војува во Сирија?

23 јануари 2017 Олег Егоров
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Денес зборуваме за тоа зошто Русија учествува во војната во Сирија.
What Russia is doing in Syria
Извор: Варвара Гранкова

Русија спроведува операција во Сирија од 30 септември 2015 година. Воздушно-космичките сили ги ракетираат локациите на терористите од ИДИЛ и од други терористички организации кои им се спротивставуваат на властите. Земјите од Западот ја обвинуваат Москва дека го штити Башар ал Асад и дека таа не војува против терористите, ами против опозицијата, а дека нејзините дејствија предизвикуваат смрт кај цивилите.

Руските официјални лица, како и секогаш, ги отфрлаат овие обвинувања, нагласувајќи дека токму Русија се бори против терористите како што треба и дека нејзината борба е ефикасна, за разлика од онаа на западната коалиција. Но, зошто Русија која нема заедничка граница со Сирија воопшто испрати свои сили да војуваат во оваа блискоисточна земја?

Спротивставување на терористите подалеку од својата територија

Официјално објаснување даде претседателот Путин на денот на почетокот на бомбардирањата, на 30 септември 2015 година. Тој рече дека илјадници вооружени исламисти кои војуваат во Сирија ќе „дојдат и во Русија“ преку Централна Азија и Северниот Кавказ доколку не бидат запрени дури се сè уште далеку.

Владимир Ахмедов, постар научен соработник на Институтот за ориенталистика при Руската академија на науките, истакнува дека ваква опасност навистина постоела и дека и понатаму постои. „Имарт Кавказ (терористичка организација на Северен Кавказ) се заколна во верноста на ИДИЛ (во јуни 2015 година), а во редовите на ИДИЛ до 2015 година војуваа неколку илјади лица кои таму заминале од Русија“, вели Ахмедов за „Руска реч на македонски“.

Покрај тоа, на ИДИЛ ѝ се приклучија многу државјани од земјите од Централна Азија со кои Русија има безвизен режим. Самите терористи се непријателски расположени кон Русија. ИДИЛ есента 2015 година објави видеоснимка под наслов „Наскоро“ каде на чист руски јазик на „руските неверници“ им се најавува „море од крв“.

Прашање на престиж

Втора причина за мешањето во сириската војна е Русија да го врати статусот на светска сила која влијае на глобалната политика, смета Евгениј Сатановски, директот на Институтот за Блискиот Исток. „(Дејствијата на Русија) ѝ овозможија да го 'обели образот' кој ѝ беше извалкан во постсоветскиот период (кога Русија го загуби влијанието што Советскиот Сојуз го имаше во регионот). На Блискиот Исток луѓето ги почитуваат само силните и самостојните“, напиша Сатановски набргу по почетокот на операцијата.

Освен тоа, вмешувањето на Русија во сирискиот конфликт го натера Западот да ја гледа земјата од нов агол, со неа да воспостави дијалог, кој беше прекинат по припојувањето на Крим. „Секако активното вмешување во еден од најголемите меѓународни конфликти на денешнината, кој во голема мера ја дефинира политичката ситуација, го крева угледот на земјата на меѓународната политичка сцена“, истакнува во интервју за „Руска реч на македонски“ политикологот Фјодор Лукјанов, главен уредник на списанието „Русија во глобалната политика“. Тежнеењето да се активира дијалогот со Западот не беше единствена, но беше важна цел на сириската операција на Русија, смета Лукјанов.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.