Реакцијата на трагедијата со рускиот воен авион Ту-154, кој се урна утрото на 25 декември над Црното Море, во Русија и во светот не покажа заедничко сочувство. На овој ден, заедно со зборовите за поддршка, беа слушнати и многу непријатни, навредливи коментари на адреса на загинатите, од кои поголем дел се уметници од ансамблот за песни и танци „А.В. Александров“ на Министерството за одбрана на Русија.
„Во последниве години нивните настапи ги нарекува Распеано оружје на Кремљ. Така и беше. Да, тие пееја со еполети, ја извршуваа својата должност и не можеа да одбиваат ако ги испратат некаде на настап“, изјави пред „Домот на Александров“ (така викаат зградата во која работеа поголемиот дел од загинатите) шефот на Одделот за култура на Москва Александар Кибовски. Но, кој знае зошто фактот што овој ансамбл беше воен, за некои делови од општеството стана критично важно во изборот на изразните средства.
Во авионот се наоѓаа 92 лица - меѓу нив 68 уметници - главниот дел од ансамблот, девет новинари на државните телевизиски канали „Прв“, НТВ и „Звезда“, како и шефот на добротворниот фонд „Праведна помош“ Елизавета Глинка (позната во руското општество како Доктор Лиза), која ги спасуваше децата во зоните на борбени дејства, која отвораше болници за бездомниците низ земјата. Уметниците патуваа на новогодишен концерт во сирискиот град Алепо, а Доктор Лиза во авиобазата Хмејмим, за да достави лекови во универзитетската болница во Латакија.
„Не можам да поверувам (((И плачам цело време“, напиша на Фејсбук новинарката на Комерсант Ана Занина "#Сочувство Ту-154 леташе за да им ја честита на нашите војници во Сирија Новата година. Тоа е страшно, пријатели!“, напиша корисничката Ксенија Бугаева.
Од утрото во неделата пред зградата на „Праведна помош“ во Москва и на „Домот на Александров“ луѓето носат цвеќиња, а пред влезовите стојат две амбулантни возила, комуналните служби брзо го чистат дворот од сивиот снег. Некои ги познаваа загинатите, но многумина дојдоа да им оддадат почит на непознати за нив луѓе, на кои човечки им е жал.
„Доктор Лиза помагаше на милиони луѓе во светот, независно од бојата на нивната кожа и верската припадност, секојдневно даваше надеж за чудо. Денес, дознаваме за трагедијата со Ту-154, сите се надевавме на чудо. За жал...“, напишаа дента.
26 декември во Русија беше прогласен за ден на жалост, од етерот на државните телевизиски канали беа симнати забавните програми. Со името на Елизавета Глинка ќе биде именувана детска болница во Чеченија и палијативни центри низ целата земја.
По катастрофата на социјалните мрежи почнаа да се појавуваат коментари на Украинците и на украинските медиуми. „Исмејување“ и „радост“ од смртта - така ја нарекоа оваа реакција на Украинците руските изданија. Веста за загинувањето на сите кои биле во овој авион, беше придружена со коментари од типот „каква прекрасна вест“, „концерт на денот“ и слични несоодветни саркастична фрази.
„Жртвите никогаш не тагуваат за загубите на војниците на агресор. Жртвите, ако не се надвор од умот, не можат да предизвикаат искрено сочувство за падот на авионот на Министерството за одбрана на непријателот... Русите, изненадени од реакцијата на Украинците, сигурно заборавиле на Крим и на Донбас“, напиша Украинецот Ајдер Муждабаев, кој е заменик на генералниот директор на ТВ каналот AT.
Советникот на претседателот на Украина Јуриј Бирјуков, по падот на авионот, предложи да однесе пред амбасадата на Русија „шише Бојаришник“ - козметичко средство кое содржи алкохол со кое се неодамна во сибирскиот град Иркутск се затруа и за неколку дена починаа повеќе од 70 лица. „Ова е најпарадоксален парадокс - жителите на соседската орда искрено не ги разбираат причините поради која уживаме искрено на загинувањето на 80 припадници на армијата на ордата. <...> Падна авион на Министерството за одбрана на РФ... Имам само една желба - да однесам пред амбасадата на оваа орда шише Бојаришник“.
Имаше и такви кои повикаа да не се сметаат овие реакции како мислење на целиот украински народ. „Глупаво е да кажеме дека тоа не е напишано од Украинците. Тоа се луѓе без ДНК, каква е разликата каков е тој според пасошот - луѓето кои го пишуваат тоа, се без минато и без иднина - рече во своето видеообраќање украинскиот блогер Анатолиј Шари. - Таму кој загина, војници ли? Не, обични луѓе ... би сакал искрено да се извинам заради овие луѓе (дел од Украинците - заб. ред.). има милиони мои сонародници, кои никогаш не би го направиле тоа“.
Во Русија за многумина остана несфатлива реакцијата на некои либерални заедници. Голем одѕив предизвикаа позициите на социјалните мрежи на светскиот аналитичар Божена Ринска и на новинарот Аркадиј Бабченко.
„Станувам [наутро] и што ќе видам. Целиот ансамбл Александров... целиот! Не целата екипа на НТВ ... Но, зошто токму музичарите? Зошто еден прекрасен ансамбл? Благодарам, се разбира, на Господ за бонусот во форма на екипата на НТВ, но останатите зошто?“ - напиша Божена, но подоцна постот беше избришан од администраторот на Фејсбук. Божена ја објасни својата позиција со тоа што во 2013 година „само што не умрела поради физичко гонење од НТВ“.
„Кај мене нема ниту сочувство, ниту жал. Не им изразувам сочувство на роднините и на блиските. Како што не изрази ниту еден од нив. Продолжуваат да пеат и да танцуваат во поддршка на власта или да го загомнуваат екранот на телевизорот дури и по својата смрт. Имам само едно чувство - да плукам“, изјави Бабченко и истакна дека загинатите биле организациски соработници на Министерството за одбрана на Русија.
Други најдоа директна врска помеѓу трагедијата и активностите на Русија во Сирија, па побрзаа да ја префрлат вината врз претседателот на РФ Владимир Путин, ширејќи го низ социјалните мрежи постот „не е ли време да заврши тренингот“, со пресметување на сите воени загуби на Русија во Сирија, списокот на загинатите над Синај во октомври минатата година (224 лица) и убиството на амбасадорот на РФ во Турција.
„Како да се однесуваме кон тоа - тоа е лична одлука на секој, но да се расудува за законитости на смртта е ниско и недостојно“, напиша новинарот и член на претседателскиот Совет за развој на граѓанското општество и правата на човекот Станислав Кучер. „Може да сте против Путин, против војната воопшто и против руските воени операции во Сирија. Може да не гледаат телевизија и да ја презирате пропагандата. Но, да се радувате јавно на смртта на свои сограѓани (или да го изразувате своето „неутрално“ мислење за темата со фрази како „воопшто не ми е гајле“, „воопшто не ми е жал“, итн. во овој дух) - не бива... Едноставно помолчете“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче